ПАТРИЈАРШИСКО ПОСЛАНИЕ ЗА РОЖДЕСТВОТО ХРИСТОВО (2023)
 
 
 
 
 

ПАТРИЈАРШИСКО ПОСЛАНИЕ ЗА РОЖДЕСТВОТО ХРИСТОВО (2023) (23.12.2023 20:10)

+ В А Р Т О Л О М Е Ј

 

ПО МИЛОСТА БОЖЈА, АРХИЕПИСКОП НА КОНСТАНТИНОПОЛ – НОВ РИМ

И ВСЕЛЕНСКИ ПАТРИЈАРХ,

ДО СЕТА ПОЛНОТА НА ЦРКВАТА,

БЛАГОДАТ, МИЛОСТ И МИР

ОТКАЈ РОДЕНИОТ ВО ВИТЛЕЕМ СПАСИТЕЛ ХРИСТОС

 

***

 

Сечесни во Христа браќа и најсакани чеда,

По благоволение одозгора, го празнуваме и годинава, со псалми и химни и духовни песни, Рождеството според плот на предвечниот Син и Слово на Бога, односно пројавувањето на таинството на Бога и на човекот. Според Светиот Николаj Кавасила, она што се извршува на Божествената Литургија е „тајноводство на вочовечувањето на Господ“, а славословниот возглас на нејзиниот почеток: „Благословено е Царството на Отецот и Синот и Светиот Дух“, сведочи „дека преку вочовечувањето на Господ, луѓето за прв пат научија дека Бог е Три Лица“[1]. Свештениот отец возвестува дека Господ и Спасителот наш Исус Христос „прв и единствен го покажа вистинскиот и совршен човек, во однос на етосот, животот и на сѐ друго“[2].

Опфаќањето на човечката природа во Личноста на Синот и Словото Божјо и отворањето за човекот на патот на обожението според благодат, му придаваат на човека ненадминлива вредност. Заборавањето на оваа вистина води кон намалување на почитта кон човековата личност. Отфрлањето на возвишеното предназначение на човекот, не само што не го ослободува, туку и води кон разни деградирања  и поделби. Без свеста за својот Божествен происход и без надежта за вечноста, човекот се соочува со тешкотии да остане човечен, немоќен е да се справи со противречноста на „човечката состојба“.

Христијанското разбирање на човечкото суштествување принесува решение на проблемите што ги создаваат насилството, војната и неправдата во нашиот свет. Почитувањето на човековото лице, мирот и справедливоста се дар од Бога, но воспоставувањето на мирот што го донесе Христос бара соучество и соработка од луѓето. Христијанската позиција во однос на борбата за мир се темели на зборовите на Спасителот Христос, Кој благовести мир, поздравува со „Мир вам“ и ги поттикнува луѓето да ги љубат своите непријатели[3]. Откровението во Христа се карактеризира како „благовестие на мирот“[4]. Тоа значи дека за нас Христијаните, патот кон мирот е само мирот; дека ненасилството, дијалогот, љубовта, проштавањето и помирувањето имаат предност пред други начини на решавање на разликите. Богословието на мирот е јасно опишано во текстот на Вселенската Патријаршија „За животот на светот. Социјалната етика на Православната Црква“ (2020): „Ништо не се спротивставува повеќе на Божјата волја за Неговите творенија, создадени според Неговите образ и подобие, од насилството што се врши против ближниот… Можеме со право да тврдиме дека насилството е грев над гревовите. Тоа е целосна спротивност меѓу нашата создадена природа и нашиот натприроден повик за трагање на љубовно единство со Бога и со нашиот ближен… Мирот претставува вистинско откровение на подлабоката стварност на созданието, согласно со волјата на Бога и на обликот како што го замислил Он според Своите вечни совети“[5].

Мирот не е нешто што е дадено и самосмислено, туку е должност, потфат, постојана грижа и непрекината борба за негово одржување. Не постојат автоматизми и трајни рецепти. Спроти секоја закана за мирот, потребна е будност, волја за решавање на проблемите со посредство на дијалог. Големите херои на политиката се борците за мирот. Ние продолжуваме да ја нагласуваме миротворната улога на религиите, во една епоха кога религиите се подложени на критика, бидејќи, наместо да покажуваат сили на мирот, на солидарноста и на помирувањето, тие го хранат фанатизмот и насилството „во името на Бога“. Тука станува збор за извитоперување на религиозната вера, а не за феномен што природно произлегува од неа. Искрената верба во Бога е најстрогиот судија на религиозниот фанатизам. Религиите се природни сојузници на сите луѓе коишто се борат за мирот, за справедливоста и за заштитата на тварта од човечката катастрофа.

Човештвото оваа година ја одбележува 75-годишнината од Универзалната декларација за човековите права (10 декември 1948), којашто претставува синтеза на основните хуманистички идеи и вредности, „заеднички идеал кон кого треба да стремат сите народи и сите нации“. Човековите права, чијашто централна точка на референца е заштитата на човековото достоинство и на неговите индивидуални, социјални, културни, економски и еколошки услови, можат да бидат разбрани во својата иницијална динамика, доколку бидат признаени како основа и критериум за светскиот мир, кој е поврзан со слободата и со справедливоста. Во оваа смисла, иднината на човековите права и на мирот е поврзана и со придонесот на религиите кон целта за почитување и реализација на истите.

Со вакви размислувања и со празнични чувства, во целосна увереност дека животот на Црквата сам по себе претставува отпор кон нечовечноста, од каде и да произлегува таа, секогаш ве повикуваме на добрата борба за изградба на една култура на мир и помирување, во која човекот ќе гледа во својот со-човек свој брат и пријател, а не сплеткар и непријател, и потсетувајќи ве сите вас, браќа и чеда, дека Божик е време за самоспознание и за благодарност, за откривање на разликата меѓу Богочовекот и „човекобогот“, за осознавање на „великото чудо“ на слободата во Христа и за исцелувањето на „големата рана“ од отуѓувањето од Бога, со длабока почит свиваме колена пред Онаа Која во своите прегратки Го држи воплотеното Слово, Богомајката Марија, и пренесувајќи го до вас благословот на Светата Мајка, Великата Христова Црква, ви посакуваме среќен, здрав, доброплоден, мирен и радосен нов претстоен годишен круг на благоста Господова.

Божик 2023

+ Константинополскиот

огнен молитвеник кон Бога за сите вас

 

 

_______________________________________ 

1. Εἰς τήν Θείαν Λειτουργίαν, ΙΒ’, PG 150, 392D.

2. Περί τῆς ἐν Χριστῷ ζωῆς, ΣΤ΄, PG 150, 680C.

3. в. Матеј 5,44.

4. Ефес. 6,15.

5. § 42, 43 и 44.