Свети Атанасиј Велики
 
 
 
 
 

Свети Атанасиј Велики (31.01.2009)

Глава 1.

Родословот на Исус Христос. Христос е и Свештеник и Цар. Он е Свештеник затоа што Самиот Себе се принесе како жртва за нас. Он е Цар затоа што се зацари да ги победи гревот и смртта.

Колена четиринаесет. Зошто за колената е речено: колена четиринаесет, кога се наведени дванаесет? Мислам затоа што Евангелистот под едното колено го подразбирал самото преселување (вавилонско), а под другото – Христос.

Глава 2.

Бидејќи ја видовме Неговата ѕвезда на Исток. Кога за секој човек би постоела ѕвезда на небото, зошто тогаш небото се исполнило со безмерно и безбројно мноштво ѕвезди во третиот ден, а Адам е создаден во шестиот ден?

А дека со нашите дела не управуваат судбината, раѓањето, движењето на ѕвездите, јасно е од следното. Ако сè што се случува зависеше од спомнатото, а не од човековата слободна волја, зошто тогаш казнуваш слуга фатен во кражба, зошто ја судиш жената прељубница? Што се срамуваш кога ќе направиш нешто лошо? Зошто не можеш да истрпиш збор што те прекорува? Ако некој те нарече прељубник, или блудник, или пијаница, или нешто слично, зошто тогаш тоа го сметаш за навреда? Ако твојата слободна волја не е во тоа да грешиш, тогаш и за она што си направил нема твоја вина, ниту во тоа што си кажал нема навреда. Но, тогаш, бидејќи не му простуваш на оној што згрешил, а и самиот, кога ќе направиш нешто лошо, се срамуваш и настојуваш тоа да го сокриеш, а за оној што тебе ти припишува лоша постапка сметаш дека те навредува, со самото тоа признаваш дека нашите постапки не се врзани со неопходност, туку се одликуваат со слободата на волјата. На оние кои се врзани со неопходност можеме да им простиме. Ако некој бесомачен ни ги искине алиштата или не удри, ние не само што не го прекоруваме, туку го сожалуваме и му простуваме. А зошто? Затоа што тој тоа не го направил со слободната волја, туку принуден од зол дух. Заради тоа, кога и другите грешки би настанувале по неопходност и по неизбежна судбина, тогаш ќе простувавме. Но, бидејќи знаеме дека тоа не е неопходно, не простуваме – ниту господари на слуги, ниту мажи на жени, ниту жени на мажи, ни татковци на деца, ни старешини на потчинети, туку напротив, стануваме строги мачители и казнувачи на дрскост, прибегнуваме кон судови, виновните ги подложуваме на удирање, ги караме, и преземаме сите мерки да ги одвратиме од злото.