Чесниот Крст како симбол и знак Христов
 
 
 
 
 

Чесниот Крст како симбол и знак Христов (16.04.2009)

Чесниот Крст е најсветиот знак и симбол на нашата вера. Сите свети Тајни се извршуваат со призивот на Светиот Дух и со печатот на Крстот: Крштението, Миропомазанието, Евхаристијата. Сите свештени благослови се во знакот на крстот. Светите храмови, светите садови и одежди се осветуваат со Чесниот Крст. Не може да се замисли литургиско дејство или собрание на верните без печатот на Чесниот Крст. Крстот е и најверниот пријател на секој православен христијанин, од моментот кога ќе се родиме па до нашата смрт. И гробот на секој христијанин се обележува со Крст. Знакот на крстот го ставаме на нашите гради, на нашите работни места, во нашите домови, во нашите автомобили, и како што пее Црквата: “Крстот е чувар на целата Вселена, Крстот е красота на Црквата, Крстот е утврдување на царевите, Крстот е поткрепа на верните, Крстот е слава на ангелите и рана за демоните”. Крстот е не само најсвет и најомилен, туку и најнезаменлив христијански симбол. Без него не може да се замисли Црквата на Распнатиот Христос. Затоа еретиците или не ја искажуваат должната почит кон Чесниот Крст (како што се Протестантите или Евангелистите), или целосно го одречуваат и го навредуваат (Јеховините сведоци). Во Старечникот е опишано како Јован Востринос, човек свет и со власт над нечистите духови, ги прашал демоните: „Кои работи кај христијаните најмногу ве плашат?” Тие му одговориле: „Од три работи се плашиме: од она што го носите околу вратот, од она со што се попрскувате во храмот и од она што го јадете на Литургија”. Тој пак ги прашал: „Од тие три нешта, од кое најмногу се плашите?”, а тие му одговориле: „Ако добро го пазите она со што се причестувате, никој од нас не би можел да му наштети на ниту еден христијанин.” Значи она од што најмногу се плашат демоните се: Крстот, Крштението и Причеста”.

 

Силата на Чесниот Крст

 

Благодатта и силата на Чесниот Крст не се должат на неговата форма, т.е. од самото тоа што е крст, туку на тоа дека е Крст Христов, средство преку кое Христос го спаси светот. Тоа е жртвеникот на којшто Христос се принесе Себеси жртва за целиот свет, како жртвоприносител и како жртва. Сето смирение, осиромашување, мака, болка, смртта што ги прими за нас, кулминираат на Крстот. На Крстот ја доживеа најдлабоката болка и унижување за нас. Заради нас стана клетва, за да нè ослободи од клетвата на гревот и на законот. Сето дело Христово, сето Негово човекољубие се резимира во Неговиот Крст. Свети Григориј Палама ни раскажува како некој иронично го запрашал еден од богоносните отци дали верува во Распнатиот, а тој му одговорил: Да, верувам во Тој што го распна гревот. На Крстот Богочовекот Христос ја разреши трагедијата на човековата слобода што ја предизвика непослушноста на првосоздадените, станувајќи „послушен дури до самата смрт, и тоа смрт на крст” (Фил. 2, 8) и повторно ја насочи нашата слобода кон нашиот Создател, кон Троичниот Бог. На Крстот ја победи смртта - “со смртта смртта ја победи” - со тоа што нашата смрт ја направи Своја смрт, и со Своето Воскресение ни подари живот и непропадливост. Преку Крстот нѐ помири со Бога Отецот и ни го подари отпуштањето на нашите гревови. На Крстот покажа на најуверлив начин дека нѐ љуби со бескрајна љубов, дури и во часот кога Го распнуваме. Преку Крстот нѐ собра и нѐ соедини во едно тело, нас претходно растурените чеда Божји, ги урна непробојниот ѕид што нѐ одделуваше и “во Себе создаде еден нов човек” (Еф. 2, 15). На Крстот ги очисти и ги освети небото, воздухот и земјата, бидејќи се распна под небото, се издигна во воздухот, а Неговата пресвета крв се пролеа на земјата. На Крстот принесе севкупна жртва за целата земја и очистување општо за целата човечка природа. Затоа и пострада надвор од градот и вон храмот Соломонов, како што забележува свети Јован Златоуст. На Крстот со Своето „издигнување исполнето со смирение”, како што вели една древна молитва, ја издигна и нашата природа којашто „преку лажното издигнување и суетно движење падна дури до адот”. На Крстот објави дека овој свет не е конечната реалност, туку е само пат кон конечната реалност, доколку во него крстоносносе бориме против нашиот егоизам. Така ја воспостави позитивната смисла на овој свет. На Крстот се откри Себеси како единствен добротвор и спасител, ослободител и животодавец на целиот свет, и дефинитивно го уништи делото на ѓаволот, неговите лукавства, прелести, силата и власта над луѓето. Затоа и ѓаволот „трепери и се плаши не поднесувајќи ја Неговата сила”. Крсната смрт победи смртта - “со смртта смртта ја победи” - со тоа што нашата смрт ја направи Своја смрт, и со Своето Воскресение ни подари живот и непропадливост.

 

Старец Георгиј Капсанис