И со бројаницата се спасува светот (04.02.2009)
Еднаш, додека престојувавме во Новиот Скит, еден од браќата имаше помисла на сомнеж: „Еве, ние се молиме, бдееме... сето тоа е убаво. Но, дали на таков начин им помагаме и на другите или само на себеси?“ И додека се подготвуваше да ја исповеди помислата на Старецот, тој го испревари. Со лицето на кое се гладаше длабока трогнатост, му рече на братот:
„Ноќеска, дете мое, Бог ми покажа едно страшно видение. Додека се молев, во еден момент ми се покажа дека се наоѓам на една многу голема трпеза. Стоев пред некаква врата што потсетувше на царските двери во црквата. Таму внатре, во тој простор, неброено мноштво народ чекаше ред. Јас бев како прв мелничар. Таму ве видов и вас блиску до мене. Сечевте нешто како големи просфори и ми ги донесувавте мене. Останатиот народ приоѓаше во две редици, во едната беа живите, а во другата упокоените. На сите им делев по една порција благослов и сите заминуваа радосни. Меѓу нив видов многу луѓе што ми се познати, чии имиња се запишани во поменикот, и живи и упокоени.“
Потоа братот рече:
„Старче, ова што го раскажа беше за мене. Го разреши моето недоумение. Сега разбрав што значат молитвите и спомнувањето на проскомидија за целиот свет. “
„Дете мое, бидејќи те интересира, ќе ти кажам нешто повеќе за бројаницата, од животот на мојот Старец. Мојот Старец имаше во свет една сестра од чичко. Иако нејзиниот живот не беше толку добар, Старецот, сепак, многу ја сакаше. Еднаш му јавија дека неговата сестра почина, и тоа на непријатен начин. Таа правела разни гримаси, движења, зборувала лоши зборови и т.н. Издивнала во толку бедна состојба. Дознавајќи за тоа, Старецот почна да плаче. Јас се зачудив на толку голема осетливост и на толку солзи. Тој, меѓутоа, ја виде мојата мисла и ме испревари: „Не плачам јас, дете мое, затоа што таа умре, туку затоа што отишла во пеколот.“
Од тој ден Старецот започна непрекинат пост и молитва за својата сестра. Откако поминаа доста денови, го видов Старецот многу радосен.
„Што се случува Старче?“
„Да ти кажам, дете мое, бидејќи овие денови не престанував да се молам, да бдеам, да постам и да плачам заради мојата сестричка, денес имав пријатно и прекрасно видение. Додека се молев, ја видов мојата сестричка жива пред мене и таа ми рече со големо умиление: ‘Денес е ден на моето спасение. Денес се избавив од пеколот. Денес одам во рајот.’ Одненадеж, во истиот момент, го здогледав пред себе блажениот отец Георгиј. Тој е современ светител. Додека бев во светот стигнав да го запознам. Тој беше наумил, ако е возможно, сите грешници да ги извади од пеколот. Секој ден служеше Литургија и спомнуваше илјадници имиња. Потоа ги обиколуваше гробовите и по цел ден вршеше помен за упокоените. Значи, бидејќи го здогледав во видението пред себе, го слушнав како ми зборува, восхитен: ‘Бре, бре... јас до сега мислев дека упокоените се спасуваат само со Литургиите и помените, но сега видов и разбрав дека оние што се во пеколот се спасуваат и со бројаницата.’ И повторно со восхитување рече: ‘И со бројаницата се спасува светот...!’
Со ова видение бев известен дека мојата сестричка е спасена, но Бог ми ја покажа и силата на бројаницата, дека може да ја избави душата од пеколот.“
Кажувајќи му го ова на братот, потресен, Старецот му даде благослов и му рече: „Го имаш мојот благослов, и погрижи се колку што можеш, да се присилиш себеси во послушанието и молитвата, ако сакаш да си помогнеш себеси и на другите.“