Во нашата крсновоскресна Црква и ние стануваме крсновоскресни Христијани
 
 
 
 
 

Во нашата крсновоскресна Црква и ние стануваме крсновоскресни Христијани (17.04.2009)

                       

 

 

 

Да ја побараме денес благодатта од Распнатиот и Воскреснатиот Господ, за да не бидеме вовлечени од Антихристот. Да не ги одречуваме Неговиот Крст и нашиот крст, љубовта, духот на жртвата и принесувањето, смирението, трпението во страдањата, воздржанието, аскезата.

Особено во моментите кога егоизмот настојува да нѐ овлада да се впериме кон Распнатиот, како што и отруените Евреи во пустината правеле со бакарната змија.

Да ја распнеме на Неговиот Крст секоја наша егоистичка желба, секоја гревовна плотска страст, секое наше непослушание, секоја наша злоба и злопаметење, секое наше нетрпение, секој наш гнев и лутина, секое наше маловерие.

А ако од човечка слабост и негрижа паднеме и делуваме антикрсно, да се покаеме и преку покајанието да се вратиме во крстоносниот живот.

Да ја побараме за тоа и помошта на нашата Пресвета Богородица, која не само што не Го одврати својот Единороден Син од Крстот, туку и самата живееше крстоносно, и расудливо Му помагаше на нејзиниот Син во подигањето на Неговиот крст. Сега ни помага и нам во подигањето на нашиот сопствен крст, крст што води во Воскресение. Нашата Црква со премудрост нѐ тајнововедува во крсновоскресниот живот. Во нашата крсновоскресна Црква и ние стануваме крсновоскресни Христијани.

Хорот на светиите на нашата Црква е хор на распнати и воскреснати, на сораспнати и совоскреснати со Христа, коишто околу Закланиот Агнец на чело со Пресветата Богородица ја пеат новата песна. Тоа е вечната Пасха.

На таа Пасха сите нас нѐ повикува Христос преку Неговиот Крст.

 

Старец Георгиј Капсанис