За смирението
 
 
 
 
 

За смирението (09.03.2009)

Денес има малку Старци кои ја знаат љубовта Господова спрема нас, и кои ја знаат борбата со непријателите, и дека тие треба да се победуваат со Христовото смирение.

Господ толку го љуби човекот, што му ги дава даровите на Светиот Дух. Но, додека душата не се научи да ја чува благодатта, многу ќе се намачи.

Во првата година по добивањето на Светиот Дух, јас мислев: Господ ми ги прости гревовите. Благодатта сведочи за тоа. Што уште ми е потребно? Но, не требало така да мислам. Иако гревовите се простени, целиот живот треба да се сеќаваме на нив и да страдаме, за да ја сочуваме скрушеноста. Јас не правев така, и престанав да се скрушувам. И многу претрпев од демоните. И бев во недоумение, што се случува со мене. Мојата душа Го знае Господ и Неговата љубов. Како тогаш ми доаѓаат лоши помисли? Но Господ се сожали на мене и Самиот ме научи како треба да се смирувам: „Држи го својот ум во пеколот и не очајувај”. Со тоа се победуваат непријателите. А кога со умот излегувам од огнот, тогаш помислите повторно добиваат сила. Кој, како мене, ја загубил благодатта, тој нека се бори мажествено со демоните. Треба да знаеш дека си виновен ти самиот: падна во гордост и славољубие, и Господ милостиво ти дава да познаеш што значи да бидеш во Светиот Дух, и што значи да бидеш во борба со демоните. Така душата преку опит ја познава штетата од гордоста, и тогаш бега од славољубие, и од човечките пофалби, и од помислите. Тогаш, душата почнува да оздравува, и се учи да ја чува благодатта. Како да разбереме дали душата е здрава или болна? Болната душа е горделива, а здравата душа го сака смирението, како што ја научил Светиот Дух. И иако не го знае тоа, се смета себеси за полоша од сите.

Смирената душа, и кога Господ секој ден би ја земал на небото, и би ѝ ја покажувал сета небесна слава во којашто пребива Он, и љубовта на Серафимите и Херувимите, и на сите Светии, и тогаш научена од опит ќе вели: „Ти, Господи, ми ја покажуваш Својата слава, затоа што го љубиш Своето создание. Но, мене дај ми плач и сила да Ти благодарам Тебе. Тебе Ти прилега слава, на небото и на земјата, а мене ми прилега да плачам за моите гревови”. Инаку нема да ја сочуваш благодатта на Светиот Дух, што ти ја дава Господ за бадијала, заради Својата милост.

Господ многу се сожали на мене, и ми даде да разберам дека целиот живот треба да плачам. Таков е патот Господов. И ете, сега пишувам сожалувајќи ги тие луѓе, кои се како мене, горделиви, и заради тоа страдаат. Пишувам за да се научат на смирение и да најдат покој во Бог.

Некои велат дека така беше некогаш, а сега сето тоа е застарено. Но, во Господ никогаш ништо не ја губи својата вредност, туку ние се менуваме, стануваме полоши, и така ја губиме благодатта. А оној кој бара, нему Господ му дава сè. Не заради тоа што сме достојни, туку заради тоа што Господ е милостив и нè љуби.

Пишувам за тоа бидејќи мојата душа Го знае Господ.

 

Свети Силуан Атонски