Молитвата ќе ја најдеш таму каде што ќе мирува твојот ум! (24.02.2009)
Возљубен во Христа брате мој, се молам да си добро. Денеска го добив твоето писмо и ти одговарам на прашаното. Нештата што сакаш да ги знаеш не бараат време, напор и размисла за да ти одговорам. Умната молитва за мене е како за секој човек, неговиот занает бидејќи во неа вложувам труд повеќе од 36 години. Кога дојдов на Света Гора веднаш ги побарав пустиножителите што се подвизуваа во молитвата. Пред 40 години ги имаше многу што имаа живот внатре во себе. Луѓе со добродетели. Старци! Од нив одбиравме старец и го имавме за патеводител. Значи, праксата на умната молитва е да се присилуваш себеси да ја кажуваш молитвата гласно и непрекинато. На почетокот настојувај брзо, за да не стигне умот да состави помисла којашто расејува. Сосредоточи се само на зборовите „Господи Исусе Христе помилуј ме!”. По извесно време се свикнува и умот, така што сам ја кажува молитвата. Ќе се насладуваш како да имаш мед во својата уста. И секогаш постојано да ја изговараш молитвата. Ако престанеш, многу ќе се растажиш. Кога умот ќе се навикне, кога ќе се насити и кога ќе ја научи, тогаш ја испраќа во срцето, бидејќи умот е хранител на душата и сè добро или лошо што ќе види или слушне, го внесува во срцето каде што се наоѓа центарот на духовните и телесните сили на човекот, каде што е престолот на умот. Значи, оној што се моли ако го зауздува својот ум да не фантазира ништо, туку да внимава само на молитвените зборови и тогаш лесно дишејќи со присилба на својата волја, го симнува во срцето и го држи внатре (како осуден во затвор) и ја кажува молитвата во ритам „Господи Исусе Христе помилуј ме”. На почеток ја кажува четири до пет пати и еднаш зема воздух. Подоцна, кога умот ќе се навикне да стои во срцето, на секое вдишување кажува една молитва. На „Господи Исусе Христе” вдушува, на „помилуј ме” издишува. Ова се случува сè додека не го осени и не почне да дејствува благодатта внатре во душата. Потоа следува созерцанието. Значи, молитвата се кажува секаде. И седнат, и легнат, и одејќи, и стоејќи. Непрестајно молете се, за сè благодарете, вели апостол Павле. Сепак, не станува збор само за тоа да се молиш лежејќи, седејќи или стоејќи. Молитвата бара борба. Кога ќе се замориш седнуваш, и повторно застануваш простум. Да не те фати сон. Ова се вика практикување. Му ја покажуваш својата намера на Бога и сè зависи од Него, ако ти даде. Бог е почеток и крај. Неговата благодат прави сè. Таа е сила што придвижува. А пак како се случува, како дејствува љубовта – тоа е да ги зачуваш заповедите. Кога стануваш ноќе и се молиш, негуваш болен, вдовица и сираче и старци коишто ги милуваш, и сострадуваш, тогаш Бог те љуби. Тогаш и ти Го љубиш. Он прв нè возљуби и ни ја излива Својата благодат, а ние од Неговите дарови Му возвраќаме. Значи, ако бараш да Го најдеш само преку молитвата, да не издишеш без молитва. Внимавај само да не фантазираш, бидејќи Божественото е невидливо, непоимливо, неспознатливо. Тоа е над секое совршенство. Не трпи расудувања. Дејствува како нежна светлина во нашиот разум. Умилението доаѓа кога размислуваш колку Го ожалости Бога. Кога Он е толку убав, благ, милостив, добар, полн со љубов. И се распна, и сè претрпе за нас. Сето ова и другите Негови страданија на коишто се сеќаваш ти носат умиление. Значи, ако можеш да ја кажуваш молитвата на глас и непрестајно, за два-три месеци ќе се навикнеш на неа, така што благодатта ќе те осени и ќе те освежи. Само да ја кажуваш гласно и без престан. И кога ќе ја прими умот тогаш ќе се одмориш од кажување со уста. И повторно, кога ќе ја остави умот почнува устата. Сета присилба е потребна на почетокот додека не се навикне устата. Подоцна, во преостанатите години од твојот живот, умот ќе ја кажува молитвата без напор. Кога ќе дојдеш на Света Гора, како што велиш, да нè видиш, тогаш ќе разговараме за други работи, така што нема да ти остане време за молитвата. Молитвата ќе ја најдеш таму каде што ќе мирува твојот ум. Овде каде што ќе кружиш низ манастирите, ќе се расејува твојот ум, по она што го гледаш и што го слушаш. Јас сум сигурен дека ќе ја пронајдеш молитвата, не се сомневај. Само чукај право на вратата на Божјата милост и секако Христос ќе ти отвори. Другможност нема. Возљуби Го многу за да добиеш многу. Од твојата љубов, голема или мала, зависи и давањето, многу или малку.