Слово за молитвата (27.02.2009)
Кој Го љуби Господ, тој секогаш се сеќава на Него, а сеќавањето на Бог ја породува молитвата. Ако не се сеќаваш на Господ, тогаш нема ни да се молиш, а душата без молитвата нема да пребива во љубовта Божја. Оти преку молитвата доаѓа благодатта на Светиот Дух. Со молитвата човекот се чува од гревот, оти умот кој се моли е зафатен со Бог, и во смирението на духот стои пред Лицето Господово, Кого Го знае душата на оној што се моли.
Меѓутоа, на почетникот му е потребен раководител. Затоа што пред да дојде благодатта на Светиот Дух, душата води голема војна со непријателите, и не може сама да се снајде, кога непријателот ѝ ја принесува својата сладост. Тоа може да го разбере само оној, кој преку опит ја вкусил благодатта на Светиот Дух. Кој Го вкусил Светиот Дух, тој по вкусот ја распознава благодатта.
Оној кој сака да се занимава со молитвата без раководител, и гордо мисли дека може да се научи од книги, и не оди кај својот Старец, тој веќе наполу е во прелест. А пак, на смирениот, му помага Господ. И иако нема опитен наставник, а оди кај било кој духовник, тогаш, заради неговото смирение, Господ ќе го покрие.
Запомни дека во духовникот живее Светиот Дух, и дека тој ќе ти каже сè што е потребно. Но, ако помислиш дека духовникот живее небрежно, и како може Светиот Дух да живее во него, тогаш за таква мисла, многу ќе пострадаш. И Господ за да те смири, ќе допушти да паднеш во прелест.
Молитвата се дава на оној кој се моли, како што е кажано во Писмото. Но, молитвата само од навика, без скрушеност на срцето заради гревовите, не Му е угодна на Господ.
На кратко ќе го прекинам словото за молитвата.
Тагува душата моја по Господа и желно Го барам. Душата не може да истрпи да размислува за што било друго.
Тагува душата моја по Живиот Господ, и се граба мојот дух да биде со Него, родениот Отец Небесен. Господ нè сроди со Светиот Дух. Господ Му е мил на срцето. Он е нашата радост и веселие, и цврста надеж.
Благ Господи! Побарај го милостиво Своето создание, и покажи им се Себеси на луѓето преку Светиот Дух, како што им се покажуваш Себеси на Твоите слуги.
Господи, зарадувај ја секоја измачена душа со доаѓањето на Твојот Свет Дух. Дај Господи, сите луѓе што Ти се молат, да Го познаат Светиот Дух.
О луѓе! Да се смириме себеси, заради Господа и заради Царството Небесно. Да се смириме себеси, и Господ ќе ни даде да ја познаеме силата на Исусовата молитва. Да се смириме себеси и Самиот Дух Божји ќе ја учи душата.
О човеку, научи се на Христовото смирение, и Господ ќе ти даде да ја вкусиш сладоста од молитвата. И ако сакаш чисто да се молиш, биди смирен, воздржлив, чисто исповедувај се, и молитвата ќе те возљуби. Биди послушен, со чиста совест покорувај ѝ се на власта и биди задоволен со сè. И тогаш твојот ум ќе се очисти од суетните помисли. Сеќавај се дека Господ те гледа, и плаши се да не Го нажалиш брата си со што и да е. Не го осудувај и не го жалости, дури ни со поглед. И Светиот Дух ќе те возљуби, и самиот ќе ти помага во сè.
Светиот Дух е многу сличен на мила, родена мајка. Мајката го љуби своето дете и го сожалува. Така и Светиот Дух нè сожалува нас, ни проштева, нè исцелува, и нè вразумува, и нè радува, и Светиот Дух се познава во смирената молитва.
Кој ги љуби непријателите, тој наскоро ќе Го познае Господа преку Светиот Дух, а кој не ги љуби, за тоа не сакам ниту да пишувам. Но, го сожалувам, оти тој се мачи себеси и другите, а Господ не Го познава.
Душата што Го љуби Господ, не може а да не се моли, оти таа копнее по Него преку благодатта, којашто ја позна во молитвата.
За молитвата ни се дадени храмовите. Во нив службата се совршува според книгите. Но, храмот не можеш да го земеш со себеси, и книгите не можеш да ги имаш секогаш, а внатрешната молитва секагаш и секаде е со тебе. Во храмовите се совршуваат Божествените служби, и таму живее Духот Божји. Но, душата е најдобар храм Божји. И кој се моли во душата, за него целиот свет станува храм. Но, тоа не е за сите.
Многумина се молат усно, и сакаат да се молат пред книгите. Тоа е добро, и Господ ја прима молитвата и ги милува. Но, ако некој Му се моли на Господ, а размислува за нешто друго, тогаш таквата молитва Господ нема да ја услиши.
