Недела на свети Григориј Палама
 
 
 
 
 

Недела на свети Григориј Палама (14.03.2009)

 

 

 

 

 

„Светилнику на Православието,

Тврдино на Црквата и учителу!

Убавино на монасите,

непобедлив поборнику на богословите!

Чудотворче Григорие,

 славо Светогорска,

и проповеднику на благодатта,

моли Го Бога непрестајно

да ги спаси душите наши.

 

(тропар на свети Григориј Палама)

 

 

 

 

 

 

 

Оваа химна посветена на Григориј Палама, Православната Црква ја пее на богослужбите во втората недела на Великиот пост. Посветена е на човекот кој неколку децении пред падот на Византија изврши научна синтеза на исихазмот, тоа старо предание на созерцателното монаштво на Источната Црква.

Исихазмот е монашко движење што потекнува од пустинските Отци. Самиот Палама може да се нарече учител на православната мистика, затоа што неговото дело ги надминува границите на една духовна школа, а по својата најдлабока суштина го обновува животот на христијанската сетајна.

Источното монаштво уште пред Палама, зад себе имало долга историја. Големите учители му оставиле изобилство од пишани дела. Преживеало многу тешкотии и искушенија. Меѓу современиците на Палама монаштвото имало огромен углед, а самиот Палама без резерва го прифатил целокупното негово наследство. Паламиното дело ги нагласило и ги подвлекло трајните доктринарни и духовни елементи на монаштвото, токму во моментот кога духот на ренесансата првпат ја допрел Византија и кога христијанскиот Запад преживувал една од своите најрадикални трансформации. Ако многуте вредности коишто средниот век ги сметал за апсолутни исчезнале без трага, дали и суштината на христијанството требало да исчезне? Дали новопостигнатата автономија на интелектот и на самата природа оставила место во новото општество за духовниот живот кој го дава Христос, а којшто е далеку над сите чисто човечки достигнувања?

Делото на Палама ги разреши овие проблеми. Поради тоа, победата на неговото учење во византискиот 14 век, Православната Црква ја смета не како триумф на некаков посебен облик на мистицизам, туку како победа на самото Православие. Потврдата на Паламиното учење од страна на Црквата порасната од чисто монашка традиција, има вечна и универзална вредност.