Аскезата (29.04.2009)
Светите Отци ни велат дека обожението има степени. Почнува од пониските и продолжува кон повисоките. Имајќи го смирението, со покајание и многу трпение ја започнуваме нашата секојдневна во Христа борба, т.е. подвигот за исполнување на светите Христови заповеди за да се очистиме од страстите. Исто така, светите Отци велат дека во Неговите заповеди се крие Самиот Бог и кога христијанинот од љубов и вера во Христос ги пази, тогаш се соединува со Него.
Според светите Отци тоа е првиот степен на обожението коешто се нарекува практично дејствување (пракса). Практичното дејствување е почеток на патот кон обожението. Нормално дека тоа воопшто не е лесно, бидејќи борбата за да се преобразат страстите во нас е голема. Потребен е голем напор, та полека полека, нашата внатрешна обрасната почва да се очисти од трњето и камењата на страстите и да се обработува духовно за да може да падне семето на словото Божјо и да донесе плод. Потребно е големо и постојано себепринудување заради сето тоа. Затоа Господ рече дека „Царството Божјо насила се зема и силните го грабаат“ (Мат. 11, 12). Светите Отци поучуваат: „Дај крв и прими Дух“, т.е. не можеш да Го примиш Светиот Дух ако не пролееш крв од твоето срце во борбата за да се очистиш од страстите, да се покаеш вистински и длабоко и да ги стекнеш добродетелите.
Сите, пак, добродетели се аспекти на едната и голема добродетел, а тоа е љубовта. Кога христијанинот ќе ја стекне љубовта, тогаш ги има сите добродетели. Љубовта е таа којашто ја изгонува од душата на човекот причината на сите зла и страсти, којашто, според Светите Отци е себељубието. Сите зла во нас извираат од себељубието коешто е болна љубов кон самите себе. Затоа нашата Црква ја има аскезата (подвигот). Без аскеза не постои духовен живот, ниту борба, ниту напредок. Ние сме послушни, постиме, бдееме, се трудиме со метании, стоења за да можеме да се очистиме од нашите страсти. Ако Православната Црква престане да биде подвижничка, тогаш престанува да е и праавославна. Престанува да му помага на човекот да се ослободи од неговите страсти и да стане бог по благодат.
Отците на Црквата имаат развиено големо и длабоко антрополошко учење за душата и страстите на човекот. Според нив, душата се состои од разумен и страствен дел. Страствениот дел ги содржи желбениот и дразбениот. Разумниот дел ги содржи разумните (умните) енергии на душата, т.е. мислите.
Дразбениот (чувствениот) дел се состои од позитивните или негативните чувства, љубовта или омразата. Желбениот дел се состои од добрите желби на добродетелите и лошите желби на задоволствата, уживањата, среброљубието, стомакоугодието, телесните страсти. Ако овие три дела на душата: разумниот, дразбениот и желбениот не се очистат, тогаш човекот не може да ја прми во себе благодатта Божја и да се обожи. Разумниот дел се очистува со трезвеноста. Што претставува постојано чување на умот од помислите, со задржувањето на добрите мисли и отфрлањето на лошите. Дразбениот дел, пак, се очистува со љубовта. Желбениот дел се очистува со воздржанието. Сите, пак, овие заедно се очистуваат и осветуваат со молитвата.
Архимандрит Георгиј Капсанис