Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса
 
 
 
 
 

Монашки и свештенички семинар во митрополијата на Киншаса (06.09.2024 21:29)

Со Божја благодат и благослов на Неговата Светост Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, во Митрополијата на Киншаса, во Конго, се одржаа семинари за монасите и свештениците. На 31 август, во манастирот „Свети Атанасиј Атонски“, во богословијата, се одржа монашки семинар, откако претходно беше отслужена Божествена Литургија.

Потоа, во просториите за монашки средби беа одржани три предавања на тема: основните монашки доблести, од страна на Митрополитот на Киншаса г. Теодосиј, игуменот на манастирот на „Светите Апостоли“ (од митрополијата на Катанга) Архимандрит Варнава (онлајн) и од протосингелот на митрополијата, Архимандрит Герасим.

Следеше долга дискусија помеѓу говорниците и монасите, што го зајакна нивниот призив за монашки живот и духовна борба. Исто така, се одржа дводневен свештенички семинар, во вторник и среда, во истото место, за сите свештеници на митрополијата (околу 35), а некои од нив дојдоа од најдалечните делови на митрополијата. Богословијата ги прими сите свештеници, додека нивното престојување таму беше повод за братска комуникација и радост. Секојдневно беа служени богослужби со учество на сите присутни свештеници.

На почетокот на работата на семинарот, Митрополитот Теодосиј им ги пренесе на сите љубовта и благословот од нивниот Патријарх, кој секојдневно многу се вложува во мисионерската работа на Александриската Патријаршија. Тој им ја пренесе грижата на Патријархот и неговите континуирани напори за напредокот на Патријаршијата, која има 2000 години историја. Овогодинешните семинари имаа заедничка тема – таинството на Исповедта, со предавачи Митрополитот на Патрија г. Хризостом и Високопреосвештениот Епископ Таландијски г. Епифаниј, кои ги развија своите теми преку интернет. Тие зборуваа за дефиницијата на гревот, основањето на таинството од самиот Христос, заповедта дадена на Апостолите и продолжението на тајната во Црквата до денес преку свештениците. Говореа и за обврската на личната исповед на свештеникот, честа од Бога да бидат управители на Божјата милост и нивната одговорност кон народот.

Отците поставуваа прашања и се радуваа на задоволувачките одговори што ги добија. Митрополитот на Киншаса г. Теодосиј со благодарност се осврна на Митрополитот на Патрија, чија митрополија е поддржувач на мисионерската работа на митрополијата на Киншаса, додека со љубов се осврна и на Високопреосвештениот Епископ Таландијски г. Епифаниј, со кого е поврзан преку заеднички духовни врски.

Излагања имаа и Митрополитот на Киншаса г. Теодосиј, протосингелот Архимандрит Герасим и главниот Архијерејски заменик Проф. Клавдиј. На крајот од излагањата се одржа опсежна дискусија за многу теми кои се однесуваат на парохиската дејност. Исто така, Митрополитот имаше индивидуални средби со свештениците кои служат во оддалечените делови на митрополијата и ги слушна нивните новости, вестите за нивните мисионерски активности и катихетска работа, нивните тешкотии и даде упатства и насоки. Свештеничкиот семинар заврши со вечерна богослужба.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/patriarxeia/patriarxio_aleksandrias/monastiko-kai-ieratiko-seminario-sti-mitropoli-kinsasas/