Предиспозиции за обожението (28.04.2009)
Светите Отци велат дека во Црквата можеме да го постигнеме обожението. Меѓутоа, обожението е дар Божји, а не е нешто што го стекнуваме самите. Ние треба да сакаме, да се бориме (подвизуваме) и да се подготвуваме за да бидеме достојни, способни и приемчиви да го примиме и сочуваме овој голем Божји дар, бидејќи Бог не сака ништо да прави без нашата слобода. Затоа светите Отци велат дека ние го примаме обожението, а Бог го изведува.
Разликуваме некои неопходни предиспозиции (претпоставки) на патот на човекот кон обожението.
СМИРЕНИЕТО
Според Светите Отци, прва претпоставка за обожението е смирението. Без благословеното смирение човекот не може да се смести во орбитата на обожението, да ја прими Божјата благодат и да се соедини со Бог. Само за да препознае дека обожението е целта на неговиот живот, на човекот му е потребно смирение. Како ќе можеш без смирение да разбереш дека целта на твојот живот е надвор од тебе, т.е. дека е во Бог?
Кога човекот живее егоцентрично, човекоцентрично, тогаш се поставува себеси како центар и цел на својот живот. Верува дека може да се самоусоврши, самоопредели и самообожи. Бездруго, тоа е духот на современата култура, на современата философија, на современата политика. Сите овие имаат една цел: да направиме еден свет подобар, поправеден, но автономно, свет што ќе го има за центар човекот без обраќање кон Бог, без признавање дека Бог е извор на секое добро. Таа грешка ја направи и Адам којшто поверува дека само со своите сили може да стане бог, т.е. да се восоврши. Грешката на Адам ја прават сите хуманисти низ сите векови. Не ја сметаат за неопходна заедницата со Бог за восовршување на човекот.
Сè што е православно е Богоцентрично, за центар Го има Богочовекот Христос. Сè што е неправославно: протестантизмот, папизмот, масонството, хилијазмот, атеизмот и други, го има овој заеднички именител: центар е човекот. За нас центар е Богочовекот Христос. Затоа е лесно некој да стане (биде) еретик, хилијаст, масон или што било друго, но тешко е да стане (биде) православен христијанин. За да станеш (бидеш) христијанин треба да прифатиш дека центар на светот не си ти, туку Христос. Со други зборови, почетокот на патот кон обожението е смирението, т.е. да препознаеме дека целта на нашиот живот е надвор од нас, а дека е во нашиот Отец и Создател.
Смирението, исто така е потребно и за да видиме дека сме болни, дека сме полни со слабости и страсти.
Тој што ќе го започне патот кон обожението, треба да има непрестајно смирение за да се одржува на тој пат. Доколку ја прими помислата дека може да напредува со сопстевните сили, тогаш во него навлегува гордоста. Во тој случај го губи она што го задобил и потребно е повторно да почне од почеток, да се смири, да ја види својата слабост и да не се потпира на себеси. Потребно е да се потпира на благодатта Божја за да може постојано да се наоѓа на патот кон обожението.
Затоа во животот на светителите впечаток прави нивното големо смирение. Тие иако биле блиску до Бог, живееле во Неговата светлина, биле чудотворци, мироточиви, сепак истовремено за себе мислеле дека се многу ниско, дека се далеку од Бог и дека се најлоши од сите луѓе. Таквото нивно смирение ги направило богови по благодат.
Архимандрит Георгиј Капсанис