Антиохискиот Патријарх Јован отслужи Велигденска Литургија на урнатините на црквата „Светите Петар и Павле“ во Антиохија
 
 
 
 
 

Антиохискиот Патријарх Јован отслужи Велигденска Литургија на урнатините на црквата „Светите Петар и Павле“ во Антиохија (17.04.2023 13:01)

Во историскиот центар на Великата Антиохиска црква, на урнатините на храмот „Светите Петар и Павле“, Неговото Блаженство Патријархот г. Јован чиноначалствуваше со Велигденската Литургија и среде разурнување и пропаст го објави Воскресението на Спасителот.

За време на Светата Литургија се слушна восклик „Достоен!“ Патријархот Јован го рукопроизведе о. Василиј во чин архимандрит и го постави на служба викар на Патријархот во Антиохија.

По осветувањето на јајцата и сирењето, патријархот Јован одржа трогателен говор:

– Во урнатините по разурнувањето, во црквата „Светите Петар и Павле“, ќе воскреснеме по Божјо допуштение, како што Христос воскресна и ја уништи смртта. Што велиме за тебе денес, Антиохија? Ние плачеме поради уништувањето што го гледаме, а ти денес ни велиш: Не плашете се, бидејќи Учителот е со вас. Да, драги мои, не се плашиме. Низ историјата, Антиохија била уништена неколкупати и се подигнувала и воздигнувала. Од ова свето место денес упатувам велигденска порака до сите наши деца во Антиохиската Патријаршија, им го упатуваме благословот на светите апостоли Петар и Павле, како и порака за мир до целиот православен народ. Понекогаш нè прашуваат дали имаме луѓе во Антиохија, Александрија и Мерсин. Ние велиме: Да! Дојди и види! Имаме дванаесет илјади православни христијани во овој регион, имаме цркви и парохии кои живеат со цврста вера, имаме жива Црква која сведочи за Христос Господ! Пораката за мир што ја испраќаме е вистинска и искрена порака, далеку од пароли кои зборуваат за човекови права и човечко достоинство, кои не постојат. За какви права зборуваме ако немаме информации за киднапираните епископи Јован и Павле?! Какви права имаат нашите народи кои минуваат од криза во криза?

 

Извор: Фејсбук страница на Антиохиската Патријаршија