За покајанието (02.06.2009)
Мојата душа Те позна тебе, Господи, и јас му пишувам на Твојот народ за Твојата милост.
Не тагувајте, народи, оти ви е тешко да живеете. Борете се само против гревот и барајте Го Господ да ви помогне. И ќе ви помогне, бидејќи Он е милостив и ве љуби.
О, народи! Со солзи ги пишувам овие редови. Мојата душа сака да Го познаете Господ и да ги созерцувате Неговата милост и слава. Јас имам седумдесет и две години. И наскоро треба да умрам. И ви пишувам за милоста Господова, што Господ ми даде да ја познаам преку Светиот Дух. И Светиот Дух ме научи да ги љубам луѓето. О, ќе ве ставам на врвот од планината, за да можете од височината да Го видите кроткото и милостиво лице на Господ, и да се зарадуваат вашите срца. Ви ја кажувам вистината: Јас не знам ништо добро за себеси. И имам многу гревови, но благодатта на Светиот Дух ги избриша. Знам дека на оние што се борат против гревот, Господ не само што им дава простување, туку и благодат на Светиот Дух, којашто ја радува душата и ѝ дава длабок и сладок мир.
О, Господи, Ти го љубиш Своето создание. И кој може да ја разбере Твојата љубов, или да се наслади од неа, ако Самиот Ти не го научиш преку Твојот Свет Дух?
Те молам, Господи, прати им ја на Твоите луѓе благодатта на Светиот Дух, за да ја познаат твојата љубов. Стопли ги ожалостените срца на луѓето. Нека Те слават во радост заборавајќи ги земните маки.
Утешителу благ, со солзи Те молам, утеши ги нажалените души на Твоите луѓе. Дај им на народите да го слушнат Твојот сладок глас: „Ти се простуваат гревовите”. Да, Господи, во Твојата власт е да правиш чуда. И не постои поголемо чудо од тоа да се љуби грешникот во неговиот пад. Светиот е лесно да се љуби: тој е достоен. Да, Господи, услиши ја молитвата на земјата. Сите народи се мачат. Сите живеат во грев. Сите се лишени од Твојата благодат и живеат во темнина.
О, народи, и сета земјо да повикаме кон Бог, и нашата молитва ќе биде услишена. Оти Господ се радува кога луѓето се каат. И сите небесни сили нè чекаат, за и ние да се насладиме од љубовта Божја, и да ја видиме убавината на Неговото Лице.
Свети Силуан Атонски