За мирот
 
 
 
 
 

За мирот (21.03.2009)

 

 

 

Сите сакаат да имаат мир, но не знаат како да го достигнат. Паисиј Велики се гневел и барал од Господ да го избави од гневливоста. Господ му се јавил и му кажал: „Паисиј, ако сакаш да не се гневиш, ништо не посакувај, никого не осудувај и не мрази, па нема да се гневиш.” Така секој човек, ако ја сече својата волја пред Бог и пред луѓето, секогаш ќе биде мирен во душата, а кој сака да ја исполнува својата волја, тој никогаш нема да биде мирен.

Душата којашто ѝ се предала на волјата Божја, лесно ја поднесува секоја неволја и секоја болест, затоа што и во болеста таа се моли и Го созерцува Бог: „Господи, Ти ја гледаш мојата болест. Ти знаеш колку сум грешен и немоќен. Помогни ми да трпам и да Ти благодарам за Твојата благост.” И Господ ја олеснува болеста, и душата ја чувствува Божјата помош, и се радува пред Бог и Му благодари.

Ако те снајде некоја неволја, тогаш размислувај: „Господ го гледа моето срце, и ако Му е угодно, тогаш ќе ми биде добро и мене, и на другите.” И така, твојата душа секогаш ќе биде во мир. А ако некој ропта: „Тоа не е така, а тоа не е добро”, тој никогаш нема да има мир во душата, дури и ако пости и многу се моли.

Апостолите ѝ беа целосно предадени на волјата Божја. Со тоа се чува мирот. Така и сите свети, големи луѓе ги трпеа сите неволји, предавајќи ѝ се на волјата Божја.

 

Господ нè љуби. И затоа од ништо не треба да се плашиме, освен од гревот. Затоа што заради гревот се губи благодатта, а без благодатта Божја непријателот ја прогонува душата како ветар што го гони сувиот лист или чадот. Треба секогаш да се сеќаваме на тоа дека демоните паднаа заради гордоста. И секогаш се трудат и нас да нè повлечат на тој пат, и многумина ги излажале. А Господ рече: „Научете се од мене на кроткост и смирение, и ќе најдете покој за душите ваши.”

О, Милостив Господи, дарувај ни го Твојот мир, како што им го даде на Светите Апостоли: „Мирот Свој ви го давам.”

Господи, дај ни и нам да се насладиме од Твојот мир. Светите Апостоли го добија Твојот мир и го излеаја врз сиот свет. И спасувајќи го народот, не го губеа мирот, и тој не се намалуваше во нив.

Слава Му на Господ и на Неговото милосрдие, што Он многу нè љуби, и ни го дава Својот мир, и благодатта на Светиот Дух.

 

Како да го сочуваме душевниот мир среде соблазните на нашето време?

Судејќи според Писмото, и според карактерот на денешниот народ, ние живееме во последните времиња. Затоа, треба да го сочуваме душевниот мир без кој не можеме да се спасиме, како што кажа големиот молитвеник на руската земја, преподобниот Серафим. За време на животот на преподобниот Серафим, заради неговите молитви, Господ ја чувал Русија. По него имаше и друг столб, кој досегал од земјата до небото, отец Јован Кронштатски. Ќе се задржиме на него, тој е од нашето време, и ние го видовме како се моли. Тогаш кога другите не ги видовме.

Се сеќавам, по Литургија, кога му ја дадоа запрежната кола, тој сакаше да седне, го окружи народ барајќи благослов. И во толкава гужва, неговата душа непрестано пребиваше во Бог, и тој не се расејуваше и не го губеше душевниот мир. Се прашуваме како го постигнал тоа?

 

Тој го достигнал тоа и не се расејувал, затоа што го љубел народот, и не престанувал да Му се моли на Господ за него:

„Господи, дарувај им го Твојот мир на Твоите луѓе.”

„Господи, дарувај им Го на Твоите слуги Твојот Свет Дух, за Он да ги стопли нивните срца со Твојата љубов, и да ги упати кон секоја вистина и секое добро.”

