Оној кој има добри помисли на сè ќе гледа добро
 
 
 
 
 

Оној кој има добри помисли на сè ќе гледа добро (27.03.2009)

Ми рекоа некои дека се соблазнуваат бидејќи во Црквата гледаат многу работи наопаку, а јас им кажав: „Ако ја прашаш мувата: ‘Има ли во околинава цвеќе?’, таа ќе ти каже: ‘Не знам, но таму долу има многу конзерви, ѓубре, нечистотија’, па ќе ти ги наброи сите ѓубришта што ги поминала. А, ако ја прашаш пчелата: ‘Си видела ли некоја нечистотија во околината?’, таа ќе ти рече: ‘Нечистотија? Не, не сум видела никаде; овде е сѐ полно со миризливо цвеќе’ и ќе ти изнакаже од кое сѐ цвеќе има по градините и полињата и така натаму. Гледаш, мувата знае само каде има ѓубре, додека пчелата знае дека таму цвета лилјан, а малку подалеку зумбул...“

Колку што сфатив, едни луѓе личат на пчела, а други на мува. Оние што личат на мува во секоја ситуација бараат само да видат што има лошо и преокупирани се со тоа. Никаде не гледаат ништо добро. Оние што личат на пчела секаде наоѓаат само она што е добро. Расипан човек расипано мисли, сѐ прима од лево, сѐ гледа наопаку. Од друга страна, оној кој има добри помисли, што и да види, што и да му кажеш, ќе има добра помисла.

Еднаш, едно момче од второ одделение гимназија дојде во колибата и почука на врата. Имав цела вреќа со писма да прочитам, но реков ајде да излезам и да видам што сака момчево.

 

- „Што е, момче?“ – му реков.

- „Дали е ова колибата на Старец Паисиј? Би сакал да разговарам со отец Паисиј“ – рече тоа.

- „Ова е неговата колиба, но тој не е овде. Отиде да купи цигари“ – му реков.

- „Веројатно отиде да послуша некој, да му купи цигари“ – рече тоа со добра помисла.

- „Ма не, отиде да купи цигари за себе. Остана без цигари, па полуде. Мене тука сам ме остави, и воопшто не знам кога ќе се врати. Ако долго го нема, ќе си одам.“

 

Очите му се насолзија, но тоа повторно со добра помисла рече: „Го замараме Старецот“.

- „А што ќе ти е тој?“ – го прашав.

- „Сакам да побарам благослов од него“ – рече.

- „Каков благослов, море, да земеш! Тој е измамник. Нема од него никаква корист. Јас добро го познавам. Немој без потреба да чекаш, бидејќи, кога ќе се врати, ќе биде нервозен, можеби дури и пијан, бидејќи и пие, покрај сѐ.“

Но, момчето непрестајно имаше добра помисла.

- „Добро – реков – јас, сепак, ќе го почекам уште малку. Што да му кажам?“

- „Имам едно писмо да му предадам – рече тоа – но ќе почекам да земам и благослов“.

 

Видовте ли? Што и да му кажував, прифаќаше со добра помисла. Му реков: „Полуде по цигари“, а тоа сиротото, воздивна, очите му се наполнија со солзи. „Кој знае“ – рече – „сигурно отишол некого да послуша, да му купи цигари“. Други толку читаат, а тоа, момче од дванаесет години, па поседува толку добри помисли! Му ја расипуваш помислата, а тоа пронаoѓа подобра и извлекува уште подобар заклучок. Ме воодушеви! Првпат видов такво нешто!  

 

Старец Паисиј Светогорец