Соопштение од Светиот Архиерејски Собор на Српската Православна Црква (16.05.2022 13:36)
Откако го прими актот од Светиот Архиерејски Синод на „Македонската православна црква – Охридска архиепископија“, со кој истата го прифаќа општопризнатиот канонски статус, што ѝ беше доделен во 1959 година, од страна на Светиот Архиерејски Собор на Српската Православна Црква, и во кој изразува надеж дека Српската Православна Црква братољубиво ќе го решава и реши нејзиниот конечен канонскиот статус, по што треба да следи сеправославна согласност и прифаќање на тој статус, Светиот Архиерејски Собор одлучи:
– со благодарност кон Господ и со радост, Соборот го поздравува прифаќањето на општопризнатиот канонски статус, а тоа е статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна самостојност, доделен уште во 1959 година;
– бидејќи со ова се отстранети причините за прекин на богослужбеното и канонско општење, причинето поради едностраното прогласување на автокефалноста во 1967 година, се воспоставува целосно литургиско и канонско општење;
– со воспоставувањето на единството врз канонски основи и под услови на важење на канонскиот поредок на целата територија на Српската Православна Црква, дијалогот за идниот и евентуален конечен статус на епархиите во Северна Македонија не само што е можен, туку е и целисходен, легитимен и реален;
– во дијалогот за нивниот иден и евентуален конечен канонски статус, Српската Православна Црква ќе се раководи само и исклучиво од еклисиолошко-канонски и црковно-пастирски принципи, критериуми и норми, не гледајќи на „реалполитичките“, „геополитичките“, „црковнополитичките“ и други слични зададености или за еднострани иницијативи и не подлегнувајќи на ничии влијанија или притисоци;
– и, конечно, Соборот нема намера, по решавањето на нејзиниот статус, да ја условува новата сестринска Црква со рестриктивни клаузули во однос на опсегот на нејзината јурисдикција во матичната земја и во дијаспората, со препорака до истата да го реши прашањето на нејзиното официјално име во непосреден братски дијалог со гркофоните и со останатите помесни Православни Цркви.
Извор: СПЦ