Покајание
 
 
 
 
 

Покајание (25.04.2009)

Затоа, ниеден грешник не треба никогаш да се обезнадежи. Доволно е само да се покае, бидејќи неговите гревови се помалку од оние на ѓаволот. Човекот има и олеснителни околности бидејќи е направен од земја, а од невнимание може да се лизне и да падне во калта.

Немаме оправдание, ако не сакаме да се покаеме и да се исповедаме, и сакаме да останеме во калта. Има такви коишто бидејќи имаат впечаток дека повторно ќе паднат во истите гревови не се исповедуваат, што значи, над големата нечистотија додаваат уште поголема; додека пак, кога ќе ги извалкаат своите алишта ги перат и ги чуваат, а, кога ќе им се направат петна ги чистат.

Треба да знаеме дека и најдуховните луѓе уште го немаат осигурано својот живот. Затоа се држат самите себеси во сигурност Божја и се надеваат на Бога, обезнадежувајќи се само од своето јас, зашто егото со себе ја носи целата духовна несреќа. Затоа и монасите за да успеат духовно и за да помогнат повеќе, никогаш не велат: „Да го спасиме светот”, туку бесшумно се молат, за Бог да го спаси светот.

Следствено, монасите не се ниту мрзливци, ниту индивидуалци, ниту неуспешни луѓе, туку своеволно се откажуваат од световниот успех, за да успеат духовно. Значи монасите се добрите момчиња од Евангелието, коишто кога ги повикува Христос, не ги примамува ниту богатството, ниту младоста нивна, туку се жртвуваат и Го следат Христос со Крстот. На тој начин се здобиваат со бесценетиот Бисер, и не се занимаваат со суетноста на лажниот живот, бидејќи порано или подоцна сè ќе стане прав и ќе остане несреќна душата на оние што според световните мерила се успешни. Милостивиот Бог нека нè просветли и на сите да ни даде покајание, за да се удостоиме сите за Царството Небесно. Амин.

 

Старец Паисиј Светогорец