Лекар сум и знам што се тоа вируси, но во Путирот е живот
 
 
 
 
 

Лекар сум и знам што се тоа вируси, но во Путирот е живот (17.04.2020 05:54)

Свештеник Алексеј Тимаков, настојател на храмот „Свети Никола Чудотворец“ при Центарот за борба со туберкулоза (ЦБТ), Преображенски гробишта, Москва:

Во нашиот храм „Свети Никола Чудотворец“ при Центарот за борба со туберкулоза, по правило Литургија се служи двапати, во текот на седмицата и во недела. Доаѓаат и пациенти, и поранешни болни за кои храмот станал родно место, како и медицински сестри. Обично исповедам по завршувањето на богослужбата, а потоа се причестуваат сите што сакаат. Не барам од луѓето потврда, не ги прашувам од кој вид болест патат – сите приоѓаат за Причест по редот што самите го прават. На службата оваа недела присуствуваа дванаесет луѓе, шест пациенти и шест парохијани. Двајца пациенти првпат се причестија. Се случува човек да се разболи и да почне на поинаков начин да се однесува кон животот, кон својот однос со Бог. Откако верниците на крајот од богослужбата ќе пристапат за да го целиваат крстот, во олтарот употребувам сè што ќе остане во Путирот.

Понекогаш ме викаат на одделот за реанимација. Повторно ќе кажам, каков вид туберкулоза има човекот кому му е потребна Причест, отворен или затворен, не ме интересира. Му приоѓам со Путирот. Доколку во него остане нешто, го носам во олтарот и повторно сè употребувам. А кога одам да причестам деца, не ги прашувам каков вид болест имаат.

По професија сум лекар, завршив медицина и работев осумнаесет години во итна помош како реаниматолог. Многу добро знам што се вируси и инфекции, и како се пренесуваат. И доколку би било можно човек да се зарази преку Светите Дарови, тогаш јас сигурно би се заразил, и тоа не само јас.

Замислете само колку луѓе доаѓаат во храмот за богослужба во градската зона? На пример, во 70-те и 80-те години кога немало многу храмови, тие биле преполни со народ. Во тој период мојот татко служеше во храмот „Свети Никола“, во Кузњец, и за време на Великиот пост таму имало и до 1500 причесници. Замислете, стојат двајца или тројца свештеници со Путири и секој од нив причестува по 450-550 парохијани. А потоа, сѐ што ќе остане употребуваат ѓаконите и свештениците. А колку луѓе, пак, доаѓаат на патријаршиска служба!   

Мислам дека од сиот тој народ што доаѓа во храмот, мнозинството боледува од некоја инфекција и се причестува! А свештениците и ѓаконите, потоа, без колебање, го употребуваат сето тоа, и не помнам дека некој се разболел. Токму тоа за мене е доказ дека во Путирот се Христовите Тело и Крв.

Литургијата, која можеби и претрпела некои промени, е востановена пред 1700 години од страна на светителите Василиј Велики и Јован Златоуст (се мисли на самиот текст на денешната Литургија – заб. прев.). И еве, веќе 1700 години свештениците го причестуваат народот при секоја неволја, при секоја болест. Ако инфекцијата се пренесуваше преку Путирот, свештениците како биолошки вид просто би изумреле.

Тоа што останале здрави и што не умреле, поинаку не можам да го објаснам освен како чудо. Со сиот скептицизам и доза на цинизам што им се својствени, веројатно, на сите лекари.

Во Путирот е живот.

Извор: pravmir.ru