Патријаршиско послание за Света Пасха 2021
 
 
 
 
 

Патријаршиско послание за Света Пасха 2021 (01.05.2021 06:55)

† ВАРТОЛОМЕЈ

по милоста Божја

Архиепископ на Константинопол – Нов Рим

и Вселенски Патријарх

до сета полнота на Црквата, благодат, мир и милост

од славно воскреснатиот Христос

 

Откако ја исполнивме душеполезната Четириесетница и се поклонивме на Страдањата и на Крстот Господов, еве, стоиме денес како причесници на славното Негово Воскресение, осветлени од празникот и извикувајќи ја со неискажлива радост спасителната за светот објава: „Христос воскресе“!

Сè што веруваме, сè што љубиме, сè во што се надеваме ние Православните, е поврзано со Пасха; од неа ја црпе својата живост, од неа се толкува и добива смисла. Воскресението на Христа е одговорот од Божјата љубов на агонијата и на очекувањето на човекот, но и на „нетрпеливото очекување“ (сп. Рим. 8,16) на тварта што страда заедно. Во него се откри значењето на „да создадеме човек по наш образ и подобие“ [1] и „Бог виде дека сето она што го создаде е многу добро“ [2].

Христос е „нашата Пасха“ [3], „воскресението на сите“. Ако падот [во грев] беше одлагање на човековиот ôд кон „по подобие“, во Христа воскреснатиот повторно се отвора патот кон обожение по благодат за оној што е „возљубен од Бога“. Се извршува „великото чудо“, кое ја исцелува „великата рана“, човекот. Во монументалната икона на Воскресението во манастирот Хора, го гледаме Господ на славата како слегува „до сокровиштата на адот“ и ја свргнува власта на смртта, како изгрева живоносен од гробот, исправувајќи ги родоначалниците на човештвото и во нив и целиот човечки род, од почетокот до крајот, како наш ослободител од ропството на непријателот.

Во Воскресението се објавува животот во Христа како ослободување и слобода. „Слободата … со која Христос нè ослободи [4]. Содржината, „етосот“ на оваа слобода, која, впрочем, треба да биде доживеана христоподобно уште пред да се усоврши во небесното Царство, е љубов – животната срж на „новата твар“. „Вие, браќа, повикани сте кон слобода; но слободата ваша да не ви служи како повод за угодување на телото, туку со љубов служете си еден на друг“ [5]. Слободата на верникот, втемелена врз Крстот и Воскресението на Спасителот, е стремеж кон висините и кон братот, таа е „верата, која дејствува преку љубовта“ [6]. Таа е излегување од „египетското ропство“ и од различните застранувања, од Христа дарувано надминување на интровертното и стеснето постоење, надеж во вечноста, која го очовечува човекот.

Празнувајќи ја Пасха, во Црквата исповедаме дека Царството Божјо „веќе е востановено, но сè уште не е исполнето“ [7]. Во светлината на Воскресението, светските работи стекнуваат нова смисла, бидејќи тие се веќе преобразени и преиначени. Ништо не е просто „дадено“. Сè се наоѓа во движење кон своето есхатолошко совршенство. Овој „незадржлив понес“ кон Царството, кој се доживува превосходно на евхаристиското собрание, го запазува народот Божји, од една страна, од незаинтересираноста за историјата и за присуството на злото во неа, а од друга страна, од заборавањето на Господовите зборови „Царството Мое не е од овој свет“ [8], односно разликата помеѓу „веќе“ и „сè уште не“ на доаѓањето на Царството, согласно на најбогословски кажаното дека „Царот дојде, Господ Исус, и Царството Негово ќе дојде“ [9].

Главно познание на дадената од Бога слобода на верникот е неговиот незабавен воскресенски пулс, будноста и динамичноста. Нејзиниот карактер како дар од благодатта, не само што не ограничува, туку и ја покажува нашата согласност за овој дар и го засилува нашиот стремеж и упатеност кон новата слобода, која, исто така, ја содржи и обновата на застранетата врска на човекот со тварта. Во Христа слободниот не се заробува во „земните апсолути“ како „другите што немаат надеж“ [10]. Нашата надеж е Христос, исполнетото постоење во Него, светлоста и светолитието на вечноста. Биолошката граница на животот не ја ограничува вистината на таа надеж. Смртта не е крај на нашето постоење. „Никој нека не се плаши од смртта, зашто нè ослободи смртта Спасителова. Неа ја угаси задржаниот од неа. Го укина адот, Оној Кој слезе во адот“ [11]. Во Христа слободата е „ново создавање“ [12] на човекот, предвкус и предобраз на исполнувањето и полнотата на Божјиот Домострој во „сега и секогаш“ на последниот ден, кога „благословените од Отецот“ ќе живеат лице в лице со Христа, „гледајќи Го и бивајќи гледани, непрестајно уживајќи ги плодовите од Неговата радост“ [13].

Света Пасха не е само религиозен празник, па дури и најголем за нас Православните. Секоја Божествена Литургија, секоја молитва и молење од верниците, секој празник и спомен на светиите и на мачениците, почитувањето на светите икони, „изобилието од радоста“ на Христијаните (2.Кор. 8,2), секое дело на пожртвувана љубов и братство, трпението во жалостите, непосрамливата надеж на народот Божји, се торжество на слободата, зрачат со пасхалната светлина и благоухаат со мирисот на Воскресението.

Во овој дух, славејќи го Победителот на смртта со смртта, Спасителот на светот, го упатуваме кон сите вас, по целото владение Господово, сечесни браќа и возљубени чеда на Мајката Црква, празничниот целив, благословувајќи го со вас радосно, со една уста и со едно срце, Христа во вековите.

 

Фанар, Света Пасха 2021

 

† Константинополскиот

огнен молитвеник кон Христа воскреснатиот за сите вас

 

 

______________________________

[1] Битие 1, 26.

[2] Битие 1, 31.

[3] 1Кор 5, 7.

[4] Гал 5, 1.

[5] Гал 5, 13.

[6] Гал 5, 6.

[7] Γεωργίου Φλωρόφσκυ, Ἁγία Γραφή, Ἐκκλησία, Παράδοσις, μτφρ. Δ. Τσάμη, ἐκδ. Πουρναρᾶ, Θεσσαλονίκη 1976, с. 37.

[8] Јн 18, 36.

[9] Γεωργίου Φλωρόφσκυ, цит. дело, с. 99.

[10] 1Сол 4, 13.

[11] Јован Златоуст, Огласително слово на светиот и светлоносен ден на славното и спасително Воскресение на Христа Бога

[12] Γρηγορίου τοῦ Θεολόγου, Ἔπη ἠθικά, ΒΕΠΕΣ 61, с. 227.

[13] Ἰωάννου τοῦ Δαμασκηνοῦ, Ἔκδοσις ἀκριβής τῆς ὀρθοδόξου πίστεως, Δ’, 27 (100), Κείμενον, μετάφρασις, σχόλια Ν. Ματσούκα, ἐκδ. Πουρναρᾶ, Θεσσαλονίκη 1985, σ. 452.