Свети Макариј Велики
 
 
 
 
 

Свети Макариј Велики (01.02.2009)

Се враќаше еднаш авва Макариј од оазата носејќи палмови гранчиња, и ете, на патот го сретна ѓаволот, кој носеше срп и сакаше да го удри, но не му успеа. Па му рече: „Многу сила има во тебе, Макариј, и не можам против тебе. А еве, ти што правиш, и јас правам: ти не јадеш, ни јас не јадам; ти бдееш, јас, пак, воопшто не спијам; само во едно ме победуваш.“
Го праша авва Макариј: „Што е тоа?“ А тој одговори: „Твоето смирение, и заради тоа не можам да те совладам.“

***

Поминувајќи еднаш низ пустината авва Макариј наиде на череп од некој мртовец фрлен на земја, па кога го помрдна со стапот, тој проговори.

Авва Макриј праша: „Кој си ти?“ Черепот му одговори: „Јас сум првосвештеник на идолите и идолопоклониците кои беа на ово место; а ти си Макариј духоносец, кој кога ги сожалува оние кои се наоѓаат во пеколот и кога ќе се помоли за нив, малку се утешуваат.“ Старецот го праша: „Во што е утехата, во што е казната? Черепот му одговори: „Колку што е оддалечено небото од земјата, толкав е огнот под нас додека стоиме насред оган, од нозете до главата; и не може никој со никого да се види лице во лице, туку лицето на секого е затскриено со грбот на другиот. А ти кога се молиш за нас, тогаш малку се гледа лицето на другиот. Во тоа е утехата.“ Заплака старецот и рече: „Тешко на денот во кој се роди човекот, ако во тоа му е утехата од казната.“ Го праша старецот: „Има ли други поголеми маки?“ Черепот му одговори: „Ние, како оние кои не знаевме за Бог, барем малку сме поштедени; додека оние кои знаеја за Бог, па се откажаа од Него, се наоѓаат под нас.“ И земајќи го черепот, Старецот го закопа.

***

Говореше авва Макариј: „Колку повеќе се сеќаваме на злото коешто ни го нанесувале луѓето, толку тоа нè оддалечува од Бог. А кога веднаш го забораваме, демоните не се осмелуваат да нè нападнат.“

 ***

Еден ден најмладите браќа од скитот дојдоа кај авва Макариј и го прашаа: „Како да се молиме?“

Старецот им рече: „Нема потреба да кажувате многу зборови, доволно е човекот да го насочи својот ум кон небесата и да каже со сета своја душа: ‘Господи, помилуј, како што знаеш и како што сакаш’. Тоа е молитва.“

„Повторно, кога (човекот) ќе почувствува силен напад од ѓаволот врз себе, или од демонот на пониските страсти, нека прибегне со вера при Небесниот Отец и нека повика со солзи пред Него, не со устата, туку со срцето: ‘Помогни ми, Господи!‘. Он го знае начинот како да ѝ помогне на душата која припаднала при Него со вера.“