Грешните луѓе имаат многу причини за смирение
 
 
 
 
 

Грешните луѓе имаат многу причини за смирение (04.04.2009)

Оние што живееле грешен живот, а потоа се покајале, се свртеле кон духовното, треба постојано со радост да се смируваат прифаќајќи ги неволјите што ќе ги снајдат, бидејќи на тој начин се искупуваат. Гледаме како преподобната Марија Египетска која живеела грешно, откако се покајала и го сменила начинот на животот, ја вознемирувале желбите од световниот живот. Таа водела голема борба за да ги пресече. Ѓаволот ѝ говорел: „Што ќе изгубиш ако само накратко ја видиш Александрија? Не треба да се забавуваш, само погледни малку од далку.“ Но, таа не се свртувала наназад. Толкаво било нејзиното покајание! Други преподобни жени, што не живееле световен живот, немале толкава борба. Преподобната Марија која живеела во светот имала лута борба. Тоа страдање е согорување на раните здобиени со грешен живот. На тој начин, и оние кои живееле и оние кои не живееле грешно доаѓаат до истиот степен на духовноста.

 

-                      Старче, зарем во таквите случаеви воопшто нема божествена утеха?

 

-                      Како не! Има многу! Преподобната Марија достигнала таков степен на духовноста што молејќи се, се издигнувала една педа над земјата.

Големите грешници, ако добро се познаваат самите себе, природно имаат многу причини за смирение. Секој пад сосема природно е пад, но дава повод за смирение и молитва. Гревовите, ако се искористат за смирение, се ѓубриво со кое ги потхрануваме билките. И зошто човекот да не го користи и тоа да ја направи плодна нивата на својата душа за таа да стане плодоносна? Значи, доколку оној кој сторил големи гревови се почувствува виновен и каже: „Не смеам ни главата да ја подигнам да погледнам во човек“, смирувајќи се, добива многу благодат Божја и така напредува сигурно и може високо да се воздигне. Од друга страна, оној кој не сторил големи гревови, ако не се постави на вистински начин и не си каже: „Бог ме сочува од многуте зла, а јас сум толку неблагодарен и грешен и погрешен сум од најголемиот грешник“, духовно заостанува позади првиот.

Спомнете си, на пример, за фарисејот и митникот. Фарисејот правел многу добри дела, но бил горд. Митникот сторил многу гревови, но ги осознал имајќи во себе скрушеност и смирение – најважното што Христос го бара од човекот, и затоа лесно се спаси. Видовте на иконата како изгледа фарисејот! Покажува со прстот на митникот велејќи: „Не сум како него!“... Бедниот митник се крие позади столб: не се осмелува ниту да погледне наоколу, а фарисејот му покажува на Христос каде се наоѓа митникот! Го забележавте ли тоа? Како Христос да не знаеше каде е митникот! Фарисејот, иако правел сѐ како што е пропишано, сѐ било залудно. Што може гордоста да направи! Кога некој ќе згреши, а не се смирува, тогаш тој е грешен како митникот и горд како фарисејот. Двојно... дарови! „И шугав и вошлив“, како што велат во Епир.

Колку што можете трудете се да ги отфрлите духовните отрови, страстите, за да стекнете духовно здравје.

 

Старец Паисиј Светогорец