Писма на Светите Царски Маченици од заточение (08.02.2009)
Фрагмент од писмо на кнегинка Олга (Тоболск)
Татко ми замоли, на сите што му останаа верни, и на оние на кои тие можат да имаат влијание, да им се каже да не се одмаздуваат за Него, зашто Тој на сите им прости и за сите се моли, и да не се одмаздуваат ни за себе, а да запомнат дека она зло, што сега владее во светот, ќе биде уште посилно, но дека нема злото да победи, туку само љубовта.
Од Господарката Царица Александра Фјодоровна
До М. С. Хитрово,
21 јануари 1918 година (Тоболск)
Мила моја голема, иако сè уште малечка, Рита!
Од сè срце Ви благодарам за скапоценото писмо. Трогнати сме што нè спомнувате, ни испративте мириси итн. Првата пратка среќно стигна. Ве молам, благодарете ѝ на Мадам Кадбиш за иконите и бројаниците, што ни ги прати сега и есента. Толку е радосно кога чувствуваш дека не си заборавен од другиот. Душичко, навистина, не треба да се паѓа со духот - колку е полошо, толку е поблиску Бог со Својата помош. Верувајте Му цврсто и непоколебливо. Тој ја спасува нашата мила, многустарадална татковина. Тој е долготрпелив и милостив, не се гневи вечно, но треба повеќе да се молиме, безропотно, со покорност и трпеливо да се чека. Има кај Бог и невреме, и сонце; ќе поминат облаците, ќе погледне црвеното “Сонценце”. Колку сонце гледаме тука, тоа нè стоплува. Набљудувајте ја природата, разбирајте ја со душа, и таа толку многу ќе Ви каже, ќе Ве утеши. Ужас што се случува насекаде, тагува човек за сите тие невини страдалници, но Тој подобро знае зошто е сето тоа потребно. Не ни се познати Неговите патишта, знаеме само дека сите патишта водат кон Него. Животот е тешка школа, трновита, но затоа таму ќе биде мир и тишина и блаженство - таму се стреми душата. И Господ ќе ги слушне молитвите на оние кои го достигнале другиот крај. За другите се мачиш, потоа горешто се молиш и Му ги предваш в раце, а Тој ќе ги сочува. Тој дава сили и утешение и душевен мир. Знаеш дека сè минува, и кога ни се чини дека е крај на сè, тогаш Тој ќе ја покаже Својата безгранична љубов и милосрдие.
Од Владателката Императорка Александра Фјодоровна
До А. А. Врубова
2/15 март 1918 година
Тоболск
Најмило мое дете! ... Набргу ќе биде пролет, и срцето ликува. Крсниот пат, а потоа Христос Воскресе! Една година како сме разделени од тебе, но што е времето? Ништо, животот е метеж, сите се подготвуваме за Царството Небесно. Тогаш нема ништо страшно. Сè може на човек да му се одземе, но душата никој не може да ја земе, иако ѓаволот го следи човекот на секој чекор, лукав е, но треба цврсто да се бориме против него: тој подобро од нас ги знае нашите слабости и ги искористува. Наша задача е да бидеме на стража, да не спиеме, туку да војуваме. Сиот живот е борба, инаку не би имало ниту подвиг, ниту награда. Зашто сите искушенија, што ни ги испраќа, се допуштени за подобро; секаде ја гледаш Неговата рака. Ти прават луѓето зло. Прими го без ропот: Тој ќе ти испрати ангел-чувар, Свој утешител. Никогаш не сме сами, Тој е секаде присутен, Сезнаен, Сама Љубов. Како да не Му се верува. Сонцето силно свети. Иако светот греши, и ние грешиме, мракот и злото владеат, но Сонцето на правдата ќе засветли, само треба да се отворат очите, дверите на душата да се држат отворени за да се примат зраците на Сонцето во себе.
Зашто ние го љубиме Него, дете мое, и знаеме дека “така треба”. Само потрпи уште малку, душичке, и страданијата ќе поминат, а ние ќе заборавиме на маките, потоа ќе бидеме благодарни за сè. Велика школа. Господи, помогни им на оние што немаат љубов за Бог во своите ожесточени срца, кои сè гледаат лошо и не се обидуваат да разберат дека сето тоа ќе помине; не може да биде поинаку, Спасителот дојде и ни даде пример. Оној кој по Неговиот пат, по стапките на љубовта и страданието оди, ја разбира величината на Царството Небесно. Не можам да пишувам, не можам со зборови да го искажам она што ми ја исполнува душата, но Ти, моја мала маченичке, подобро од сите тоа го разбираш, Ти веќе подалеку и повисоко одиш по скалата. Живееш како да си тука и не си тука, со други очи гледаш многу, и понекогаш е тешко со луѓето, иако побожни, но нешто недостига. Не дека сме ние подобри, напротив, би требало да бидеме поснисходливи кон нив. Сепак, сè уште се лутам. Тоа е мој голем грев, неверојатна глупост.
Од Владателката Императорка Александра Фјодоровна
До А. А. Вирубова
13/26 март 1918 година
Тоболск
Господ ни даде неочекувана радост и утешение, дозволувајќи да се причестиме со Светите Христови Тајни, за очистување на гревовите и вечен живот. Светло ликување и љубов ја исполнуваат душата. Се вративме од црква и го најдовме Твоето мило писмо. Како да дојде, милата, да нè поздравиш како некогаш.
