Почитување на слободата на другиот и за љубовта на духовникот (17.03.2009)
- Старче, можно ли е некој свесно да го сокрие својот грев од својот духовник?
- Да, но дури и ако духовникот знае за неговиот грев, или само нешто наслутува, не е полезно и не е добро тоа да го каже. Често во борбата на другиот гледам нешто, претпоставувам или знам што направил, но од почит не му кажувам ништо, ако тој самиот не ми го каже тоа. Сметам за насилство и нечесна постапка тоа да му го кажам, ако тој самиот не сака тоа да ми го открие. Ова е осетливо прашање, бидејќи може да го доведе во незгодна положба. Како можеш другиот да го присилиш на нешто. Постои слобода. Освен, ако гледам дека се наоѓа во непосредна опасност и нема шанси да добие помош од друга страна, или е во незнаење, па ќе си го скрши носот, ќе се упропасти, е, тогаш ќе гледам да најдам начин да му кажам нешто.
Подобро е на другиот да му дадеш прилика да разбере каде згрешил, доколку тоа го побара, па самиот да го удира својот стар човек, бидејќи тоа е помалку болно. Гледаш, и мало дете кога само ќе падне и ќе се удри помалку плаче, отколку кога ќе падне затоа што го турнало друго дете.
За човек да му каже на другиот да направи нешто, треба оној кој ќе го слуша да биде смирен, а оној кој треба да каже да биде десет пати посмирен и самиот да го применува она што ќе побара од другиот. Јас ќе направам чекор и половина, за на другиот да му кажам да направи чекор, и пак ќе размислам дали ќе му кажам.
Се разбира, такво нешто може да се прави со човекот когошто добро го познаваш. Духовникот ќе види кои права му ги дава другиот и колкава одговорност има кон него и согласно тоа ќе се однесува. Ако презеде одговорност за душата, тогаш е дозволено да ја контролира, но со расудување, се разбира. Не помага ако изиграваш учител во однос на другиот и ако му ги контролираш навиките, а тој самиот не ти даде право за тоа. Тоа е како некој да влезе во мојата келија и да ми ги испреметка работите: кандилото да го стави ваму, креветот онаму, да ја закачи бројаницата на друго место, без нешто да ме праша.
Љубовта на духовникот кон оној кој му се исповеда
Облагодатениот духовник ја љуби душата и страда за неа, бидејќи е свесен за нејзината голема вредност. Ѝ помага во покајанието, ја растеретува преку исповедта, ја ослободува од тежината и ја воведува во рајот. Духовникот се нарекува „отец“. И затоа треба да се труди да биде вистински отец: да советува и да упатува со божествена љубов и нежност. Треба да биде во состојба да се стави на место на секого кој му се исповеда и со него да го проживува неговото страдање, така што оној кој се исповеда да ја види својата болка на лицето на духовникот. Ова е особено потребно во ова наше време, кога луѓето чувствуваат потреба од малку свежа вода, а не од оцет. Многумина, бидејќи се под силно демонско влијание, тешко прифаќаат духовен совет или забелешка. Затоа, и прекорот на духовникот треба да биде производ на љубовта: внимателно треба да се укаже на гревот. Со насмевка, или низ шега.
Љубовта советува, а душевните страсти го издаваат човекот. Кога не постои љубов забалешката може да биде кажана на убав начин, но другиот има внатрешен отпор, бидејќи чувствува човечки елемент во нашето однесување. Но ако се прекорува со болка и со љубов, другиот може да се растажи, но длабоко во себе не е повреден бидејќи ја чувствува љубовта. Познавам еден духовник којшто е прилично дебел – има таква конституција, а можно е и малку да не припазува на јадењето – но знаете ли колку тој човек страда заради другиот, колку се грижи за оние што страдаат, тој поседува смирение, бидејќи вели дека не се подвизува, но напоредно со тоа поседува огромна добрина и така многумина чувствуваа поголемо спокојство кај него, отколку кај некој духовник што се подвизува.
Духовникот кој не е решен да отиде дури и во пеколот за љубов на своите духовни деца, не е духовник.
Старец Паисиј Светогорец