Свети Максим Исповедник
 
 
 
 
 

Свети Максим Исповедник (03.02.2009)

„Љубовта е добро расположение на душата, според кое таа ништо од постоечкото не му претпоставува на познанието на Бог. Невозможно е да ја задобие оваа љубов оној кој е врзан за што и да е земно.“

***

„Ако е душата подобра од телото, а Бог неспоредливо подобар од сѐ што е создадено од Него, тогаш оној кому телото му е поважно од душата и создаденото од Бог од Него Самиот, тогаш тој по ништо не се разликува од идолопоклоник.“

***

„Делото на љубовта е сесрдно доброчинство кон ближниот, долготрпение, трпение и на правилен начин употребување на сите нешта.“

***

„Кога некој сака нешто тогаш на секој начин посакува тоа да го задржи и го презира сето она што во тоа му пречи, само да не остане без тоа што го сака. И оној кој Го сака Бог се подвизува во чиста молитва и секоја страст што му пречи ја отфрла од себе.“

„Ако едните ги мразиш, другите ниту ги сакаш, ниту ги мразиш, а некои, пак, ги сакаш умерено, некои многу, тогаш од оваа неуедначеност на љубовта разбери дека си далеку од совршената љубов која те побудува подеднакво да го сакаш секој човек.“

„На оној кој го сакаш, секако настојуваш и да му служиш. Значи, ако некој Го сака Бог, секако настојува да го прави она што Му е Нему угодно, а ако некој го сака телото, тогаш го прави она што му е угодно на телото.“

„Луѓето не го ценат златото толку заради некоја потреба, туку заради тоа што златото им служи за многу уживања.“

„Постојат три причини на љубовта кон богатството: сластољубието, суетата и неверието. Но, полошо од првите две е неверието.“

„Сластољубивиот го сака среброто затоа што со помош на тоа раскошно живее. Суетниот, пак, со него да се прослави; а неверниот за да го сокрие и чува, плашејќи се од гладот што доаѓа или од старост, или болест, или прогонство и повеќе се надева на своето сребро отколку на Бог Создателот на секоја твар и Промислител и за најпоследните и најмалите созданија.“

„Постојат четири групи луѓе кои собираат богатство: три се погоре споменати, а во четвртата спаѓа економ. Очигледно е дека само овој правилно го собира богатството, за раздавајќи секому според потребата, никогаш да не осиромаши.“

„Приведувајќи ја во постоење умната и разумната природа, Бог според Неговата највисока добрина на сите созданија им ги предаде четирите Свои својства што ги одржуваат, чуваат и спасуваат: постоење (битие), бесмртност (вечно битие), добрина (благобитие) и премудрост. Првите две ѝ припаѓаат на природата, а вторите две на слободната волја. Значи, на природата ѝ е подарено постоењето и бесмртноста, а на слободната волја добрината и премудроста за она што е Бог по Својата суштина созданието да биде по благодат. Затоа се вели дека сме создадени според образот и подобието Божјо. Според образот, значи, како битие на Оној Кој Е и како бесмртно битие на Оној Кој вечно постои, иако не и собеспочетно, туку според бесконечноста; а според образот на Неговата добрина и според подобието на Неговата мудрост. Првото е по природа, а второто по благодат. Секое разумно битие е создадено според образот Божји, а според подобието само добрите и мудрите.“

„Љубовта кон Бог секогаш го закрилува умот да пребива во разговор со Него, а љубовта кон ближниот прави за него секогаш добро да се мисли.“

„Многумина многу кажуваат за љубовта, а ако ја побараш ќе ја најдеш само кај учениците Христови, бидејќи само тие ја имаа вистинската Љубов, како учител на љубовта за којашто се вели: Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи, а и така силна вера, што и планини да преместувам, - ако љубов немам, ништо не сум (1 Кор. 13, 2). Значи оној кој ја стекна љубовта, Го стекна Самиот Бог, бидејќи Бог е љубов. Нему слава во сите векови. Амин!“