Во покајната молитва за своите гревови ние се учиме да ја доживуваме трагедијата на целото човештво (14.04.2009)
Петар се подигна после падот; но можам ли јас да бидам сигурен во себе? Додека срцето го чувствува присуството на Бога, ние сме спокојни и восхитени од љубовта кон Него. Но кога Тој отстапува со Своето забележително дејство, тогаш повторно сознанието за мојата немоќ до болка ме нажалува. Крстниот подвиг во поголема или помала мера ме следи до староста. Ми се чини дека ја познав мерата на човекот; и тоа знаење ми дава слобода во средбите со сите. Но, во минатото имав средби и со поинакви сили, неизмерно помоќни од мојата ништожност. Во тие страшни часови ме спасуваше Името на Исус Христос. Се молам, со мене да биде така сè до крај, и без крај. Во часовите на промислителна богооставеност внатре во нас се буди пламена молитва, и во нејзината прегратка духот со радост ја препознава својата сродност со Христос, и вподобувањето на Него расте. ГОСПОД нè создаде нас по Својот образ; следствено, и ние во Него стануваме “господи”. Утврдувани од Неговата сила – ние го набљудуваме секој вид зло во тварниот свет, но тоа ја губи власта над нас. Во тоа е нашето “господство”, кое е неопходно за “непоколебливото Царство”.
“Уште еднаш Јас ќе ја потресам не само земјата, туку и небото”. Зборовите “уште еднаш” означуваат дека колебливото, како затворено, ќе се измени, та да остане само непоколебливото” (Евр. 12, 26-27). Ние не можеме да знаеме на какво последно испитување ќе се подвргне сета твар. Неопходен е побожен страв, додека не ги поминеме сите тварни прагови и не се преисполниме со нетварен живот кој од Бога слегува на нас.
Христос Бог е безграничен во Својата сила: Неговиот Дух ги исполнува сите бездни. Но и во Своето “испразнување” Тој, исто така, останува недостижен за нас. Кога во безоблично, постојано молчание стоиме пред Бога, во потполна соголеност на целото наше битие, тогаш и за нас самите се открива длабочината на нашата природа. Низ потполна сосредоточеност – СОБРАНОСТ на сè внатре во нашата личност – ни се дава да увидиме дека постоењето на човештвото по своите извори и по својата природа е ЕДИНСТВЕНО ПОСТОЕЊЕ, ЕДИНСТВЕН ЧОВЕК. Оттука доаѓа “природното” движење на нашиот дух кон молитва за сите луѓе, за ЦЕЛИОТ АДАМ, како за самиот себе. Оттука е разбирањето на зборовите Христови: “сите едно да бидат… како што сме Ние едно” (Јован 17, 21-23).
Во покајната молитва за своите гревови ние се учиме да ја доживуваме трагедијата на целото човештво низ самите себе. Ако сето мое суштество така боледува заради моите секаквородни падови на секој чекор – ако позади сите мои падови се крие првобитниот пад на нашиот Прататко, кој го оттргна целото човештво од Бога и Отецот наш, тогаш нормално е во моите лични страдања да ги препознавам и постоечките страдања на сите луѓе. Но, може и спротивно: во мојата радост – да ја видам радоста на целиот свет. Така христијанинот се учи да сострадува со сите страдалници, и да се радува со сите кои се радуваат.
Ако гревот во својата длабока суштина секогаш е престап против љубовта на Отецот, тогаш потполното обновување на уништената љубов не е можно поинаку освен преку тотално покајание, кое до крај би ни открило, доколку е возможно, што значи тој престап, кога ние го гледаме во планот на вечноста. “Оче Добар, исцели ме мене, лепрозниот; обнови ме мене, изопачениот од гревот… Оче Свет, освети ме целиот: и умот, и срцето, и самото тело мое… јас згрешив пред Тебе, и сега умирам далеку од Тебе… прими ме по големината на Твојата милост и сострадание”.
Старец Софрониј Сахаров