За умствената и срдечната молитва
 
 
 
 
 

За умствената и срдечната молитва (17.02.2009)

Молете се, ве преколнувам, според советот на Апостолот Павле: Молете се непрестајно (1 Сол. 5; 17). Светите тихуватели велат: Ако си богослов, тогаш вистински ќе се молиш и ако вистински се молиш, тогаш си богослов!“ И навистина, пустинските тихуватели учат дека со посредство на различните подвизи, со аскезата и созерцанието (‘праксата’ и ‘теоријата’), со моралната и духовна философија на трезвеноумието и молитвата, човековиот ум се очистува, просветлува и восовршува и според тоа, се здобива со дар на богословие, но не со академско богословие какво што поседуваат богословите на универзитетите, туку со богословие што происходи и извира од Божествениот извор, од каде што постојано се излеваат реките на вистинското, Божественото богословие.

Отците тихуватели велат дека умот кој престанал да Го созерцува Бог, станува или животински или ѕверски. Напротив, преку молитвата, а особено со умствената молитва, умот станува боголик и просветлен со Божествено озарување.

Човековото спасение зависи од молитвата, бидејќи тоа е она што приближува и соединува кон Бог. Кога човекот се наоѓа во близина Божја, наполно природно е да не скршнува од етичкиот пат, зашто вложува внимание во секој свој чекор. И покрај сето наше внимание, ѓаволот не престанува да нè сопнува, зашто сака да нè изненади во миг на слабост и да нè одвлечка на својот пат, кој секогаш води вртоглаво надолу. Од таа причина, драги мои чеда, од нас нужно се бара постојано да се вооружуваме со непрестајната молитва на нашиот најсладок Исус.

Не смееме да заборавиме дека демоните ја напаѓаат молитвата и дека со помош на зли мечтаења се устремуваат на неа за да ја направат неделотворна. Во време на молитва, низ човековиот ум кружат најразновидни мисли, тежнеејќи да го украдат плодот од молитвата и на човекот што се моли да му ги остават само коските, односно трудот и напорот.

Од таа причина, оној што сака добро да се моли, пред почетокот на молитвата треба да ги оддалечи сите грижи, а потоа и сите помисли. Умот, како надзорник, треба многу да внимава на секој збор што го изговараат усните - за молитвата да стане плодоносен извор на Божествената благодат и помош.

Според Светите отци, сатаната секогаш ќе се поставува како трн и камен за сопнување за Светата молитва. Тоа е така затоа што молитвата многу го обеспокојува и гори. Значи, чеда мои, присилете се на молитва, а спомнете ме и мене, вашиот кутар Старец, за Бог да ми се смилува. 

2. Ревносната молитва е непосредна духовна должност за зачувување на круната на добродетелите  -  љубовта. Подвизувајте се во молитвата доколку сакате во вас да престојува Христос и Тој, како најопитен војсководец, ќе се бори заедно со вас. Ќе се бори со вас и ќе ви ја подари победата.