Руски проповедник проговори: Руската Православна Црква ја промаши својата христијанска мисија...
 
 
 
 
 

Руски проповедник проговори: Руската Православна Црква ја промаши својата христијанска мисија... (29.09.2020 20:26)

Илија Аронович Забежински живее во Санкт Петербург и е добро познат во црковните кругови, со посебни и исклучителни привилегии. Иако е мирјанин, има благослов да проповеда во црквите, иако во Руската Црква не постојат проповедници-мирјани. Во една разобличувачка објава на социјалните мрежи, Забежински ја открива трагедијата на Руската Црква: нејзината трансформација во секуларен механизам за поддршка на гео-политичките планови на Кремљ, без каков било православен духовен белег. Трагедија, која во последните години негативно и ерозивно се прошири низ светското Православие...

Руската Православна Црква ја промаши својата христијанска мисија меѓу народите на поранешниот СССР. Се занесе во играта со сомнителни проекти од типот „Руски свет“, сметајќи на поддршката од само една држава, од една власт, од еден претседател, меѓу петнаесетте други држави што се формираа по распадот на Советскиот Сојуз.

Руската Црква се погреба во непрестајните напори да ѝ биде од корист на власта на Руската Федерација, да им служи на интересите на власта на РФ, да биде спојница на државниот систем на РФ, да стане идеолошки оддел на власта на РФ, и всушност престанува да биде Руска Православна Црква. Таа станува Црква на Руската Федерација.

Поради неспособност, ја испушти можноста да стане Црква на сите.

Кога од петнаесет претседатели, се бакнуваш само со еден. Кога од петнаесет армии, благословуваш само една. Кога од петнаесет олимписки репрезентации, се молиш само за една. А народите, што ти се доверени од Бог, се разбегуваат сѐ подалеку и подалеку, кон нов живот, нови вредности, нова цел, бегајќи од центарот, од власта и државата, на кои бескрајно си им ги предал сите сили и мисли...

А ти продолжуваш да зборуваш за некакви обединувачки врски, за Рускиот свет, за тоа дека Руси и православни се – едно и исто. Односно, наместо Христос, подметнуваш некој „путин“ – земни врски, земни идеи, земни „за“, земни „против“, земни пријатели, земни противници. Ги осудуваш либералите, го осудуваш Западот, а ги величаш некои, божем, руски вредности. Тоа е безумие.

– Русија – тоа е она што сите нас нѐ обединува!

– Прозбори веќе еднаш за Христос.

– Заедничката историја, ете тоа нѐ обединува!

– Ама каква врска има тука историјата, кажи им за Христос.

– Ја добивме Великата војна!

– Оттогаш поминаа седумдест и пет години. Кажи им за вечното, кажи им за Христос.

– Ни се спротивставуваат силите на злото!

– Какви сили на злото? Па, во Америка има шест милиони православни, кои ја практикуваат верата и се причестуваат, а кај нас не повеќе од три-четири милиони.

Последните дваесет години нашата Црква премногу се измачи со прашањето дали наводниот „путин“ ќе ѝ даде да седне истовремено и оддесно и одлево од неговата страна, и сите свои сили ги потроши за решавање на оваа важна задача. За да ја постигне таа цел (заб. прев. – да му се допадне и да му биде од корист на режимот на Кремљ), нејзе ѝ беше исклучително важно постојано да го истакнува своето безусловно првенство меѓу другите Православни Цркви. Обвинувајќи го Константинопол за папизам, зарем самите не се стрмоглавивме во подивеан папизам, како во поглед на управувањето со нашата Црква така и во обидот да играме некаква водечка улога во светското православие? Апсолутно се лажеме во врска со ова прашање. Од каде потекнува ваквата наша водечка улога? Па, од тоа што зад нас стои толку моќна држава, еден „путин“. А ние, за што сме му на „путин“? Па како, ние играме главна улога во светското православие (заб. прев. – потресен е затворениот круг на самоизмама и измама во односите Држава и Црква во Русија што Забежински го опишува толку галантно).

Уште се обидуваме да го измамиме и народот. На народот му го презентираме Путин со букети во Патријаршиската резиденција, а се обидуваме да го убедиме Путин дека нашата идеологија има влијание врз умовите на 75 проценти од рускиот народ. Ама, и народот, и „путин“, а најважно, и ние самите, знаеме дека и едното и другото е лага.

Ние сме мала локална црква, со малубројна паства, што, во принцип, и не е лошо. Можеби ќе ги отфрлиме земните амбиции и ќе си спомнеме за Христос.

Еве, на пример, Австрија. Земја со осум милиони население. Од нив – три-четири милиони се активни католици. Такви се и нашите бројки. Ќе бидеме ЦРФ – Црква на Руската Федерација. Другите не нѐ сакаат. Самите сме си виновни поради тоа што не нѐ сакаат, но добро. Да ги оставиме сите на мир. Да се откажеме од заштитата на Федералната служба за безбедност (заб. прев. – служба за заштита на високи личности на Руската Федерација). Да ги истераме хомосексуалците. Да ги продадеме митрите. Да ги намалиме епархиските давачки (заб. прев. – големите финансиски давачки на парохиите кон епископите на секоја епархија, како и на секој епископ кон Московскиот Патријарх). Да ја прогласиме сервилноста за непристојна. Да ги направиме поразбирливи текстовите на богослужбите.

Добри предлози за програмата на следниот кандидат за патријарх.

Извор: romalewfronimati.blogspot.com

https://romalewfronimati.blogspot.com/2020/09/blog-post_27.html