Оној што има совршено послушание, неговиот ум има совршена безгрижност (08.05.2009)
Околу поставеното прашање за молитвата, дете мое, доколку Старецот има познание во молитвата, не ти е основан стравот дека ќе се опрелестиш. Прави онака како што ти вели Старецот и ако благодатта те напушти или ти се враќа, не се растажувај, бидејќи на тој начин човекот се вежба да мисли смирено и да не е суетен. На почетокот, така му се случува на младенецот. Тешко тебе граду, чијшто цар е млад, вели Божественото Писмо. Тешко тебе душо, чијшто ум е почетник.
Умот, дете мое, не може да застане на едно место, особено кога е сè уште неопитен во духовните работи. Бара еден час читање, еден час пеење, еден час молчење. Кога човекот молчи, умот пронаоѓа можност да се занимава со разни теми што ги има прочитано во Светото Писмо. Значи, кога му го нудиш она што е доблесно и кога тоа му се допаѓа, умот добива сила, како што телото се оснажува од здравата храна. Ако, пак, го храниш со што ќе стигнеш, тогаш тој, наместо да се просветлува, се затемнува. Исто така, кога ќе се замори, бара одмор.
На тој начин се учи да го разликува доброто од злото. Така умот целиот станува светлина, прозрачен. Ја гледа чистотата на душата. Ги трпи искушенијата. Се умножува благодатта. Телото се очистува од страстите. Душата мирува. На крајот доаѓаат едно по друго, врзани како синџир, брзо и без многу труд бидејќи нивното постоење го овозможува совршеното послушание.
Оној што има совршено послушание, неговиот ум има совршена безгрижност. Значи, умот е економ на душата којшто ѝ носи храна, што и да му понудиш…
Кога има мир, му го даваш потребното. Умот го симнува тоа во срцето. Најпрво тој самиот се очистува од сите предрасуди што го обземаа во световниот живот. Се избиструва од животните грижи и кажувајќи ја умната молитва совршено ја смирува расеаноста. И тогаш сфаќаш дека се очистил. Бидејќи веќе нема потреба да скита по нечистотиите и лукавствата што ги видел и ги слушнал во светот. Потоа, преку молитвата влегувајќи и излегувајќи од срцето, го очистува патот и го исфрла секое лукавство, и нечистотија од срцето. Умот започнува војна со страстите и со демоните коишто години биле вгнездени во срцето без некој да знае за нив или да ги види. Сега, пак, кога умот ја досега чистотата – својата прва одежда – го согледува нивното постоење, при што лае како куче, ‘ржи, се бори со нив како господар и чувар на целиот разумен дел од душата. Имајќи го за оружје името Исус ги камшикува противниците сè додека не ги исфрли, во просторот околу срцето. И тие лаат како бесни кучиња. А пак, умот почнува да ја чисти сета нечистотија со којашто нè имаат осквернето демоните имајќи ја за сојузник нашата согласност што им ја имаме дадено за нивното злодејство. Тој упорно се бори со демоните за да ги исфрли, и да ги оддалечи од себеси. За да не му предизвикуваат немир, постојано се бори да ги исфрли надвор нечистотиите коишто демоните постојано ги уфрлаат. Потоа, како економ ја снабдува храната што е подобна за просветлувањето и здравјето на душата.
Во сето ова содејствува очистителната благодат. Зачуван е само оној што се бори под сенка, под покривот на послушанието. Зачуван е од благодатта на Старецот што ја презема грижата за неговата душа пред Бог. И малку по малку, доаѓа до благодатна преобразба.
И штом демоните целосно се изгонети надвор, се очистува срцето одвнатре и осквернувањето престанува. Умот се востоличува како цар над срцето, радосно како младоженец со невестата во брачната одаја. Таквата состојба создава радост, света, мирна и непорочна и молитвата ја кажува без напор. Тогаш благодатта дејствува слободно и му ги покажува ветените блага коишто треба да ги добие како награда ако совршено ги изврши своите задолженија. Тивок и мирен, примајќи ја благодатта бидува издигнат кон созерцание, согласно неговата приемчивост.
За човекот да ја достигне блажената љубов и совршеното бестрастие најзначајни се: стравот Божји, верата, совршеното послушание и себеодрекувањето. Злото воопшто да не допре до неговиот ум, туку од длабочината да повикува: „Ожедне душата моја за Тебе Боже мој, копнеам да дојдам и да го видам Твојот свет изглед”. Тогаш, смртта ја очекува жизнерадосно, та затварајќи ги земните очи ќе се отворат други, духовни, со коишто ќе гледа сè и ќе се радува на сè. Затоа, присили се дете мое, во блаженото послушание каде што постојат овие добра и живејте како една душа во многу тела, така што на вашиот Старец ќе му овозможите да биде слободен да се моли со сета своја душа, наполно радосен и весел. Ако, пак, вие сте недоследни и се лишувате од овие добра, и нему му натежнувате на душата, така што од тага изнемоштува, доближувајќи се до смртта.
Преку опит го вкусив духовниот плод и се уверив дека е многу благ. Јас не сум доживеал поголем спокој од совршеното послушание. Го погребав и мојот добар Старец најдувајќи мир преку неговите молитви.
Трудете се сега додека сте уште млади, за да ги жнеете плодовите на бестрастието во староста. Но, ако вложите доволен напор, бестрастието ќе го поседувате пред да паднете во длабока старост. Дваесетгодишниот опит ќе ви биде доволен. Ако пак не се присилите себеси, и годините на Метузалем да ги доживеете, духовните плодови нема да ги созерцате. Значи вршете си притисок и подражавајте го Старецот и поткрепувајте се заеднички во доброто, и ќе бидете сведок на таква неподвижност на страстите и мир во душата, како да сте внатре во рајот.
Старец Јосиф Спилеот