За Исусовата молитва (28.02.2009)
Во условите на современиот свет молитвата бара надчовечка смелост, бидејќи ѝ се противат севкупните космички енергии. Да се сочува нерасејана молитва означува победа на сите нивоа од природното постоење. Овој пат е долг и трновит, но доаѓа момент кога зрак од Божествената Светлина ќе ја расече густата темнина и пред нас ќе се создаде отвор низ кој ќе Го согледаме Изворот на таа Светлина. Тогаш Исусовата молитва добива космички и мета-космички димензии.
“Вежбај се во побожноста. Зашто телесното вежбање е малку корисно, а побожноста е полезна за сè, бидејќи во себе има ветување за сегашниот и за идниот живот. Тие зборови се верни и достојни за секакво примање. Затоа и се трудиме… затоа што се надеваме на живиот Бог, Кој е Спасител на сите луѓе… Ова проповедај го и поучувај” (1 Тим. 4: 7 – 11). Да се следи ова учење на апостолот, значи да се оди по најсигурниот пат кон Бараниот. Ние не мислиме на вештачките средства за да се достигне обожение: ние веруваме дека Бог дојде на Земјата и ни ја откри тајната на гревот, и ни даде благодат на покајание, и се молиме: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот”, во надеж на простување и помирување во Негово Име. Зборовите – “помилуј ме грешниот” - ние не го оставаме целиот наш живот. Потполната победа над гревот возможна е само преку вселување на Самиот Бог во нас, што и е наше обожение, во сила која ни овозможува непосредно созерцание на Бог, “каков што Тој е”. Полнотата на христијанското совршенство во границите на Земјата е недостижно. Свети Јован Богослов пишува вака: Бог никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во крилото на Отецот - Он Го објави (Јов. 1, 18). И понатаму тврди дека нашето обожение се довршува во идниот век, затоа што „ќе Го видиме Него, КАКОВ ШТО Е. И секој, што ја има таа надеж… се очистува самиот себе, како што е чист Тој… секој, кој што пребива во Него, не греши; секој, што греши, не Го видел, и не Го познал Него (1 Јов. 3: 2-6). Полезно е да се прифати содржината на ова послание, за призивањето на Исусовото Име да стане делотворно, спасително; за да “преминеме од смрт во живот” (1 Јов. 3, 14), за да се “облечеме во сила одгоре” (Лк. 24, 49).
Творењето на оваа молитва е најтесно поврзана со богословието на Божјото Име. Таа има длабоки догматски корени, како што и воопшто целокупниот аскетски живот на православните, хармонично го придружува догматското сознание. Таа молитва навистина во некои од своите форми станува оган, кој ги проголтува страстите (Евр. 12, 29). Во неа се содржи Божествена сила која ги оживува умртвените од гревовите; со светлината го просветлува умот, дарувајќи му способност да ги види силите кои дејствуваат во “космосот”; таа овозможува да набљудуваме што се случува внатре во нашето срце и ум: таа навлегува до разделување на душата и духот, до составот и мозокот, и ги проценува чувствата и помислите на срцето (Евр. 4, 12).