Од Божикното послание на Константинополскиот патријарх Вартоломеј
 
 
 
 
 

Од Божикното послание на Константинополскиот патријарх Вартоломеј (09.01.2020 10:37)

+ Вартоломеј

по милоста Божја Архиепископ Константинополски,
на Новиот Рим и Вселенски Патријарх,
до сета полнота на Црквата
благодат, милост и мир
од родениот во Витлеем Спасител Христос

 

Возљубени браќа и сестри во Господ,

            Откако уште еднаш го дочекавме великиот празник на Господовото Рождество, Го славиме со химни и духовни песни Оној Кој се истошти Себеси заради нас и ја зеде нашата плот за да нè избави од ропството на злото и за да ги отвори дверите на рајот за човечкиот род. Црквата Христова се радува како што литургиски ја доживува целата тајна на Божествениот Домострој и ја предвкусува славата на есхатолошкото Царство, давајќи добро и благочестиво сведоштво на вера, надеж и љубов во светот.

 

            Особеноста на Црквата, иако „не е од овој свет“, не ја изолира Црквата од историската и општествената реалност, туку ги вдахновува и укрепува своите сведоци. Постојано земајќи ја предвид вечната предназначеност на човекот, Црквата, значи, им служи на човековите егзистенцијални потреби, поливајќи ги, како добриот Самарјанин, со „елеј и вино“ неговите рани, станувајќи му „ближен“ на секој „што ќе падне во рацете на разбојниците“ (Лука 10, 25–37), исцелувајќи ги современите „културни болести“ и просветлувајќи ги умовите и срцата на луѓето.

            Исто како и присуството на Светиот Дух во животот на верните, духовноста е сведоштво во слово и на дело за надежта што ја имаме, и таа нема ништо заедничко со бесплодната затвореност. Светиот Дух е Животодавец, ризница на добра, Дарител на дарови, живот и светлина. Христијанинот е човечко битие кое гори, Го љуби Бог, човештвото и убавината, активно и креативно.

 

(извадок од Божикното послание на

Константинополскиот и Вселенски Патријарх Вартоломеј)