Патријаршиско сослужение во Света Софија Киевска
 
 
 
 
 

Патријаршиско сослужение во Света Софија Киевска (22.08.2021 03:36)

Во дворот на Света Софија Киевска, денес на 22 август 2021 година, под отворено небо, беше отслужена торжествена Божествена Литургија од страна на Вселенскиот патријарх Вартоломеј и претстојателот на Православната црква во Украина, митрополитот Киевски и на цела Украина Епифаниј.

Во Божествената Литургија учествуваа околу петнаесет илјади верници, свештеници и архиереи од Црквата на Украина, монаси од Света Гора, претставници на државата и други официјално поканети гости. Литургијата помина во умилителна и трогателна атмосфера, особено кога сите свештеници во еден глас му испеаја „Многаја лета“ на Неговата Сесветост, а присутните почнаа да викаат „благодариме“, изразувајќи ја својата благодарност за доделувањето на Томосот за автокефалија на Црквата на Украина.

По светлата Литургија, Вселенскиот патријарх се обрати на украинскиот народ, велејќи дека крштението на Рус-Украина ги зацврстило врските на Константинопол со Киев. Осврнувајќи се на состојбата што се создаде, рече дека узурпирањето на киевската катедра се случило во период кога Вселенската патријаршија се наоѓала во многу тешка состојба. Паралелно, што се однесува на автокефалијата на Црквата на Украина, рече дека во текот на многу години Мајката Црква им давала можност на сите вмешани страни да постигнат помирување на разделените и востановување на црковниот живот во единство.

Како што кажа Неговата Сесветост, Мајката Црква Константинополска, која има доделено автокефалија на многу цркви – почнувајќи од Црквата на Русија, па до последната Црква на Украина – не прави ништо друго, освен постојано давање. Истовремено, запазувајќи ја точноста, единството, постојано жртвувајќи се, раѓа и обновува помесни цркви, со цел спасително да служи за корист на народот Божји, грижејќи се за особените потреби на паствата. Уште кажа дека автокефалијата не се дава по критериум на националност, туку по критериум на користа на паствата, имајќи го предвид спасението.

Вселенскиот патријарх ја благослови цела Украина и на митрополитот Епифаниј му подари свето Миро.

 

Текст: Духовен фронт на Украина

Фотографии: Никос Папахристу