За постот, бестрастието и чистотата
 
 
 
 
 

За постот, бестрастието и чистотата (04.03.2009)

Браќа, постот е обновување на душата, бидејќи Апостолот вели: колку телото слабее и се истенчува од подвигот на постот, толку душата од ден на ден се обновува, станува убава и блеска со убавина, којашто од почетокот ни е дадена од Бог. А кога со постот и покајанието душата ќе се очисти и украси, тогаш и Бог ја сака, и тогаш ќе живее со неа, како што Господ вели: „Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби, и ќе дојдеме при него и живеалиште во него ќе направиме“ (Јован 14, 23).

Затоа, кога е толкава вредноста на постот и кога е толкава неговата благодат што стануваме живеалиште Божјо, тогаш треба да го дочекаме со голема радост и веселие, а не да жалиме заради оскудно јадење, знаејќи дека нашиот Господ Исус Христос во пустината ги благослови петте леба за со нив да насити пет илјади луѓе. Он можеше да заповеда таму да се појави разновидна храна, но вака ни покажа пример за воздржание за да се грижиме само за она што е неопходно.

Постот повторно ни изгледа тежок, но ако ден за ден ја зголемуваме усрдноста, со Божја помош ќе ни биде полесно. Исто така, ако сакаме нашиот пост да биде вистински и да Му биде угоден на Бог, тогаш покрај воздржувањето од јадење треба да се воздржуваме и од секој душевен и телесен грев. Да се пазиме од мрзливост и небрежност и кога се работи за нашето лично молитвено правило и кога се работи за црковните служби, а над сѐ да се пазиме од суета, завидливост, омраза и расправии, бидејќи тоа се скриените страсти што ја убиваат душата. Да се пазиме од злонамерност и самоволие, односно да не се врзуваме за нештата и да не ја исполнуваме својата волја. Бидејќи на ѓаволот ништо не му е толку мило како човек кој не го прашува другиот и не се советува со оној кој би можел да го упати во доброто. Самоволниот лесно бива прелажан од ѓаволот...

Да си помагаме еден на друг, бидејќи некој е слаб а некој силен. Да не бидеме кавгаџии, но да го правиме само доброто. Да бидеме љубезни, мирни, попустливи, милосрдни, кротки, покорни, исполнети со милост и добри плодови. И мирот Божји нека ги чува нашето срце и ум и нека нѐ удостои за царството небесно во Исус Христос нашиот Господ, Кому доликува слава и сила со Отецот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови! Амин!