Разговор со помислите
 
 
 
 
 

Разговор со помислите (26.03.2009)

- Старче, кога ќе ми дојде горда помисла, тоа ме мачи.

- Ја задржуваш ли во себе?

- Да.

- Зошто ја задржуваш? Затвори ѝ ја вратата. Ако ја задржуваш во себе, трпиш штета. Помислата доаѓа како крадец, ти ѝ отвораш врата, ја пушташ внатре, влегуваш во разговор со неа и таа потоа те покрадува. Дали некој разговара со крадец? Не само што никој не разговара со крадец, туку и си ја заклучува вратата за да не може да влезе внатре. Можеби и не разговараш со неа, но зошто ја пушташ да помине? Да наведеме еден пример: не кажувам дека ти имаш такви помисли, но ајде да претпоставиме дека ти доаѓа помисла дека би можела да бидеш игуманија. Во ред, помислата дошла. Штом ќе дојде, ти кажи си на себеси: „Аха, добро: сакаш да бидеш игуманија? Биди си прво игуманија на сама себе.“ Така веднаш на самата себе си го прекинуваш разговорот. Зошто да разговараме со ѓаволот? Гледаш, кога ѓаволот отиде да Го нападне Христос, Тој му рече: „Бегај од Мене, сатано“ (Лука 4, 8). Бидејќи Христос му рече на ѓаволот: „Ајде, бегај од Мене...“ зошто па ние да разговараме со него?

 

 

- Дали е лошо, старче, да разговарам со една лоша помисла само за да откријам од каде ми е?

- Лошото е во тоа што ти не разговараш со помислата, како што мислиш, туку со ѓаволот. Пријатно ти е во тој момент, но после се мачиш. Немој воопшто да се впушташ во расправа со такви помисли. Земи ја таа рачна бомба и фрли ја на непријателот, за да го убиеш. Рачната бомба има таква особина што не експлодира веднаш, туку после две-три минути. Така и помислата од лево, ако ја истераш веднаш, не може да те повреди. Но ти понекогаш не си доволно будна, не ја изговараш молитвата, па не можеш да се одбраниш. Доаѓа однадвор телефонска порака од ѓаволот, ти ја примаш, ја читаш, па повторно ја читаш, ѝ поверуваш и ја ставаш во архив. Тие фасцикли ќе ти ги покаже ѓаволот во денот на Страшниот суд за да те обвини.

 

- Кога, старче, нападот на некоја помисла претставува пад?

- Ти доаѓа помисла, а ти ја истераш веднаш - тоа не е пад. Дојде ли, а ти се расправаш со неа. Тоа е пад. Дојде ли, ја примиш, па потоа ја истераш. Тоа е делимичен пад, бидејќи и тогаш си претрпела штета, бидејќи ѓаволот го загадил твојот ум. Значи, тоа е како да дошол самиот ѓавол, а ти му велиш: „Добар ден, како си? Дали си добро? Седи да те послужам со нешто. А, ти ли си ѓавол? Заминувај веднаш.“ Бидејќи сфати дека е ѓавол, зошто го прими внатре? Го послужи и тој повторно ќе дојде.

 

Старец Паисиј Светогорец