За волјата Божја и за слободата
 
 
 
 
 

За волјата Божја и за слободата (27.04.2009)

Големо е богатството да ѝ се предадеме на волјата Божја. Тогаш во душата е само Господ и нема друга мисла. И таа со чист ум Му се моли на Бог, и ја чувствува љубовта Божја, дури и да страда со телото.

Кога душата целосно ѝ се предава на волјата Божја, тогаш Самиот Господ почнува да раководи со неа. И душата учи непосредно од Бог, додека порано се раководеше од учители и од Писмото. Но, тоа ретко се случува, на душата да ѝ биде Учител Самиот Господ, со Својата благодат на Светиот Дух. И малкумина го знаат тоа. Само оние кои живеат според волјата Божја.

Горделивиот не сака да живее според волјата Божја. Тој сака самиот да се раководи себеси. И не разбира дека без Бог, на човекот не му е доволен само разумот, да управува со себеси. И јас, живеејќи во светот, кога уште не Го знаев Господ и Неговиот Свет Дух, и кога не знаев колку нè љуби Господ, се потпирав на својот разум. Но, кога преку Светиот Дух Го познав нашиот Господ Исус Христос, Синот Божји, тогаш мојата душа Му се предаде на Бог. И сè мачно што ми се случува, го примам и велам: “Господ ме гледа. Од што да се плашам?” А порано, не можев така да живеам.

На оној кој ѝ се предал на волјата Божја, многу му е полесно да живее, затоа што и во болест, и во беда, и во прогон, тој размислува: „Така Му е угодно на Бог, јас треба да трпам заради моите гревови”.

Еве мене многу години ме боли главата, и тешко ми е да трпам, иако тоа е полесно. Затоа што преку болест се смирува душата. Мојата душа огнено сака да се моли и да бдее, но ѝ пречи болеста. Оти болното тело бара покој и одмор. И јас многу Го молев Господ да ме исцели, но Господ не ме послуша. Значи, дека тоа ми е од полза.

А ете, ми се случи уште нешто, а Господ брзо ме услиши и ме спаси. Еднаш на празник на трпезата имаше риба. И кога јадев, ми влезе коска во грлото, многу длабоко, во градите. Го повикав светиот великомаченик Пантелејмон, барајќи да ме исцели затоа што лекар не може да ја извади коската од градите. И кога кажав: „исцели”, добив одговор во душата: „Излези од трпезаријата искашлај се, и коската ќе излезе заедно со крвта”. Така и направив: излегов, се искашлав и излезе голема коска со крв. И разбрав дека штом Господ не ми ја исцелува главата, значи дека тоа е полезно за мојата душа.

Најскапоцено од сè на светот е да се знае Бог и да се разбира барем делумно Неговата волја.

Душата што Го познала Бог, должна е во сè да ѝ се предаде на волјата Божја, и да живее пред Него во страв и во љубов. Во љубов бидејќи Господ е љубов. Во страв затоа што треба да се плашиме да не Го нажалиме Бог со некоја лоша помисла.

О, Господи, удостој нè со силата на благодатта на Светиот Дух, даживееме според Твојата света волја.

Кога благодатта е со нас, тогаш сме силни со духот. Но кога ја губиме, тогаш ја гледаме нашата немоќ. Гледаме дека без Бог ние не можеме ниту да помислиме нешто добро.

Милосрден Боже, Ти ја знаеш нашата немоќ. Те молам: дај ми го смирениот дух, оти заради Своето милосрдие Ти ѝ даваш на смирената душа да живее според Твојата волја. Ти ѝ ги откриваш сите Свои тајни. Ти ѝ даваш да Те познае Тебе, и колку бесконечно нè љубиш.

Како да дознаеме дали живееме според волјата Божја?

Еве како: ако тагуваш по што и да е, тоа значи дека не ѝ се предаде потполно на волјата Божја, иако можеби ти се чини дека живееш според волјата Божја.

Кој живее според волјата Божја, тој не се грижи за ништо. И кога му е потребно нешто, тогаш тој и себеси и тоа нешто Му го предава на Бог. И ако не го добие тоа што го бара, сепак останува спокоен како и да го добил.

Душата што ѝ се има предадено на волјата Божја, не се плаши од ништо: Ниту од закани, миту од разбојници, од ништо. Што и да се случува, таа вели: „Така Му е угодно на Бог.” Ако се разболи, мисли: значи дека ми е потребна болеста, инаку Господ немаше да ми ја даде.

И така, се чува мирот во душата и во телото.

Кој се грижи за самиот себеси, тој не може да ѝ се предаде на волјата Божја, така што неговата душа има мир во Бог. А смирената душа ѝ се предава на волјата Божја и живее пред Него во страв и во љубов. Во страв: да не Го нажали Бог со што и да било. Во љубов: оти душата позна колку нè љуби Господ.

 

Свети Силуан Атонски