Слово прво: За одрекувањето од светскиот живот (20.02.2009)
Бог е спасение и живот за сите коишто ги дарувал со слободата: верни и неверни, праведни и неправедни, побожни и безбожни, бестрасни и страсни, монаси и мирјани, паметни и глупави, здрави и болни, млади и стари, како што се за секого без разлика: светлината, сонцето, воздухот. Бог не гледа на лице (Рим. 2, 11; Ефес. 6, 9).
Безбожникот е смртно суштество коешто има разум, а своеволно бега од вистинскиот живот и за својот Создател Кој вечно постои мисли дека не постои. Престапник е оној којшто законот Божји го толкува според своето злоумие и смета дека верува, и покрај тоа што е обземен од богопротивно мислење. Христијанинот е верна слика на Христа, колку што е можно за човекот, во зборовите, во делата и во мислите, со вистинска и непогрешлива вера во Пресвета Троица. Богољубец е оној што учествува во сѐ што е природно и безгрешно и не пропушта, според своите можности, да прави добри дела. Воздржливец е оној којшто сред искушенија, стапици и метежи со сета сила се присилува да Го подражава Оној што е далеку од сето тоа.
Монах, тоа е ангелски чин и ангелски живот, што се остварува во материјалното и валкано тело. Монахот е човек којшто се држи само за Божјите заповеди и зборови, во секое време, на секое место, во секое нешто. Монах, тоа е непрестајно принудување на природата и неуморно бдеење над сетилата. Монах, тоа е посветено тело, тоа се очистени усни и просветлен ум. Монахот е преболна душа, постојано обземена со сеќавање на смртта, кога бдее и кога спие. Одвојувањето од светот е доброволна омраза кон она што луѓето во светот го фалат, и одрекување на природата заради достигнување на натприродното.
Сите коишто спремно го отфрлиле она што му припаѓа на овој живот, секако го сториле тоа или заради идното Царство, или заради мноштвото гревови, или пак, од љубов кон Бога. Ако не биле раководени од ниедна од спомнатите причини, нивното напуштање на светот е бесмислено. Но и во тој случај нашиот добар Судија очекува да види каков ќе биде крајот на нивниот живот.
Оној што го напушта светот за да го отфрли од себе бремето на гревовите, нека се угледа на оние што седат на гробиштата надвор од градот. И нека не ги запира врелите и горчливи солзи ниту нечујниот лелек на срцето додека самиот не Го здогледа Исус како доаѓа да ја турне карпата на закоравеноста од срцето за да ни го ослободи умот од врските на гревот - како што го ослободи Лазар (Јован 11, 44), заповедајќи им на Своите послушни ангели: ‘Одврзете го од страстите и пуштете го да оди кон блаженото бестрастие!’ Инаку нема никаква полза од напуштањето на светот.
На сите нам коишто сакаме да излеземе од Египет и да побегнеме од фараонот, безусловно ни е потребен кај Бога некој Мојсеј, посредник помеѓу нас и Бога, кој би-дејќи ревносен во праксата и во созерцанието, би ги пружал за нас рацете кон Бога, та водени од него да го преминеме гревовното море и да го натераме Амаликот на страстите во бегство. Затоа, се измамија некои кои надевајќи се на сопствените сили мислеа дека никаков водач не им е потребен. Зашто оние што излегоа од Египет го добија за водач Мојсеј, а оние што побегнаа од Содом имаа пред себе ангел (1 Мој. 19, 1). Првите личат на луѓе коишто за да ги излечат болестите на својата душа се препуштаат на нега на лекар: тоа се оние што излегоа од Египет. А вторите личат на луѓе што имаат врела желба да ја слечат од себе нечистотијата на гнасното тело: затоа им е потребен ангел или, така да речам, помошник рамен на ангел. Колку што се потешки нивните рани толку попотребен им е вешт лекар.
На луѓето што се прифатиле со телото да се искачат на небо потребен им е навистина краен напор придружен со безгранично страдање (особено во почетокот на нивното самоодрекување), додека нашата сластољубива природа и нечувствително срце, со помош на вистинскиот плач, не се претворат во богољубие и чистота. Зашто покајанието, длабокото каење, и големата, невидлива горчина се неизбежни во овој потфат, а најмногу за оние коишто живеат површно, сѐ додека нашиот ум, тој бесен и лаком пес, преку проста, длабока кротост и грижлив труд не стане буден чувар на чистотата. Но да бидеме храбри сите ние страсни и немоќни и со непоколеблива вера, како со десница, да Му ја принесеме и признаеме на Христа немоќта и слабоста на нашата душа. Он неизоставно ќе ни помогне дури и повеќе одошто заслужуваме, само ако неотстапно се држиме за длабокото смиренумие.
Нека знаат сите што му пристапуваат на овој прекрасен, суров и тегобен, но и лесен подвиг дека дошле да се фрлат во оган - доколку само сакаат огнот духовен да се всели во нив. Затоа секој нека се испита себеси, па дури потоа да јаде од лебот на монашкиот живот помешан со горчливо зелје и да пие од таа чаша исполнета со солзи, за да не се бори на сопствена осуда. Кога ни секој крстен не се спасува - останатото подобро да го премолчам...!
Оние што го започнуваат овој подвиг, за да постават добар темел треба од сѐ да се одречат, треба сѐ да презрат, сѐ да исмеат, сѐ да отфрлат. Цврст, троен и тристолбен темел прават: простодушноста, постот и целомудрието. Сите деца во Христа нека започнат со овие добродетели, земајќи ги за пример вистинските деца: кај децата нема ни малку зло; кај нив никогаш нема да се најде расипаност ниту глад ни утроба ненаситна или тело распалено од похотливост. (Впрочем, можеби тие страсти се развиваат со возраста на човекот, разгорувајќи во нас оган).
Навистина е непримерно, а и опасно, борецот да малакса на самиот почеток на борбата, зашто секој во тоа ќе види предзнак на неговиот пораз. Во секој случај одлучниот почеток ќе ни биде полезен и кога подоцна ќе настапи изнемоштеноста: храбрата душа изнемоштена во подвигот сеќавањето на првобитната ревност ја поттикнува како бодило. Некои благодарение на ова често се подигаа.
Кога душата, издавајќи се самата себеси, ќе ја загуби блажената и умилна топлина, грижливо нека ја испита причината заради којашто станала лишена, па нека настојува со сета сила и ревност тоа да го отстрани. Таа топлина е невозможно да се врати поинаку, освен преку вратата низ којашто излегла.
Човекот којшто поттикнат од стравот се одрекол од светот личи на запален темјан кој во почетокот е миризлив, но потоа завршува чадејќи. Оној пак, што го сторил тоа заради награда, потсетува на мелнички камен кој постојано еднолично се врти. А човекот што го напушта светот заради љубовта Божја, веднаш во почетокот стекнува оган; а овој, како да е фрлен во некоја шума, за миг прераснува во голем пламен.
Постојат луѓе што градат на цврст темел; други без каков и да е темел подигаат столбови врз гола земја; а ги има и такви на коишто откако ќе пропешачат еден мал дел од патот им се загреваат жилите и зглобовите, та чекорат побрзо. Тој што е паметен ќе ја разбере симболичната поука.
Да потрчаме сесрдно на повикот на нашиот Бог и Цар! Инаку, како што имаме кус век би можело да се случи на денот на смртта да останеме без каков и да е плод, та да загинеме од глад.
Да Му угодиме на Господа како што војниците му угодуваат на царот: уште од стапувањето во воената служба од нас се бара да служиме совесно.