За послушанието
 
 
 
 
 

За послушанието (08.04.2009)

Кој пример би бил поубав од Господ Исус! Зарем послушноста кон Отецот не Го одведе до Крстот и до смртта? Зарем Тој, бидејќи единосуштен на Отецот, не можел да се спротистави на ова? Тој, меѓутоа, тоа не го стори. Додека се качувал на Голгота, чекорел во пот и паѓал на колена со болка, под бремето на отсекувањето на сопствената волја. Требало Тој да се искачи, да го досегне нејзиниот врв и да биде воздигнат на прославениот и за демоните страшен Крст, да го покаже совршеното и апсолутно послушание и да се здобие со непропадливиот венец на вечната слава.

На тој начин се здобиваме со воскресението на душата, а не со самоволно колебање меѓу послушанието и непослушанието. Нема да стекнеме венец така, туку со драговолно жртвување. Сите пречки се совладуваат со цврстата решеност попрво да се умре одошто да се изневери должноста на послушанието.

Со Христовото послушание сме спасени, а со Адамовото непослушание сме фрлени во пеколна бездна. Патот на послушанието навистина води на Голгота. Тој е нагорен и искачувањето е малку напорно. Ќе се потиме и ќе се уморуваме, но сепак да помислиме дека по воскресението ќе ги стекнеме чистотата на душата и восиновувањето и дека тоа богатство не може да се спореди со никакви овоземни наслади. Што зборувам јас? Со земните нешта! И сиот свет кога би го продал, човекот не би можел да купи ниту една капка од духовната радост на душата што се искачила на Голгота и го видела своето сопствено воскресение.

Христос им рекол на Своите ученици: Кој ве слуша вас, Мене Ме слуша и кој ќе се одрече од вас , од Мене се одрекува; а кој ќе се одрече од Мене, се одрекува од Оној што Ме пратил (Лука 10; 16). Преемници (наследници) на Апостолите се епископите, свештениците, игумените и Старците во малите братства. Според тоа, оној што им е послушен на апостолските преемници, послушен Му е на Самиот Христос, додека  пак, оној којшто им е непослушен се одрекува од Христа.

Бидејќи сакаме да Му се потчиниме на Христа, мораме да покажеме послушание, но не така што ќе бидеме послушни во она што нам ни се допаѓа. Во Гетсиманската градина Христос побарал спасението на човечкиот род да се изврши на начин поинаков од оној што го сакал небесниот Отец. Но бидејќи небесниот Отец се одлучил за Крстот, Христос одговорил: “Не како Јас што сакам, туку како Ти, Оче„ (Матеј 26; 39) и бил послушен до смрт и тоа смрт на Крст (Филипјани 2; 8).

Теологијата произлегува од молитвата, а молитвата од совршеното послушание. Ако нема послушание, монахот набргу ќе го изгуби секој талант и дар што го има, додека вистинскиот послушник изобилува со сите дарови на Утешителот и се богати сега и во сите векови.

За да нè посети благодатта Божја, мораме со совршено послушание да примениме сè на што сме научени. Да не ѝ ја додаваме својата волја на волјата на Старецот, зашто тоа се нарекува духовна прељуба. Мораме искрено да се трудиме во своето послушание, инаку нема да напредуваме на монашкиот пат.

Смирението е онаа добродетел којашто чудесно помага да се примени совршеното христолико послушание. Напротив, егоизмот и гордоста се противат на неговото стекнување.

Послушникот е должен да се жртвува за Старецот, да го возљуби многу, бидејќи единството со него ја зајакнува неговата душа во  подвигот. Кој го љуби и му е послушен на својот Старец, молитвата на Старецот нема да го остави без духовни плодови. Таквиот секако ќе се спаси и ќе се искачи на пресветлиот престол Божји. Оној што го огорчува Старецот, подоцна ќе плаче над својата духовна пустош.

Застрашувачки и ужасно е да вршите притисок над вашиот Старец и да го присилувате да стори нешто што вие сакате, а неговата душа не сака. Тоа е страшно и тоа го знае само оној што поседува личен опит.

Твојот духовен Отец и Старец вреди повеќе од сите луѓе на светот, повеќе од целиот свет. Само ѓаволот подобро од сите знае што значи Старец и што значи совршено послушание кон Старецот.

Никогаш не испитувај што прави твојот Старец или зошто го прави ова или она. Немој да му судиш, зашто ќе станеш антихрист! Никогаш во својот живот немој да бидеш попустлив кон оние што зборуваат против Старецот. Напротив, веднаш спротистави се! Заштити го и одбрани го. Зашто Христос ги исправа неговите човечки недостатоци и грешки, заради беспоговорното и чисто послушание.

 

Старец Ефрем Филотејски