„Господи, сакам Твојот мир да биде во сиот Твој народ, кого Ти го возљуби до крај, и го даде Својот Единороден Син за да го спасиш светот.”

Господи, дарувај им ја Твојата благодат, за да Те познаат во мирот и во љубовта, и да Те возљубат. И да речат како и Апостолите на Тавор: „Добро ни е Господи, да бидеме со Тебе”.

Така непрестано молејќи се за народот, тој го сочувал духовниот мир. Ние, пак, го губиме, затоа што во нас нема љубов спрема народот. Светите Апостоли и сите Светии сакаа да се спаси народот и пребивајќи меѓу луѓето, огнено се молеа за нив. Светиот Дух им ја даваше силата да го љубат народот.Ако и ние, не го љубиме братот, не можеме да го имаме мирот.

Секој нека размисли за тоа.

Слава Му на Господ, што не нè остави сираци, но ни го даде Светиот Дух на земјата. Светиот Дух ја учи душата на неискажлива љубов кон народот и ја учи да ги сожалува сите заблудени. Господ се сожали на заблудените и го прати Својот Единороден Син да ги спаси. И Светиот Дух нè учи, исто така, да ги сожалуваме заблудените, коишто одат во пеколот. Оној што не го стекнал Светиот Дух, не сака да се моли за непријателите.

Преподобен Паисиј Велики се молел за својот ученик, кој се откажал од Христос, и за време на молитвата му се јавил Господ и му кажал: „Паисиј, за кого се молиш? Па тој се откажа од Мене!” Но, Преподобниот продолжил да го сожалува својот ученик. И тогаш, Господ му кажал: „Паисиј, ти ми се вподоби Мене во љубовта.”

Така, се стекнува мирот, и освен овој, не постои друг пат.

Ако некој многу се моли и пости, но нема љубов кон непријателите, тој не може да има душевен мир. Јас не би можел да зборувам за тоа, ако Светиот Дух не ме научеше на љубовта.

 

Грешната душа, поробена од страстите, не може да го има мирот и да се радува во Господ, дури и да ги има сите земни богатства, дури и да царува над сиот свет. Кога, на таквиот цар, кој се весели со своите кнезови и кој седи на престолот во сета своја слава, би му кажале: „Цару, ти сега ќе умреш,” тогаш, неговата душа ќе се возмути и ќе затрепери од страв, и тој ќе ја види својата немоќ.

А колку многи има бедни, кои се богати само со љубовта кон Бог, и коишто, ако некој им рече: „Ти ќе умреш сега”, мирно ќе одговорат: „Нека биде волјата Господова. Слава Му на Господ, што Си спомна за мене, и што сака да ме земе таму каде што прв влезе разбојникот”.

Има бедни коишто не се плашат од смртта, туку мирно ја чекаат, како и Праведниот Симеон, кој ја испеал песната: „Сега го отпушташ Твојот слуга со мир, Владико, според зборовите Твои.”

Каков мир имаше во душата Праведниот Симеон, можат да разберат само тие кои во својата душа го носат мирот Божји. Или барем некогаш го почувствуваа. За тој мир Господ им кажа на Своите ученици: „Мирот Свој ви го давам”. Кој го има тој мир, тој мирно преминува во вечниот живот и вели:

“Слава Ти, Господи, што сега и јас доаѓам при Тебе и вечно во мирот и во љубовта ќе Го гледам Твоето Лице. Твојот тивок, кроток поглед ја привлече мојата душа да тагува по Тебе.”

 

Братот треба да го вразумуваме, но со љубов. Мирот се губи ако душата се возгордее, или се вознесе над братот, или ако некого осуди, или ако го вразумува братот, но не кротко и без љубов. Ако многу јадеме, или ако се молиме со мрза, за сето ова се губи мирот.

Но, ако се навикнеме да се молиме усрдно за непријателите, и да ги љубиме, тогаш мирот секогаш ќе пребива во нашите души. А ако го мразиме братот, или го осудуваме, тогаш нашиот ум ќе се помрачи и ние ќе го загубиме мирот и смелоста пред Бога.

 

Свети Силуан Атонски