Кој се моли по навика, кај него нема промени во молитвата. А кој се моли усрдно, кај него има промени во молитвата: борба со непријателот, борба со самиот себеси, со страстите, борба со луѓето. И во сè треба да се биде мажествен.
Барај совети кај тие што се опитни, ако ги најдеш, и смирено барај од Господ и Тој ќе ти даде разум заради смирението.
Ако нашата молитва Му е угодна на Господ, тогаш Духот Божји сведочи во душата. Он е пријатен и тивок. Порано не знаев дали Господ ја примил мојата молитва или не, и како тоа се познава.
Маките и опасностите многумина ги научија да се молат.
Дојде кај мене во магацин еден војник. Тој тргнуваше за Солун. Мојата душа го возљуби и му кажав:
„Моли се на Господа, за да има помалку страдања.”
А тој ми одговори: „Јас знам да се молам. Научив во војната, за време на борбите. Многу Го молев Господ да ме зачува жив. Фрчеа куршуми, гранати летаа, и малкумина остануваа живи. Јас бев во борби многу пати, и Господ ме зачува.” При тоа ми покажа како се молел, и според движењето на неговото тело, се гледаше дека тој целиот понирал во Бог.
Многумина сакаат да читаат добри книги. И тоа е добро, но подобро од сè е да се молиме. А кој чита лоши книги или весници, тој се казнува себеси со глад на душата. Неговата душа е гладна, затоа што храната за душата и нејзиното насладување е во Бога. Во Бога е нејзиниот живот, и радост, и веселие, и Господ неискажливо нè љуби, и таа љубов се познава преку Светиот Дух.
Ако твојот ум сака да се моли во срцето и не може, тогаш кажувај ја молитвата со уста и држи го умот во зборовите на молитвата, како што е кажано во „Лествица”. Со време Господ ќе ти даде срдечна молитва без помисли, и лесно ќе се молиш. Некои си го повредија срцето затоа што се принудуваа себеси да ја совршуваат молитвата со умот во срцето, и дојдоа до тоа што потоа ниту со устата не можеа да ја кажуваат молитвата. Треба да го знаеш поредокот во духовниот живот: даровите ѝ се даваат на проста, смирена, послушна душа. Оној кој е послушен и воздржлив во сè: во храна, во збор, во движење, нему Самиот Господ му ја дава молитвата, и таа лесно се совршува во срцето.
Непрестаната молитва произлегува од љубовта, а се губи заради осудување, заради празнословие и невоздржание. Оној кој Го љуби Бога, тој може да размислува за Него дење и ноќе. Затоа што да се љуби Бог не пречат никакви работи. Апостолите Го љубеа Господ, и светот не им пречеше, иако тие се сеќаваа на светот и се молеа за него и проповедаа. А ете на Арсениј Велики му било кажано: “бегај од луѓето”, но Духот Божји и во пустината нè учи да се молиме за луѓето и за сиот свет.
Во овој свет секој има свое послушание: некој е цар, некој е патријарх, некој е готвач, или ковач, или учител, но Господ сите ги љуби. Поголема награда ќе добие оној кој повеќе Го љуби Бог. Господ ни ја даде заповедта да Го љубиме Бог со сето срце, со сиот ум, со сета душа. А без молитвата како е можно да се љуби? Затоа, умот и срцето на човекот секогаш треба да се слободни за молитвата.
Оној што го љубиш, за него сакаш и да мислиш, за него сакаш да зборуваш, со него сакаш да бидеш. Душата Го љуби Господ како Татко и Создател, и стои пред Него во страв и љубов: во страв затоа што е Господ, во љубов затоа што душата Го знае како Татко. Он е многу милостив и Неговата благодат е послатка од сè.
Јас познав дека е лесно да се молиш, затоа што помага благодатта Божја. Господ милостиво нè љуби, и ни дава преку молитвата да разговараме со Него, и да се каеме и да благодариме.
Не е можно да се опише колку многу нè љуби Господ. Преку Светиот Дух се познава таа љубов, и душата на оној што се моли го знае Светиот Дух.
Некои велат дека од молитвата доаѓа прелест. Тоа е погрешно. Прелеста доаѓа од самоволие, а не од молитвата. Сите светии многу се молеа, повикувајќи ги и другите на молитва. Молитвата е најдобро дело за душата. Преку молитвата се доаѓа при Бога. Преку молитвата се задобива смирение, трпение и секое добро. Оној кој зборува против молитвата, тој очигледно никогаш не вкусил колку е благ Господ, и колку многу нè љуби. Од Бог не доаѓа зло. Сите светии непрестано се молеа. Тие ниту еден миг не останувале без молитва.
Душата, губејќи го смирението, заедно со него ја губи и благодатта, и љубовта спрема Бога, и тогаш се гаси огнената молитва. Но, кога душата ќе се смири од страстите и кога ќе го стекне смирението, тогаш Господ ѝ ја дава Својата благодат. И тогаш таа се моли за непријателите како за самата себе, и за целиот свет, се моли со врели солзи.