Свети Исаак Сирин (10.02.2009)
Никој не може да Му се приближи на Бога ако не се оддалечи од светот. Оддалечување од светот ја нарекувам не преселбата (на душата) од телото, туку оддалечувањето од световните дела. Во тоа и се состои добродетелта, човекот во својот ум да не се занимава со светот. Сè додека сетилата се занимаваат со надворешни работи, срцето не може да престојува во тишина ниту да биде без фантазии. Телесните страсти не можат да се умртват ниту лукавите помисли можат да се уништат без пустинување [оддалечување во пустината]... (Слово 1)
Твојата молитва треба да биде како твојот живот. Бидејќи оној што е приврзан за земното не може да го достигне небесното, и оној којшто е зафатен со светското не може да го бара божественото. Зашто, желбата на секој човек се покажува преку неговите дела. Кој го сака она што е големо, тој не се занимава со она што е безначајно (Слово 5).
Браќа мои, би требало да знаете дека во сецелото наше служење Бог ги сака и надворешните форми, одреденото (конкретно) почитување и видливите начини на изразување на богобојазливост – не заради Себеси, туку заради нас. ...Имено, многумина во своите помисли го запоставија сето тоа и си вообразија дека за Бога е доволна само молитвата на срцето. Велат тие, дека кога лежат на грб или седат во недолична положба, доволно е божем само внатрешното сеќавање на Бога...
Не ја зедоа предвид силата на противникот, поради што и паднаа во прелест и се препуштија на нејзините дејства. Тие не разбраа дека се смртни и дека ги придвижува нивната душа, на која ѝ е својствено да отстапува, дека сè уште не ја достигнале духовната состојба, дека сè уште не (им) се случило воскресение и дека сè уште не стекнале непоколебливост.
Како што целото мноштво закони и заповеди што Бог им ги даде на луѓето ја имаат за граница (крајна цел) чистотата на срцето, така и сите родови и видови на молитва со кои луѓето Му се молат на Бога ја имаат како граница чистата молитва. А после оваа граница ќе биде восхит, а не молитва, затоа што сè молитвено престанува, настанува одредено созерцание и умот не се моли со молитва.