Патријархот Вартоломеј го прослави својот 80-ти роденден
 
 
 
 
 

Патријархот Вартоломеј го прослави својот 80-ти роденден (29.02.2020 18:43)

Во сабота, 29 февруари 2020 лето Господово, Неговата Сесветост, Архиепископот на Новиот Рим – Константинопол и Патријархот Вселенски г. Вартоломеј, го прослави својот јубилеен 80-ти роденден.

Роден како Димитриј Архондонис на 29 февруари 1940 година, на островот Имврос, во денешна Турција, Неговата Сесветост Вартоломеј во месец октомври 1991 година беше избран за 270-ти Архиепископ на 2000-годишната Црква основана од свети апостол Андреј, служејќи ревносно како Архиепископ на Константинопол – Новиот Рим и како Вселенски Патријарх.

Неговата исклучителна личност, солидното теолошко и повеќестрано образование и личното искуство го покажуваат Патријархот Вартоломеј како еден богопросветлен и пожртвуван Архипастир на Црквата Христова, татко на сите православни, мудар водач на Црквата, достојно прв меѓу еднаквите, кој неуморно и макотрпно работи на нивата Господова, според зборовите на Спасителот Господ Исус Христос, „сите да бидат едно“.

Патријархот Вартоломеј е личност позната по своето визионерство и широчина, духовен водач кој непрестајно се залага за единство во Црквата Христова, за заемна почит меѓу инославните и иноверните, како и за подигнување на еколошката свест на глобално ниво. Не случајно, тој е наречен „Зелениот Патријарх“.

Вселенскиот Патријарх досега е награден со многу почесни докторати, од престижни академски институции, како на пример, универзитетите на Атина, Солун, Патра и Јанина (Грција), Џорџтаун и Јеил (САД), Флиндерс и Манила (Австралазија), Лондон, Единбург, Левен, Москва, Болоња и Букурешт (во Европа). Тој зборува грчки, турски, италијански, германски, француски и англиски, а исто така, течно говори и старогрчки и латински.

Неговата улога како Вселенски Патријарх и прв духовен водач во православниот христијански свет продолжува да добива сѐ поголемо значење и виталност на глобално ниво.

извор: bigorski.org.mk