Послушанието има вредност единствено кога низ страдање и труд се отсекува самоволието
 
 
 
 
 

Послушанието има вредност единствено кога низ страдање и труд се отсекува самоволието (09.04.2009)

Голем успех за сатаната е кога ќе успее да го убеди послушникот да ги скрие своите помисли од Старецот, да направи нешто без одобрение и благослов на Старецот и да не му се исповеда искрено на својот духовен отец. Таквиот послушник никогаш нема да постави добар почеток и никогаш нема да напредне во благодатта Божја. Напротив, ќе талка таму-ваму додека не дојде несреќниот крај на неговиот живот.

Послушанието има вредност единствено кога низ страдање и труд се отсекува самоволието. Страсните навики наликуваат на трнливи корења и природно е дека секој што сака да ги искорне ќе почувствува болка, ќе се боцне и од раката ќе му потече крв. Истото се случува и кога заради послушание кон духовниот отец се искоренуваат лошите навики.

Не нажалувај го Старецот или монахот-брат, зашто истиот миг мирот ќе ти исчезне од душата. Исусовата молитва ќе се прекине и ќе се наполниш со помисли. Лек за тоа се исповедта, врелите солзи и проштевањето кон другите.

Внимание!!! Ако имаш нешто против Старецот, биди внимателен, зашто ѓаволот лесно ќе те сруши и ќе те опрелести. Доведи ги во ред своите помисли за во поглед на Старецот да не те вознемирува ништо.

Сè што прави послушникот без благослов на Старецот е проклето, му припаѓа на ѓаволот. Значи, само послушанието нè спасува нас монасите.

Добриот послушник ќе донесе плодови на кротост. Зашто Старецот ќе го отсече неговото самоволие, ќе го прекори и ќе му направи забелешка, а кога ученикот е послушен, стекнува драгоцена кротост. Со еден збор, добриот послушник ги стекнува сите добродетели, ако покаже беспоговорно послушание. Меѓутоа, ако приговара и се кара, ако е непослушен, горд и слично, сериозно ја повредува својата душа, бидејќи Го нажалува Бог Којшто се смири (се унижи) Самиот Себеси, а тој, овоземен и беден човек, се гордее!

Совршениот послушник нема да го задржуваат воздушните митарства. Тој не се плаши ни од смртта, ни од демоните, ни од Бог, туку напротив, Го љуби најтопло. Вистинскиот послушник се плаши единствено од непослушноста кон својот Старец, којшто за него претставува видлив Христос. Непослушноста кон Старецот веднаш ќе го избрка од рајот на благодатта на Светиот Дух, којашто во најголема мера ја насладува смирената и ангелоподобна душичка на послушникот. Совршениот послушник во сè Му е подобен на Богочовекот Христос.

Кога ученикот му е, заради Христа, послушен на својот Старец, тој ги извршува сите заповеди Христови. Совршеното послушание, без роптање и двоумење, би можело достојно да се спореди со сите разновидни подвизи во исполнувањето на Господовите заповеди.

Бог го љуби оној што е послушен заради љубовта Божја и во добриот послушник престојува сецелата Света Троица. Каква величественост крие во себе триблагословеното послушание! Тоа на смирениот, малечок и безначаен послушник му овозможува да стане престојувалиште на Света Троица! Тоа го прави извршител на сите Христови заповеди и го води во Рајот, каде што со двоен венец и блескав ѓердан ќе чекори меѓу Светителите.

Каква чудесна слобода стекнува оној кој целосно го отсекол своето самоволие! Колку се одмара душата на тој борбен подвижник, послушник кој се откажал од самоволието и ја исполнува волјата на својот Старец! Таквиот блажен послушник води духовно угоден живот, преисполнет со радост и надеж. Тој живее мирно и чудесно, сигурен дека успокојувајќи го својот Старец, со неговите молитви и самиот ќе го најде спокојството во Рајот.

Блажен е и триблажен послушникот којшто во сè го отсекол своето погубно самоволие и на својот духовен отец му исповеда сè. Таквиот човек уште овде ќе биде наполно духовно здрав и како ангел Божји ќе блеска меѓу ангелите пред страшниот престол Господов.

Радувај се, затоа, храбар послушнику, подражателу на Великиот Послушник Кој се унижи Себеси и беше послушен до смртта, и тоа смрт на крст. Затоа и Него Бог високо Го воздигна и Му подари Име што е над секое име (Филипјани 2; 8 - 9). Што се однесува до тебе, ќе те вознесе над страстите и ќе ти ги подари бестрастието и Својата љубов. Бори се, значи, да ги исполниш советите на оној кој те прифатил во Господ кога си се заветувал на Бог во совршено послушание до смртта, одрекувајќи се од самоволието, заради Христа.

О послушание, спасение на сите верни! О послушание, мајко на сите добродетели! О послушание, што ги отвараш небесата и го воздигаш човекот од земјата! О послушание, храно на сите светители, со која беа одгледани и со неа станаа совршени! О послушание, сожителу на ангелите!

 

Старец Ефрем Филотејски