Кога сето ова ќе се заврши? Кога ќе му биде угодно на Бог. Потрпи, мила земјо, и ќе стекнеш венец на слава. Награда за сите овие страданија. Се случува, ја чувствувам блискоста на Бог, непојмлива тишина и светлина свети во душата. Сонце свети и ветува пролет. Ќе дојде пролет и ќе нè израдува, ќе ги исуши солзите и крвта, пролеана над кутрата наша татковина. Боже, колку ја сакам својата татковина со сите нејзини недостатоци! Поблиска и помила ми е од сè друго, и секојдневно го славам Творецот дека нè остави тука и не нè испрати понатаму. Верувај му на народот, душо, тој е силен и млад, како восок во рацете. Лоши раце го фатиле, а темнина и анархија владее, но доаѓа Царот на славата и ќе спаси, ќе поткрепи, ќе го умудри скршениот, излаган народ.
Велики Пост е! Се очистуваме, да измолиме за себе и за сите прошка на гревовите, и да ни даде Тој низ цела Русија да славиме „Христос Воскресе!” Да ги подготвиме нашите срца да Го примиме, да ги отвориме дверите на нашата душа; да се насели во нас дух на бодрост, смиреномудрие, трпение и љубов и целомудрие; да се изгонат мислите, што ни се пуштени за искушение и смут. Да застанеме на стража. Да ги подигнеме срцата, да му дадеме на духот слобода и леснотија да дојде до небото, да го примиме зракот на светлина и љубов во нашите грешни души. Да го отфрлиме стариот Адам, да се облечеме во риза на светлината, да ја истресеме прашината на светот и да се подготвиме за средба со Небесниот Женик. Тој вечно страда за нас и со нас и преку нас; само што ќе ни подаде рака за помош, да ги споделиме со Него, издржувајќи ги без ропот сите страданија, што ни ги испратил Бог. Зошто ние да не страдаме, кога Тој, невин, безгрешен, волно страдал? Ги искупуваме сите наши столетни гревови, ги измиваме во крв сите дамки, што ни ја извалкале душата. О, дете мое мило, не умеем да пишувам, мислите и зборовите ми бегаат побрзо од перото. Прости за грешките и проникни во мојата душа. Сакам да ти ја пренесам онаа внатрешна радост и тишина, со која Бог ми ја исполнува душата. Зарем тоа не е чудо? Зарем не се гледа јасно во тоа блискоста на Бог? Зашто тагата е бесконечна, сè што сакам страда, нема крај на маката и страданијата, а Господ не дозволува униние, Тој ме чува од очајание, ми дава сила, увереност за светла иднина на овој свет.
Од Владателката Императорка
Александра Фјодоровна
До А. А. Вирубова
20 март (2 април) 1918 година
Тоболск
Мила моја,
Еве една година откако се простивме со Тебе и Лили (Ј. А. Ден). Сите многу претрпевме, но Господ нема да ги остави своите овчички да загинат. Тој дојде на светот за Своите во едно стадо да ги собере, и Самиот Севишен ги чува. Душевната врска меѓу нив никој нема да ја одземе и своите меѓу себе секогаш се познаваат. Господ ќе ги упати каде треба да одат. Промислата Божја му е недостижна на човековиот ум. Да нè осени Премудроста, да влезе и да се зацари во нашите души и да се научиме преку неа да разбираме, иако зборуваме на различни начини, но со еден Дух. Духот е слободен. Господ му е господар; душата е толку полна, толку живо трепери од близината на Бог, Кој невидливо нè опкружува со Своето Присуство. Како сите свети угодници Божји да ни се посебно блиски, и невидливо ја подготвуваат душата за средба со Спасителот на светот. Женикот доаѓа, да се подготвиме да Го пресретнеме, да ги отфрлиме валканите алишта и светската прашина, да ги очистиме телото и душата. Подалеку од суетата, сè е суета во светот. Да ја отвориме вратата на душата за да Го примиме Женикот. Да испросиме помош од светите угодници, немаме сила сами да си ја измиеме нашата облека. Да Му побрзаме на средба! Тој за нас грешните страда, да Му ја принесеме нашата љубов, вера, надеж, нашите души. Да паднеме ничкум пред Неговиот пречист образ, да Му се поклониме и да помолиме за нас и за сиот свет прошка, за оние кои забораваат да се молат, за сите. Да нè услиши и да нè помилува и да Го стоплиме со нашата љубов и доверба. Облекувајќи се во бела риза, да Го пресретниме, радосно да ги отвориме нашите души. Доаѓа Тој, Царот на славата, Му се поклонуваме на Неговиот крст, да ја понесеме со Него тежината на крстот. Не ја чувствуваш ли Неговата помош, поддршката во носењето на Твојот крст. Невидливо Неговата рака го поддржува Твојот крст, тој има сила за сè; нашите крстови се само сенка на Неговиот крст. Тој ќе воскресне набргу, и набргу ќе ги собере Своите околу Себе, ќе ја спаси татковината, ќе засветли како жарко Сонце. Тој е дарежлив и милостив. Како да Ти покажам да почувствуваш со што е озарена мојата душа. Со неразбирлива, необјаснива радост, не можам да објаснам, само благодарам и се молам. Мојата душа и дух Му припаѓаат на Бог. Ја чувствувам онаа радост која Ти понекогаш ја имаше после Причестувањето или покрај светите икони. Како, Господи, да Ти се благодари? Не сум достојна за таа милост. О, Боже, помогни ми да не го изгубам тоа што ми го даваш! Душата ликува, го чувствува приближувањето на Женикот, доаѓа Тој, набрзо ќе Го славиме и ќе пееме Христос Воскресе.
Од книгата “Писма на Светите Царски Маценици од заточение”
Издание: Спасо-Преображенско Валаамски манастир, Санкт-Петербург 1998 година