За Исусовата молитва (11.03.2009)
Нема да биде прекумерно да се подвлече дека во молитвата со Името на Исус нема ништо автоматско или магиско. Ако не се подвизуваме да ги исполнуваме Неговите заповеди, залудно ќе биде и призивањето на Името. Самиот Тој кажал: “Мнозина ќе Ми речат во оној ден: Господи, Господи! не во Твое ли Име пророкувавме? И зар во Твое Име бесови не изгонувавме? И не во Твое ли Име многу чуда правевме? И тогаш ќе им кажам: Јас никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене вие што правите беззаконија” (Матеј 7, 22-3). Многу е важно да се вподобиме на Мојсеј, кој трпеливо си го поднесуваше подвигот, за да Го видиме Оној, Кој е невидлив (Евр. 11, 27), и да Го призиваме Него со свест за онтолошката врска на Името со Именуваниот, со Личноста на Христос. Љубовта кон Него ќе расте и ќе се усовршува во мерата во која ќе се умножува и продлабочува нашето познание за животот на возљубениот Бог. Кога ние како луѓе љубиме некој, тогаш со пријатно чувство го произнесуваме името на саканата личност и не нè изморува повторувањето. Така, и уште безмерно повеќе е со Името на Господ. Кога љубениот сè повеќе и повеќе се открива пред нас во своите дарови, расте и неговата вредност пред нас, и ние со радост ги забележуваме во него новите црти. Така се случува и со Името на Исус Христос. Ние со голем интерес во Неговото Име ги откриваме тајните на Божјите патишта, и сами стануваме носители на таа реалност, која ја содржи Името. Преку тоа живо познание ние стануваме причесници на вечноста уште во сегашното животно искуство: “А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе, Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исус Христoс” (Јов. 17, 3).
Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј нè нас и Твојот свет.
Името Исус било дадено по откровение Одозгора. Тоа исходи од вечната Божествена сфера, и никако не се јавува како измисленост на земниот разум, па дури и да е изразено со тварен збор. Откровението е акт – енергија на Божеството, и како такво припаѓа на друг план, и ги трансцендира космичките енергии. Во својата надсветска слава Името Исус е – метакосмичко. Кога го произнесуваме ова Име Христово, повикувајќи Го Него на општење со нас, Тој, Кој сè исполнува, внимава на нас, нè слуша, и ние влегуваме во жив контакт со Него. Како предвечен Логос на Отецот, Тој пребива во неразделно единство со Него, и Бог Отецот преку Своето Слово стапува во општење со нас. Христос е Единороден совечен Син на Отецот, и затоа рече, дека “никој не доаѓа при Отецот, освен преку Мене” (Јован 14, 6). Името Исус значи Бог Спасител; како такво, тоа може да се однесува на Света Троица; или на секоја од Ипостасите одделно. Но, во нашата молитва Името Исус се употребува исклучиво како лично Име на Богочовекот, и нашиот ум, притоа сето внимание го обраќа кон Него. Во Него сета полнота на Божеството живее телесно, говори апостол Павле (Кол. 2, 9). Во Него не е само Бог, туку и целиот човечки род. Молејќи се со Името на Исус Христос, ние се ставаме себе пред апсолутната полнота и Нетварното Првобитие, но истовремено и пред тварното битие. За да влеземе во областа на оваа полнота на Битието, ние треба да Го вселиме Него во нас така што Неговиот живот ќе стане и наш, преку призивање на Неговото Име, согласно со заповедта: Господи, Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме грешниот. “А кој се соединува со Господ, еден дух е со Него” (1 Кор. 6, 17).
Старец Софрониј Сахаров