За искушенијата
 
 
 
 
 

За искушенијата (12.03.2009)

Искушенијата што ги допушта Бог се соодветни на нашата издржливост. Но за жал, многу често кон нив се додаваат зајадливите шеги и безрасудните зборови на немилосрдните луѓе, така што тогаш веќе гориме. Силниот ветар вообичаено ги крши тенките дрвја и ги откорнува оние без длабоки корени, а на длабококорените им помага уште повеќе да ги продлабочат.

Милостивиот Бог, сепак не Го успокојува дивиот и немилосрден начин кој едните ги крши, а другите ги корне, туку сака да се однесуваме милосрдно како што е Бог милосрден, и со љубов и со болка да им помагаме на нашите ближни, бидејќи луѓето не се дрвја, туку икони Божји.

Никој не може да ѝ наштети на човековата душа, освен самиот тој.

Искушенијата што Бог ги допушта, човекот го ставаат во искушение, така што тој самиот ја проверува својата духовна зрелост и бива принуден да се смири. Потоа, Бог му дава благодат, откако смирено и радосно ги прима искушенијата, како лек за неговата душа и тој трпеливо Го слави Бог и Му благодари. Добро е што милостивиот Бог дозволува да бидеме искушани, бидејќи ќе имавме скриени страсти и бесмислени побарувања на Судниот ден.

Но, и тоа да ни го прогледаше низ прсти, дури и такви какви што сме да нè примеше во Рајот, и таму ќе создававме проблеми. Затоа допушта, овде да нè стресат искушенијата, за да се очисти нашата душа со жалости и плач, та да бидеме принудени да го најдеме нашиот Спасител, т.е. да прибегнеме кон Бог.

Луѓето оддалечени од Бог се најнесреќни на светот и во овој и во идниот, вечен живот. Уште понесреќни од нив се демоните кои се оддалечија од Него пред илјадници години и со својата гордост и злоба. Така, останувајќи непокајани, продолжуваат и понатаму да се оддалечуваат. А, најблажени меѓу луѓето се оние што покажаа најголемо покајание со болка и со внатрешна скрушеност преку што го скршија гордиот непријател. Тие со подвиг го смирија своето возмутено тело, му го потчинија на духот и причинија најголема радост на небото покајувајќи се и враќајќи се кон Бог.

Кога гревот подолго време ќе остане во човекот, тогаш ѓаволот се здобива со поголеми права, и за да го напушти ќе треба да ја срушиме старата куќа и да изградиме нова.

Луѓето што се опседнати со демон од своето раѓање, добиваат голема награда, ако не негодуваат поради измачувањето додека да се ослободат преку Божјата благодат. Додека пак, оние што самите станаа причина во нив да се всели демон, потребно е самите да прават подвизи.

Оние што се родија со многу наследени страсти и се потрудија да ги отфрлат и да се здобијат со добродетели, се подостојни од оние деца што наследените долгови од своите родители ги исплатија а, притоа се задобија со голем имот.

Во овој живот не треба да се обеспокојуваме за што ни ги направија луѓето или демоните, бидејќи ни Бог не се вознемирува запишувајќи ги и чувајќи ги неправдите со камата во својата небесна ризница.

Неразумен е оној што се надева на човечка правда, а уште понеразумен е оној што не ги заборава неправдите што му ги нанесоа другите, како и добрините што тој им ги направи.

Поголема благодарност им должиме на оние што беа неблагодарни, отколку на оние што ни беа постојано благодарни, оддолжувајќи ни се во овој суетен живот. Исто така, најдобра молитва е кога некој неправедно нè проколнува, а ние го примаме тоа молчеливо и со добрина. Природно е дека оние што се близу до Бог никогаш не можат да бидат проколнати, бидејќи во нив нема зло, туку само добрина. Какво зло и да им биде фрлено на тие осветени луѓе, тоа се осветува, и тие чувствуваат голема скриена радост. Оние пак, што се оддалечени од Бог, секогаш се неутешени и двојно се измачуваат, бидејќи оној што не верува во Бог и во вечниот живот, освен тоа што останува во овој живот неутешен, душата си ја осудува во вечноста.

Луѓето што не веруваат во Бог или Му веруваат малку, а многу веруваат во своето “јас”, му носат катастрофи на светот. Сепак, не успеваат да го постигнат својот демонски план, бидејќи дури и да успеат да се соберат заедно тие зли луѓе, веднаш биваат растурени од злите демони, взаемно уништувајќи се. Ѓаволот што ги собра нема љубов да ги задржи заедно, ни смирение да се поднесуваат едни со други, ниту трпение; и така пред да успее да го направи големото зло, злото се распаѓа.

За жал, световниот ум постојано го остри умот за лукавство, и го смета за успех тоа, кога некој го онеправдува својот ближен, дури ја добива титулата: тој е како ѓавол, сè му успева, додека внатрешно се измачува од грижа на совеста (мал пекол).

Не постои поголем оган од внатрешниот пламен на душата причинет од совеста што ја измачува и постојано ја јаде со црвчето уште од овој живот. Црвот кој никогаш не заспива уште повеќе ќе ја јаде во вечниот живот, ако човекот не се покае уште овде и не им се оддолжи на ближните за неправдите што им ги нанел, барем добронамерно, ако не може поинаку.

Непокајаниот човек е најнеразумен на светот, бидејќи освен тоа што страда од постојан немир, и не може да се ослободи од тој мал пекол што предизвикува полош, вечен пекол, непокајникот се лишува и од земните рајски радости, кои продолжуваат на многу повисоко ниво во Рајот, близу до Бога.

Не постои поголема радост во светот од љубовта Божја, која заедно со Неговата нежност уште од овој живот неисцрпно им се дава на Неговите благочестиви деца. Таа може само да се живее, не и да се изрази. Затоа и возвишената љубов, што ни ја има зачувано во Рајот, не ни ја дава веднаш, бидејќи не ќе успееме да ја сместиме во нашите земјени срца.

 

Старец Паисиј Светогорец