За молитвата
 
 
 
 
 

За молитвата (26.02.2009)

Кога ќе се догребеме до молитвата, стануваме како лавови што рикаат; не тогаш кога се молиме немарно или млако, туку кога се молиме со душевната сила. Утврдете се преку мислата дека молитвата е сè. Без молитва, очекувајте потполно овенување и падови еден по друг. Ако за време на искушението со сета своја сила се држиме за молитвата, сигурно ќе го надвладееме ѓаволот и ќе приложиме уште една победа кон Сесветото име Христово.

 

Чедо мое, со оружјето на молитвата, бори се за Божественото привлекување. Оној што се бори бива овенчан, но не со маслинови гранчиња, туку со непропадливи венци на вечната слава на Горниот Ерусалим!

Оваа борба е достојна за водење, зашто славата што ја донесува останува непропадлива и вечна, додека славата на борците што се натпреваруваат за нешта минливи е привремена и залудна. Значи, ние мораме да се бориме прифаќајќи ја жртвата и поднесувајќи ги лишувањата за и ние, недостојните, да го прославиме Светото име Божјо.

 

Чеда мои, ве молам заради љубовта Божја, ни за миг да не го прекинувате изговарањето на молитвата Христова. Вашите усни треба непрестајно да го шепотат името на Исус, Кој го порази ѓаволот и сите негови стапици. Непрестајно молете по нашиот Христос и Тој сесрдно ќе ви поита на помош.

Како што не можете да украдете усвитено железо, та дури не можете ни да му пријдете, истото се случува и со душата што ја изговара молитвата со Исусовата топлина. Демоните не ѝ приоѓаат  -  а и како би можеле? Ако ја допрат, ќе ги изгори Божествениот оган којшто Божественото име во себе го содржи.

Кој се моли се просветлува, додека оној што не се моли се помрачува. Молитвата е дарител на Божествената светлина. Од таа причина, секој што се моли е наполно просветлен и Духот Божји престојува во него. Ако ни пристапат потиштеноста, небрежноста, унинието  -  да се молиме со страв, со болка и голема будност на умот и во истиот час со благодатта Божја ќе го доживееме чудото на утехата и радоста.

Невозможно е оној што се моли да биде злобен кон некого или да одбие да прости некое согрешение. Сè се претвара во пепел кога ќе се пристапи кон огнот на Исусовата молитва.

Затоа, чеда мои, молете се со спасителната и осветителна молитва Исусова за да бидете и вие просветлени и осветени. Молете се и за мене, мрзливиот грешник, за Бог да ми се смилува  при мноштвото мои гревови, како и заради моите безбројни обврски.

 

Чедо мое, секогаш сеќавај се на Исус за секогаш да го пронаоѓаш соодветниот лек за своите слабости. Те боли ли нешто? Ако Го повикаш Исус, ќе најдеш утеха и просветлување. Тажен си? Повикај Го Исус и гледај, утехата ќе блесне во сферата на твоето срце. Те надвладеало обесхрабрување? Не заборавај своите надежи да ги положиш на Христа и твојата душа ќе се исполни со храброст и со сила. Те мачат плотски помисли и те привлекуваат кон чувствени наслади? Приграби го согорувачкиот оган на името Исусово и фрли го врз плевелот. Да не те мачи некоја световна работа? Речи: „Просветли ме, Исусе, како да се соочам со проблемот што е пред мене. Нека се разреши согласно со Твојата Света волја“. И види, ќе бидеш мирен и ќе чекориш со надеж.

Во сè и секогаш постави го името Исусово како темел, поддршка, украс и заштита и не плаши се од непријателот. Меѓутоа, кога низ нешто ќе поминуваш без Исусовото име, би требало да се плашиш. Не очекувај да се исцелиш, ако не ги користиш лековите; исход ќе биде распаѓањето.

Присили се на молитва, чедо мое. Тогаш во душата ќе почувствуваш голема корист, спокојство и одмор душевен.