За блаженото и незаборавно послушание
 
 
 
 
 

За блаженото и незаборавно послушание (25.02.2009)

Сега е на ред излагањето за Христовите борци и атлети: на секој плод му претходи цвет, а на секое послушание - туѓинување, без оглед дали самото тоа е изразено само со надворешни дејства или и во длабочината на душата. Со овие две добродетели, како на златни крилја, светото послушание брзо се искачува на небото. Можеби за него пееше оној духоносец: Кој ќе ми даде крилја на гулаб, та да одлетам преку праксата, и да се успокојам (Пс. 54, 6) со созерцанието и смирението?

            Нема да пропуштиме, ако допуштите, да го откриеме и самиот начин на борбата на овие храбри воини: како го држат штитот на верата во Бога и во својот духовен раководител, одбивајќи ја со тој штит, така да кажам, секоја помисла на неверство кон духовниот отец и за преселба на друго место; ќе го откриеме и тоа како тие духовни воини ја убиваат секоја лична желба што им се приближува, мавтајќи непрестајно со духовниот меч, и како, облечени во железниот оклоп на кротоста и на послушанието одбиваат со него секаква навреда и укор, и воопшто секаква стрела; молитвениот покров на духовниот отец им служи како спасоносен шлем, а тие стојат со не сосем доближени нозе: едната им е секогаш спремна за служење, а другата неподвижно стои на молитва.

            Послушанието е целосно одрекување од својата душа што се пројавува во телесни дејства. Или обратно: послушанието е умртвување на членовите при жив разум. Послушанието е вршење на должност без испитување. Тоа е доброволна смрт, живот без љубопитност, безгрижност кога сме во опасност, наша неподготвена одбрана пред Бога, отсуство на страв од смртта, безопасна пловидба, одење во сон. Послушанието е гроб на волјата а воскресение на смирението. Послушниот како да е мртов: не одговара ниту размислува, било да се работи за добри нешта или за нешто што изгледа зло, бидејќи за сѐ ќе одговара оној којшто побожно ја умртвил неговата душа. Послушноста е одрекување од расудувањето при изобилност од расудување.

            Почетокот на умртвувањето, било да се работи за волјата или за телесните членови, е мачен; средината е понекогаш тешка, а понекогаш не е; а крајот е потполна нечувствилтелност за болка и отсуство на секакво мачно чувство. Овој блажен жив мртовец чувствува тага и болка во срцето само кога се гледа себеси да ја извршува својата волја, бидејќи тој се плаши единствено од одговорноста за сопствениот суд.

            Вие коишто се подготвувате за бојното поле на духовното исповедништво; вие коишто сакате својот врат да го положите под јаремот Христов; вие коишто отсега настојувате сопственото бреме да го префрлите на туѓи плеќи; вие коишто итате драговолно да се продадете самите себеси во ропство и во замена да ја добиете вистинската слобода; вие коишто пливате поддржувани од рацете на други за да ја преминете оваа бескрајна ширина  -  знајте дека сте зачекориле на пат кус и стрмен, на којшто демне само една заблуда, а се вика самоволие. Оној којшто наполно се одрекол од самоволието дури и во нешта што му изгледаат добри, духовни и богоугодни, стасал на целта уште пред да зачекори. Зашто послушанието е неверување на себеси во секое добро, до крајот на животот.

            Кога придвижени од смиреноумието сакаме да ја наведнеме главата и своето спасение во Господа да му го довериме на друг, уште пред да стапиме во тој подвиг потребно е, ако поседуваме барем малку проникливост и разум, да просудиме, да го испитаме и (така ќе се изразам) да го искушаме својот духовен кормилар, за да не се најдеме во раце на морнар наместо на кормилар, болен наместо лекар, страстник наместо бестрастен, та наместо во пристаниште да западнеме сред морската широчина и така да претрпиме бродолом. Но кога веќе ќе стапиме на тоа борилиште на благочестието и покорноста, не смееме веќе за ништо да му судиме на нашиот наставник, макар во него како во човек можеби и би виделе извесни мали грешки. Инаку, судејќи, никаква полза од покорноста нема да имаме.

            Оној што сака да остане непоколеблив во својата доверба кон својот духовен отец треба во постојан неизбришлив спомен да ги држи неговите добродетели, за со тој спомен да им се затне устата на демоните кога ќе почнат да сеат во нас од семето на недовербата кон него. Сразмерно на зголемената доверба во срцето и самото тело станува поусрдно во вршењето на својата служба. А штом ќе се сопне од каменот на недовербата, паѓа! Бидејќи, секако, сѐ што не е од верата грев е (Рим. 14, 23).

            Кога помислата ти предлага да го испиташ или осудиш својот духовен отец, отскокни од неа како од блуд и воопшто не ѝ допуштај на таа змија ни малку слобода, ни место, ниту пристап, ни почеток. Викни ѝ на чумата: „Лажливке низаедна! Не јас над својот духовен отец, туку тој над мене доби право на судење. Не сум му јас нему, туку тој мене ми е поставен за судија”.

            Отците го дефинираат пеењето на псалмите како оружје, молитвата како бедем, а непорочните солзи како мијалник. Блаженото послушание го сфаќаат како испове-дање, без коешто никој од страсните нема да Го види Господа.

Послушникот самиот врз себе изрекува пресуда: ако заради Господа совршено се покорува, се ослободува од сопствената вина дури и кога не мисли дека е совршено послушен; но ако во што и да е ја изврши својата волја, самиот ја носи одоговорноста дури и кога мисли дека е послушен. Впрочем, би било корисно духовникот да не престане да го укорува; а ако тој замолкне, јас не би знаел што уште да кажам за тоа.

            Оние коишто во својата простодушност се покоруваат заради Господа, среќно стигнуваат на целта на својот пат, зашто не го навлекуваат на себе лукавството на демоните со тоа што би го критикувале духовникот.

            Пред сѐ да му се исповедаме на нашиот добар судија, не само насамо туку ако ни заповеда и пред сите. Раните што се откриваат не само што не се влошуваат туку и полесно се лечат.