Светите Тајни и молитвата (30.04.2009)
Христос се вселува во срцето на човекот преку Светите Тајни. Преку светото Крштение, Миропомазание, Исповед, Евхаристија (причестување). Кај православните христијани коишто се во заедница со Христос, Божјата благодат е во нив, во нивното срце, бидејќи се крстени, миропомазани, исповедани и причестени.
Меѓутоа, страстите ја покриваат Божјата благодат како што пепел покрива искра. Со аскезата (подвигот) и молитвата срцето се очистува од страсите и искрата на Божјата благодат повторно се запалува и верниот Го чувствува Христос во своето срце, коешто е центар на неговото битие.
Секоја молитва на Црквата помага во очистувањето на срцето. Меѓутоа, особено помага т.н. Исусова молитва која гласи: „Господи исусе Христе, помилуј ме грешниот“. Оваа молитва, што секогаш се предава на Света Гора, ја има оваа предност: бидејќи има само една реченица, ни помага лесно да го сконцентрираме нашиот ум. Концентрирајќи го умот, ние го нурнуваме во срцето и таму внимаваме да не се занимава со други работи или поими, ниту добри ниту лоши, туку само со Бог.
Подвигот во оваа срдечна молитва, која со благодаатта Божја со време станува постојана, е цела наука, свештена уметност којашто Светиите на нашата вера детално ја опишуваат во своите списи, како и во еден голем зборник на светоотечки текстови, во „Добротољубието“.
Оваа молитва му помага и го радува човекот. Кога христијанинот напредува во оваа молитва и истовремено неговиот живот е во согласност со светите Христови и на Црквата заповеди, тогаш се удостојува да прими искуство на благодатта Божја. Почнува да ја вкусува сладоста од заедницата со Бог, односно опитно ги спознава зборовите на псалмопевецот: „Вкусете и видете колку е благ (добар) Господ“ (Пс. 33, 9). За нас православните, Бог не е идеја што само ја замислуваме или нешто за кое зборуваме или читаме, туку Он е Личност со Која доаѓаме во жива и личносна заедница, нешто што го живееме.
Тогаш гледаме колку е голема и неискажлива среќа да Го имаме Христос во нас и да сме православни христијани.
Многу им помага на христијаните што се во светот среде различни грижи и обврски во текот на денот да најдат барем неколку минути мир (тишина) за да се подвизуваат во оваа молитва. Секако дека нив ги осветуваат и сите побожни активности и должности кога ги вршат со смирение и љубов. Меѓутоа, потребна е и молитвата. Во една мирна соба (уште подобро после читање некое духовно четиво или откако ќе го запалат кандилото пред иконите или ќе покадат со темјан), колку што може подалеку од грижите и вревата, и откако ќе се смират и од други мисли, да го нурнат умот во срцето кажувајќи ја молитвата „Господи Исусе Христе, помилуј ме грешниот (грешната)“. Колкав мир и сила црпат душите со оваа исихија во Бога! Колку ги зајакнува и во останатите часови од денот да се сочуваат мирни, без нервози, напнатост и страв, и да ги имаат сите свои сили во хармонија и единство!
Некои бараат краток душевен мир со технички средства на други места, прелестени и демонизирани, како што се луѓето во т.н. источни религии. Се обидуваат да најдат некој мир со надворешни подвизи, дијалог и слично. За да постигнат некаква рамнотежа на душата и телото. Грешката е во тоа што човекот кој се обидува да ги заборави различните мисли и материјалниот свет, всушност не прави дијалог со Бог, туку монолог со себеси. На тој начин завршува во човекоцентризам и се унесреќува.
Архимандрит Георгиј Капсанис