Свети Игнатиј Брјанчанинов
 
 
 
 
 

Свети Игнатиј Брјанчанинов (11.02.2009)

Ученикот: Ти се случило ли да се сретнеш со заразени од овој вид прелест?

Старецот: Заразените од прелеста на “мнението” се сретнуваат многу често. Секој кој нема скрушен дух, кој си придава себеси секакви достоинства и заслуги, секој кој не држи непоколебливо до учењето на Православната Црква, туку за некој догмат или предание расудува своеволно, според свој наод или по некое друго учење, се наоѓа  во таа прелест. По степенот на отстапувањето и упорноста во отстапништвото се определува и степенот на прелеста. Колку е немоќен човекот! Како незабележливо се вкрадува  во  нас “мнение” во секој можен вид и го потхранува нашето јас оддалечувајќи ја благодатта Божја од нас. Бидејќи нема, според забелешките на Макариј Велики, ниеден човек кој би бил совршено слободен од гордост, така нема ниеден човек кој би бил совршено слободен од дејството што го има врз него префинетата прелест наречена “мнение”. Таа го напаѓала и апостол Павле, а се лечи само со допуштање на тешкотии од страна на Бог. Браќа, не сакаме да ја затаиме маката, што ни се случи во Азија; бидејќи бевме оптоварени многу, дури и преку нашите сили, ние не се надевавме живи да останеме. Туку сами во себеси ја носевме смртната пресуда, за да не се надеваме на себеси, а на Бог, Кој ги воскреснува мртвите.” (2 Кор. 1,8,9) Затоа сме должни будно да се следиме самите себе, за да не си припишеме себеси некое добро дело, некоја пофална особина или особена природна способност, дури и благодатна состојба, доколку е човек воздигнат до неа, накратко, за да не си припишуваме самите себеси никакви достоинства.  Што имаш - вели Апостолот – што не си добил од Бог?(1 Кор. 4,7) Од Бог имаме и битие, и пакибитие* (повторно битисување преку крштевањето), и сите природни својства, сите способности, и духовни и телесни. Ние сме должници на Бог! Нашиот долг е неотплатлив! Од ваквиот поглед на самиот себе се образува сама по себе таква состојба на нашиот дух која е спротивна на “мнението”, состојба која Господ ја нарекол сиромаштво на духот, што ни заповедал да го имаме за блаженство.(Матеј 5,3) Голема несреќа е за човекот да отстапи од догматското и етичкото учење на Црквата, од учењето на Светиот Дух, заради некакво мудрување! Тоа е – превознесување што се крева против познавањето на Бог. Таквиот разум треба да се собори и да се покорува за да му биде покорен на Христа. (2Кор. 10,4,5)