Интервју со јеромонахот Никита од светогорскиот Манастир Пантократор
 
 
 
 
 

Интервју со јеромонахот Никита од светогорскиот Манастир Пантократор (08.06.2024 11:40)

Во текот на историјата и животот на Црквата, со цел запазување на православната вера, биле основани институциите на соборноста и на Пентархијата. Секоја Патријаршија се обврзала да пастирствува со одредена област, што е одредена со соодветни повелби. Надвор од ова, тие не можат да спроведуваат каква било власт или каква било црковна дејност без благослов на Патријархот од областа.

Еднаквите старешинства по чест биле основани на Четвртиот Вселенски Собор во Халкидон во 451 година. Меѓу петте Патријаршии што биле утврдени: Ерусалим, Антиохија, Александрија, Рим и Константинопол, последните две имале еднакви старешинства. Првенството на Константинопол било воспоставено во текот на историјата и одлуките на Вселенскиот собор не биле спорни. По расцепот со Римската Патријаршија, Константинополската Патријаршија останува единствената Патријаршија во заедницата, којашто има старешинство по чест.

Разговор за првенството на Вселенската Патријаршија со јеромонахот Никита од светогорскиот Манастир Пантократор (превод на говорот од видеото).

Во првите четири века Римскиот (епископ) бил прв меѓу еднаквите по чест во структурата на Пентархијата и го имал старешинство по чест. Тоа старешинство му било дадено и на Вселенскиот Патријарх на Четвртиот Вселенски Собор. По подалбата, пак, на Црквите, тој (т.е. Вселенскиот) остана единствениот кој го има тоа старешинство. Првенството во Православната Црква има одредена функција и е поврзано со смислата на соборноста. Онаму каде што има собор, таму има и еден прв кој повикува и претседава. Не постои собор без прв, ниту пак, постои прв без собор. И Римскиот бил прв во рамките на Пентархијата и затоа Црквата го дарувала со некои уникатни надлежности и кон него сите прибегнувале (за апелација).

Во оваа смисла, првенството функционирало како послушание во Црквата. За Источната Црква првенството останува суштински по послушание, каде што првиот е секогаш оној што служи на другите. Не првенство според власт, како што е кај Римокатолиците, каде што Папата е прв меѓу нееднаквите, епископ на епископите. Ова првенство е неприфатливо за православната еклисиологија…

Карактеристично е спомнувањето на  Томосот што му бил даден на Патријаршија на Русија во 1590 година, каде што Константинополскиот (Патријарх) е наведен како „глава и почеток на сите Цркви“. Пишува: „Во царскиот град Москва исповедаме и извршуваме востановување и назначување на Патријархот господин Јов, кој како глава и почеток го има оној кој е на Апостолскиот Трон, Константинополскиот, како и другите Патријарси“.

Како што можеме да утврдиме старешинството по чест на Константинополскиот Патријарх било прифатено од сите помесни Цркви, коишто го сметале како почеток и глава. Старешинството по чест не е само едно просто предводење. Тоа има и некои надлежности. Двете суштински и неопходни функции на Вселенската Патријаршија се следниве:

Прво, привилегијата што ја има Вселенската Патријаршија да прифаќа апелациско прибегнување од страна на клирици на други помесни Цркви.

Римскиот (епископ), со четвртиот и петтиот канон на Сардикискиот Собор во 343 г., го примил правото да пресудува случаеви од други Цркви. Со дваесет и осмиот канон на Четвртиот Вселенски Собор, каде што на Константинополскиот (патријарх) му се доделуваат еднакви привилегии и чест, оваа привилегија, како и сите други, му биле дадена и на Вселенскиот Трон. Но, за да не постои никакво недоумение во однос на темата за апелациско прибегнување (еклитон) и за прибегнатите кон Вселенската Патријаршија, истиот вселенски Собор, Четвртиот, одредил и други два канони, деветтиот и седумнаесеттиот, со што го прави јасно ова право на Вселенскиот Патријарх да прифаќа апелација на прибегнати од други помесни Цркви. Нешто што и не би било неопходно, како што видовме, затоа што, штом ги примил еднаквите привилегии на чест, автоматски го прима и правото да испитува случаеви на други цркви, односно истите (привилегии) што Римскиот (епископ) веќе ги имал примено.

Оваа древна пракса на Црквата ја потврдиле и четирите Патријарси на Истокот во 1663 г. Значи, 1200 години по предавањето на оваа одговорност на Константинополскиот (патријарх). На прашањето на рускиот клир: „Дали на Константинополскиот Трон му припаѓа секој суд на другите цркви и на него му се дава секој предмет за крајно црковно решавање? – Патријарсите одговорија дека: „оваа привилегија што му припаѓаше на римскиот папа пред да се отцепи од Соборната црква… но сега, откако тој се отцепи, прашањата од сите Цркви се упатуваат до Константинополскиот Трон и од него добиваат решенија“. Целата пракса, значи, на Црквата низ вековите покажува дека Константинополскиот ја има, покрај другите, и оваа одговорност. Сите предмети го наоѓаат своето крајно решение во Вселенскиот Трон, неотповикливо, откако ќе бидат спроведени во помесните Цркви.

Второ, сите понови Цркви ја примија својата автокефалност од Константинопол. Томосот за Автокефалија не е една билатерална согласност, туку едностран акт на Константинополскиот (Патријарх), којшто (на Црквите им) бил даден не толку заради духовни причини – бидејќи не постоел проблем во духовното пастирствување на овие народи од Константинопол – туку им бил даден поради политички причини, за да можат овие држави да го уредат внатрешното функционирање на своите Цркви. Ова се случи при секоја автокефалија, без да има сеправославен Собор и постана свештено предание и свештена пракса на Православната Источна Црква. Под светата, стабилна, неподелива, долговечна, црковна и сеправославна совест се има создадено црковен обичај којшто автентично го толкува ваквото право на Вселенскиот Патријарх еднострано да издава автокефалии.

(Преземено од веб сајтот на Бигорски Манастир Св. Јован Крстител   bigorski.mk )