За Судот Божји
 
 
 
 
 

За Судот Божји (22.02.2009)

Според свети Симеон Нов Богослов, „за оние што станале деца на светлината и синови на денот што ќе дојде, за оние што секогаш одат во светлината, денот Господов никогаш нема да дојде, зашто тие секогаш се со Бог и во Бог. Значи, денот Господов нема да им се јави на оние што се веќе озарени од Божјата светлина, а ненадејно ќе им се открие на оние што живеат во мракот на страстите, на оние што живеат според овој век, приврзани кон пропадливите блага. Овој ден ним ќе им се јави одненадеж, неочекувано, и за нив тој ќе биде страшен како огнот што не може да се поднесе.“

Божјата светлина станува начело на нашата свест: во неа ние Го познаваме Бог и се запознаваме самите себе. Таа ги испитува длабочините на битието кое се соединува со Бог. Таа за него станува суд Божји, пред Последниот Суд. Зашто според свети Симеон, постојат два суда. Едниот е овде на земјата. Тоа е суд за спасението. А другиот, по крајот на светот, е за осуда. „Во сегашниот живот, кога преку покајанието слободно и доброволно влегуваме во Божјата светлина ние сме обвинети и судени. Меѓутоа, со Божјата љубов и милосрдие, ова обвинување се врши во тајност, во длабочините на нашата душа, за наше очистување и за прошка на нашите гревови. Тогаш само Бог и самите ние ги гледаме длабочините на срцата наши. Оние што во овој живот трпат ваков суд нема што повеќе да се плашат од друг испит, но оние што не сакаат уште овде да влезат во светлината за да бидат обвинети и судени, на оние што ја мразат светлината, второто Христово доаѓање ќе им ја открие светлината која засега останува скриена и ќе им разјасни сѐ што било тајно. Сѐ што ние денес скриваме, не сакајќи да го откриеме дното на нашето срце во покајанието, ќе се отвори тогаш во светлината, пред лицето Божјо, пред целата вселена, и она што сме ние во реалноста ќе се покаже отворено.“

Полната свест во сите ќе се оствари во Божјата светлина, при Второто доаѓање Христово. Но, таа не ќе биде свест која слободно се отвора во благодатта, во согласност со волјата Божја. Тоа ќе биде свест што, така речено, доаѓа однадвор. Која се отвора во личноста против нејзина волја, светлина што надворешно се соединува со битијата односно надвор од благодатта... Љубовта Божја која ќе стане неподносливо измачување за оние што не ја стекнале во самите себе, според свети Максим Исповедник. Според свети Исаак Сириски, „оние што ќе се најдат во пеколот ќе бидат камшикувани со стапот на љубовта. Колку горчливо и сурово ќе биде ова измачување со љубов! Оние што сфаќаат дека грешеле против љубовта трпат поголемо страдање од страдањето што го причинуваат најстрашните маки. Болката што го обзема срцето на кое му недостасува љубов е постара од секоја друга мака. Не е точно да се рече дека во пеколот грешниците се лишени од љубовта Божја... Но, љубовта делува на два различни начини – таа станува страдање во осудените и радост во блажените.“