Молитва – тоа е постојана присилба над нашата природа (13.02.2009)
Чедо мое, ако внимаваш што ти пишувам, и ако си наложиш себеси подвиг ќе имаш голема полза. Сè што ти се случува ти се случува бидејќи не се присилуваш на молитва. Значи, присили се! Постојано кажувај ја молитвата! Воопшто да не запре твојата уста. Ќе се навикнеш на неа внатре во себе така што потоа ќе ја преземе умот. Не се ослободувај во внимавањето над помислите, бидејќи ќе станеш млак и ќе се оскверниш.
Молитва, тоа е постојана присилба над нашата природа. Практикувајќи ја ќе видиш колку благодат ќе најдеш.
Животот на човекот, чедо мое, е скрб. Затоа што се состои во туѓинување. Не барај совршен спокој. Нашиот Христос го подигна Крстот, и ние ќе го подигнеме. Доколку ги истрпиме сите таги ќе добиеме благодат од Господа. Затоа, Господ нè става под искушение, за да ја испита нашата ревност и љубов спрема Него. Заради тоа е потребно трпение. Без трпение човекот не станува практичар, не ги осознава духовните нешта, така што не може да ја достигне мерката на добродетелта и совршенството.
Возљуби Го Исуса и кажувај ја непрестајно молитвата и таа ќе ти го просветлува Неговиот пат.
Внимавај да не осудуваш, бидејќи заради тоа допушта Бог и да отстапи благодатта од тебе така што те остава да паднеш и да се смириш согледувајќи ги своите гревови. Тоа што го пишуваш е во ред. Она што најпрво го чувствуваш е благодат Божја којашто кога наидувао го прави човека продуховен. И сè му изгледа убаво и добро. Тогаш сите ги љуби, има умиление, солзи и топлина во душата. Но, кога ќе се повлече благодатта, телесното надвладува и духот паѓа. Ти сепак, дури и тогаш не губи ја твојата ревност, туку постојано кажувај ја молитвата, со сила, со напор, со многу болка. Господи Исусе Христе, помилуј ме! И повторно и многупати исто и постојано. И како ќе Го гледаш мислено Христа, да кажуваш - Ти благодарам Господи мој за добрата што ми ги даде и за злото што го трпам. Слава тебе, Боже мој, слава Тебе. И кога ќе истрпиш, пак ќе дојде благодатта, пак радоста. Но, пак ќе дојде и искушението, и тагата, и стресот и напнатоста. Но, повторно борба и победа, и благодарност. И така ќе биде сè додека лека-полека не се очистиш од страстите и не станеш духовен така што созревајќи да стигнеш до бестрастие. Но, бори се. Не барај добрите нешта да дојдат сами по себе. На пердуви не стануваш монах. Монахот треба да биде навредуван, исмеван, искушуван, да падне, да стане, да стане човек. Не во прегратките на својата мајка. Не се чуло некој да станал монах близу својата мајка. Само што си рекол “оф”, ќе слушнеш “јади, да не се разболиш”. Подвигот бара лишување. Арното нема да го најдеш во бања и во лесен помин. Тоа бара борба и многу труд. Бара ден и ноќ да Го повикуваш Христа. Бара трпение во сите искушенија и таги. Бара да го удавиш гневот и желбата (или сопствената волја).
Ќе се измориш многу, додека да сфатиш дека молитвата без внимание и трезвеност над себе самиот е губење време, труд без наплата. Треба над сите свои чувства одвнатре и однадвор да го ставиш будниот чувар, вниманието. Бидејќи, без него умот и силите на душата се разлеваат над обичните и суетни работи како водата што се разлева по улиците. Никој никогаш не ја нашол молитвата без внимание и без трезвеност. Никој никогаш не се удостои да се искачи кон она што е горе без претходно да го презре она што е долу. Многупати ти се молиш, а твојот ум го разгледува она што е овде или таму, тоа што му се допаѓа, тоа што од навика го привлекува. Ти треба присилба да го оттргнеш од таму, за да внимава на молитвените зборови. Могупати во твојата помисла, во твојот збор, во твојот слух, во твојот поглед, лукаво навлегува непријателот, а ти не го препознаваш. Потоа ќе го препознаеш но, ти треба борба за да се очистиш. Сепак не се изнемоштувај борејќи се со духовите на лукавството. Со благодат Божја ќе победиш и ќе се радуваш за сите твои таги. Внимавај на овие нешта и кажи им на другите да бидат предострожни во самопофалбите, бидејќи тоа им штети и на совршените, а камоли на вас коишто сте сè уште слаби. На еден светител, некој гостин три пати му рекол дека добро го извршува ракоделието. И на третиот пат светителот му рекол “…од мигот кога влезе овде човеку, го избрка Бога од мене”.
Гледаш ли колку се внимателни во однос на духовните закони светиите? Заради тоа, за сè е потребна голема предострожност. Само навредите и омаловажувањата духовно го градат човекот. Бидејќи од нив се раѓа смирение. На тој начин добива венци. Трпејќи, ги дави егоизмот и славољубието. Тогаш кога ќе те навредуваат: горделивче, лицемере, нетрпеливко, време е за трпение. Ако прозбориш, загуби. Значи, секогаш имај страв Божји. Имај и љубов за сите и внимавај да не повредиш некого вака или онака, бидејќи додека молитвиш ти пречи тагата на твојот брат. На сите, биди им добар пример во збор и во дело и Божјата благодат секогаш ќе те чува и ќе ти помага. И внимавај чедо мое никогаш да не заборавиш во сиот свој живот, дека монахот треба да е пример за мирјаните, а не соблазна, како што тој самиот зема пример од ангелите. Затоа, должен е многу да внимава за да не го обземе сатаната.
Навистина ли е неопходно монахот да излезе во светот? Нека излезе! Сепак, потребно е целиот да стане око, светлина, добро да внимава, за да не се случи помагајќи им на другите, самиот да си наштети.
Особено се во опасност младите монаси и монахињи што излегуваат во светот а сè уште се во цветот на својата младост. Поминуваат помеѓу стапици. За оние што се повозрасни при што се имаат исушено во подвигот, не постои толкава опасност. Тие не претрпуваат голема штета, дури можат и повеќе да помогнат, ако имаат опит и познание. Во секој случај воопшто, секој монах, нема никаква полза од светот, освен славата и пофалбите коишто само го разгалуваат. И тешко нам ако Божјата благодат соодветно не ги покрива потребите и делата на секој што излегува во светот.