Историја на празнувањето на Богојавление
 
 
 
 
 

Историја на празнувањето на Богојавление (26.01.2009)

 

 

Случувањата на Крштевањето на Господ Исус Христос и објавувањето на Светата Троица, како што се опишани во Библијата, се празнуваат со длабока почит во текот на многу години. Со завршувањето на прогоните на христијаните, започнало да се развива празнувањето на Богојавление, кое се нарекува и Празник на Светлината. Празнувањето на Богојавление е поттикнато од активностите на гностицизмот. Неговиот најбитен принцип е идејата дека личното спасение доаѓа повеќе преку знаењето и спознанието, отколку преку верата или подвигот.

 

6-ти (12-ти) јануари е одреден како ден за празнување на Богојавлението, затоа што на тој ден бил роденденот на Еон, богот заштитник на Александрија. Гностиците Го сметале Христос како еден од Еоните (богови заштитници) во нивниот детално обработен систем.

 

Спротивно на овие еретици, Православната Црква дејствувала за да ги заштити своите следбеници од ова искривување, со тоа што го дефинирала Богообјавувањето на Светата Троица, односно објавувањето на Бог на Крштевањето на Исус Христос. Првиот недвосмислен доказ на ова празнување е запишан кај Ammianus Marcellinus, каде што овој пагански римски историчар спомнува дека Јулијан Отстапник учествувал на празнувањето на овој ден во Виена кај Галите.

Православната Црква му ја дала на овој празник неговата вистинска важност и значење и започнала да го слави овој празник токму на истиот датум (6-ти јануари) за да му се спротивстави на тој начин на лажното прославување на гностиците. Најверојатно, празникот Богојавление им било предадено на Галите, под неговото грчко име, од Свети Атанасиј Александриски.

 

Познато е дека на Исток, Раѓањето Христово се славело заедно со Богојавление на 6-ти јануари, додека на Запад Раѓањето Христово се славело пред да знаат за празникот  Богојавление. Овој факт е еден од оние кои ги истакнуваат разликите во сфаќањето на содржината на Богојавление на Истокот и на Западот. Всушност, на Исток, прославувањето било фокусирано на Богообјавувањето на Христос, просведочено од другите две Личности на Света Троица и е поврзано со Неговото Раѓање. Ерменските монофизити, кои ја негуваат старата традиција на спојување на Раѓањето со Богојавлението (Божик со Богојавление), сѐ уште го прославуваат Раѓањето Христово вечерта на 5-ти јануари, а Богојавление со осветување на водата на 6-ти Јануари.

 

Во Западната Црква, Богојавление е посветено на сеќавањето на трите настани: Крштевањето на Исус; доаѓањето на Мудреците во Витлеем; и чудото во Кана (претворање на водата во вино), со кое Западната Црква го прославувала чудото на Христос и објавувањето на Неговата моќ на светот да прави чуда.

 

НА ИСТОКОТ, Раѓањето Исусово, откако било воведено од Запад, било одредено да се почитува и на 25-ти декември, можеби повторно под влијание на еретичките Ариевци од Антиохија. Ова се случило околу педесет години откако бил одреден денот на Богојавление. Всушност, Св. Василиј и Св. Григориј се обидувале да направат разлика помеѓу двата празника, именувајќи го  со називот „Богообјавување“ денот на Раѓањето Христово на 25-ти декември, а задржувајќи го називот „Богојавление‘‘ за прославување на 6-ти јануари. Сепак, тоа бил неуспешен обид.

 

Во Православната Црква, спротивно на еретиците, прославувањето на Богојавление почнало помасовно да се прославува од две причини: прво, спротивно на празнувањата од страна на еретиците и паганите; и второ, заради значењето на самиот празник, така што прославувајќи го Вистинскиот Бог Света Троица, катихумените се крштевале на овој ден.

 

Северијан, Владиката на Гавалон, нагласува дека во Црквата, секогаш има изобилие на светлина на овој празник, бидејќи христијаните држат запалени свеќи. Истото е забележано и од свети Ефрем Сирин, во неговата беседа за Богојавление (9-ти стих). Заради ова изобилие (богатство) на светлина, прославувањето на Богојавление станало познато како „Прославување на Светлината‘‘. Свети Григориј Назијанзин, во неговата многу позната „Беседа за Светлината‘‘ вели: „Вчера прославувајќи го пресветлиот ден на светлината.... денес ќе беседиме за крштевањето.‘‘ Од тоа незаборавно празнување, настанот е именуван „Празник на Светлината‘‘.            

 

Светите Ефрем, Златоуст и другите раскажуваат дека верните, пред да се изврши крштевањето на катихумените, добивале малку осветена вода, која потоа ја носеле во своите домови. Оваа богослужба се случувала вечерта или, пак, околу полноќ, на 5-ти јануари. И до ден денешен, Источната Црква ја извршува оваа света Вечерна служба со осветување на вода, која се служи и на 6-ти јануари наутро. Во Црквата, Вечерната служба и вечерното биење на камбаните секогаш се сметаат за почеток на утрешниот ден.   

Од оваа причина, Вечерното богослужение на 5-ти јануари е почеток на прославата на 6-ти јануари.

 

Во раните векови на христијанската Црква, ноќта наспроти 6-ти јануари, стотици новообратени го чекале својот ред да се спуштат 5 степеника подолу, во водата, и да бидат крстени во името на Отецот, Синот и Светиот Дух. Држејќи запалени светилки во рацете, мажи и жени од различни општествени слоеви биле овде заедно. Нивните појави биле просветлени одвнатре, од нивната свест, после нивното подготвување да Го спознаат Вистинскиот Бог, и да ја практикуваат верата служејќи Му Нему, и помагајќи им на своите браќа во Негово име.   

 

Откако крштевањето на бебиња станало вообичаена пракса, подготовката на катихумените престанала да постои, и следователно праксата на масовно крштевање на 5-ти јануари била напуштена. Осветувањето на водата, пак, се задржала со векови; сега е обичај, од една страна, луѓето да носат осветена вода во своите домови, а од друга страна,свештениците ги посетуваат домовите на многу верници во својата парохија, и со почит ги прскаат домовите или полињата со света вода (5-ти јануари).

 

Ние ги поврзавме поединостите за потеклото на празнувањето на Богојавление и воспоставувањето на неговото богослужбено правило, прво, за да го истакнеме фактот дека ова празнување е најстаро; второ, да го покажеме значењето на Богојавление на Истокот и на Западот; и трето да се запознаеме со настаните кои се случиле на вистинското Богојавление.  

 

Извор: Goarch.org